Што најпрво ќе направам кога ќе помине корона вирусот? (ДЕЛ 1)

Не размислував многу на оваа тема, но почувствував колку ми фалат некои работи откако се затворија кафулиња, теретани, хотели, па почнаа полициски часови, па „бомбардирање“, цело време, со вести за вирусот и многу други работи.

Покрај тоа, како и сите вие, што сакаме ова час поскоро да помине, имам и други желби со кои си ја лечам сегашната носталгија за тоа што ни’ се промени секојдневието. И, таа моја желба, или желби, не е нешто особено или нешто големо. Тоа е повторно дел од обичниот мој живот. Нешто што е толку обично, но дури сега разбирам колку ми фали и колку на сите нас ни значи.

Ајде, на кратко да ви кажам како го замислувам првиот ден по корона вирусот…

Замислувам….

Замислувам дека е работен ден. Тој прв ден откако секоја опасност е далечна (тоа можеби и никогаш нема да се случи, да не постои апсолутно никаква опасност).

Посакувам тој ден да е стандарден, типичен за моето секојдневие. Кога станувам околу 6 и 50 часот, ја земам стандардната доза на овошје и во 7 и 50 тргнувам кон општина Крушево. На работното место.

Замислувам тој ден, околу 9 и 30 часот да испијам Еспресо во голема шолја во пицерија Скар. Едно од стандардните места за најубаво кафе. Тие 10 минути често пати се најдобриот дел од денот, кога имам прилика да поразговарам со пријателот и да начнеме теми кои треба да ги завршиме по 16 часот.

Потоа, денот тече тековно до 16 часот.

Завршувам околу 16 часот и замислувам ручек со домашните. Од 17 до 19 работам на обврските поврзани со мастер студиите.

Потоа го шетам крушевското џаде. Односно тоа е еден „потег“ од влезот на град Крушево, покрај местото кое ние крушевчани го викаме „Кај клупата“ од каде што дење кристално се гледа Пелагонија, а ноќе се истакнува Кривогаштани кое според светлата изгледа на крст. Застанувам на 5 минути тука и правам едно „Инста стори“. Продолжувам до хотел Монтана Палас и го гледам целиот осветлен, со автомобили паркирани пред објектот, што значи дека хотелот се подготвува за гости, додека тивко ветре ме милува на лицето.

Продолжувам понатаму. Го одминувам хотел Илинден, споменикот Питу Гули и се упатувам кон жичарницата и „Гумење“… Продолжува

Пишува: Сотир Габелоски

*Текстот е пишуван на почетокот на април, 2020

ИСТОРИЈА НА КРУШЕВО ДЕЛ 3: Култура, литература, вековна традиција

Продолжение на ИСТОРИЈА НА КРУШЕВО ДЕЛ 2: Економскиот развој на Крушево

Култура

Во однос на културата во Крушево, важно е да се споменат неколку важни настани:

– 1769 година кога Власите од Москополе на чело со поп Томо ги донеле нивните икони и книги и ја основале црквата св. Никола, првично изградена во периодот помеѓу 1770 и 1780 година, а првите служби биле на грчки јазик. Со доаѓањето на Мијаците, кои биле најпознати ѕидари, почнале да се градат камени и цврсти згради, па така црквата св. Никола била обновена во 1831 година. 
– Во 1837 година црквата св. Никола била зографисана и бил завршен убавиот иконостас од даборез во ореово дрво кој бил изработен од познатиот резбар Петре Гарката и неговиот син кои биле Мијаци, а една година претходно, во 1836 година бил изграден манастирот св. Спас, во близина на Крушево.
– Истата година 1837 во Крушево имало седум свештеници. Некои од нив биле и учители кои одржувале настава во црквата и учеле на псалтир и наусница. Подоцна наставата ќе се одржува во приватни куќи се до изградбата на училиштата.
– Во 1860 година во Крушево веќе имало класно училиште со машки и женски ученици, каде доаѓале и ученици од Битола и Прилеп. Основното училиште и прогимназијата во тој период се издржувал од приходите родителите на учениците и од подароците на богатите трговци и занаетчии.

Интересен е да се спомене фактот дека речиси сите дојдени Власи во Крушево знаеле да зборуваат повеќе јазици, што им помогнало во понатамошно културно издигнување. Самиот факт што многу крушевчани во првата половина на деветнаести век биле титулирани со “почетни”, “почтенородни”, “благородни”, “кир”, “чорбаџии”, и “стопани” ја покажува не само нивната стопанска, туку и нивната културна вредност. Во Крушево имало лица кои се интересирале и претплатувале на новоиздадени книги. Тогаш малку книги биле издавани и малку лица се интересирале за новоиздадените книги, но од Крушево честопати и ало претплатници.

Ние уживавме во нашето заедничко патешествие низ историјата на Крушево. Ајде, заедно да продолжиме!!!

ИСТОРИЈА НА КРУШЕВО ДЕЛ 2: Економскиот развој на Крушево

Продолжува од ИСТОРИЈА НА КРУШЕВО ДЕЛ 1: Градот прв пат се спомнува уште во 15 век

Што се однесува до стопанскиот развој…

Во минатото во Крушево имало три пазарни денови: понеделник, четврток и сабота. Претежно се продавале сточарски производи, кои се носеле и во Битола, Скопје, Скадар, Солун, Кавала и Цариград.

Во втората половина на деветнаесет век, Власите оделе на гурбет – печалба како трговци, анџии, касапи, златари, терзии итн. Влашките трговци во деветнаесет век стигнале до Виена, Будимпешта, Букурешт, Цариград, а подоцна оделе и во САД и Канада. Сето ова придонесувало и за стопанскиот развој на Крушево како град.

Тука како позначајни настани можат да се одбележат:

– 1832 година кога му бил издаден ферман (дозвола) на Стреју Ничота од Крушево со кој му се одобрувало тргување по копно и по море со Европа, Индија и Персија.
– 1850 година, спомнат е извесен Јанаки од Крушево кој долги години престојувал во Каиро занимавајќи се со трговија.
Во деветнаести век постоеле шест познати и богати трговски куќи во сопственост на крушевчани во Виена, Солун, Белград, Софија, Букурешт и Будимпешта.

Занаетчиство

Во однос на занаетчиството и неговиот развој во Крушево, може да се спомне дека доселените Власи биле познати кујунџиии, самарџии, казанџии и калајџии кои изработувале ѓумови, мангали, бокали, чаши, бразлетни и друг накит, а познати биле и по обработката на волна од која изработувале батании, килими и слично. Како такви биле спомнати во “Кодикот на манастирот Трескавец”. Мијаците пак, биле најпознати ѕидари, столари, резбари, копаничари, зографи, самарџии и друго. 

Постојат податоци за силно развиено занаетчиство во Крушево во деветнаесет век. Значајни се следните настани:

– 1834 година, за кога постојат податоци дека во Битола се носело сапун од Крушево кој бил со добар квалитет за тоа време.
– 1836 година кога бил издаден берат (дозвола) на браќата Симо и Стерју од Крушево со кој им било дадено право само тие да прават свеќи од лој и да ги продаваат, а подоцна и други ја добиле таа дозвола.

Многу занаетчии од Крушево во тоа време се преселиле во други градови низ Македонија како и надвор од Македонија, каде стекнале богатство и се развиле во угледни чорбаџии.

Последните чевлари во Крушево, Мики Јусуфи и синот Кочо

Кираџилак

Познато е дека во деветнаесет век Власите и Македонците од Крушево, оделе оделе на гурбетчилак (печалба) прво во Битола, Солун, Скопје, Сер, а потоа и во Цариград, Софија, Белград, Букурешт и други европски градови.Влашките трговци, занаетчии и печалбари придонесле да се доизгради чаршијата во многу балкански и средноевропски градови и играле видна улога во нивниот јавен и културен живот.

Од местата каде што патувале пак, во Крушево донеле нови идеи, нов начин на живот, изградиле убави куќи и го претвориле Крушево во напреден и цивилизиран град, кој во ништо не заостанувал зад другите балкански и европски градови.Крушевските кираџии со коњи пренессувале: кожи, пастрма, брашно, зејтин, вино и други производи.

Во деветнаесет век Стерја Гута од Крушево со карвани одел дури до Романија, а Дика Гога со 150-300 коњи вршел транспорт помеѓу Битола, Скадар, Драч, Тирана, Јанина, Лариса, Солун и други градови.

Имаме уште многу да ви кажеме, затоа продолжете кон третито дел…

ИСТОРИЈА НА КРУШЕВО ДЕЛ 1: Градот прв пат се спомнува уште во 15 век

Крушево е град кој се наоѓа на западната планинска периферија на Битолско-Прилепската котлина Пелагонија (на исток), помеѓу градовите Прилеп, Битола, Македонски Брод и Кичево. Поточно се наоѓа на надморска висина од 1250 метри. Самата положба на градот претставувала добра стратегиско-одбранбена позиција во времето на Отоманската Империја.

За името на Крушево е позната легендата за овчарот кој го носел на пасење своето стадо и заноќил под една круша во планината и според тоа градот кој се создал подоцна на истото место го добил името Крушево. Климата во градот е влажна, планинска, со снег во зима и без големи горештини во лето.

Крушево како град се оформил во осумнаести век, а настанал многу порано. Така на пример, Крушево во стари документи се спомнува уште во далечната 1467 година, во состав на зеаметот на Хусеин-Бег како мезра (празно место кое било давано во посед на некој спахија, со цел да го насели), заедно со Прилеп и триесет и едно околно село.

Дефинитивно, за развивање на Крушево во град најмногу придонеле двата доселувачки налети на Власите во осумнаести век, или поточно во 1769 година и во 1788 година кои бегајќи од зулумите на Али-Паша Јаниски се населиле во Крушево а дошле од Москополе, Грамос, Епир и Тесалија. Овие доселеници, по занимање главно биле сточари и занаетчии, кои подоцна многу придонеле за побрз стопански развој на Крушево. 

Други позначајни настани кои се забележани во старите списи се:
– 1831 година кога Крушево било ограбени од поразените бунтовници на Мустафа-Паша од Скадар, подвлекувајќи се преку Крушево за Албанија, после изгубената битка кај Прилеп, но после тоа Крушево брзо се опоравува,

– 1858 година кога Крушево го посетува австрискиот патеписец Хан кој во своите писанија забележал дека Крушево во тој период имало 1400 куќи, 13 цркви, 32 хана и 10 ковачници кои изработувале потковица и клинци. 

Населението во Крушево се состоело претежно од Власи (кои порано учествувале дури со деведесет проценти од вкупното население). Тие главно биле сточари кои од Москополе го донеле нивното културно градско богатство и навики. Истовремено со Власите, во Крушево се доселиле и група на Мијаци – македонско население од западниот дел на Македонија кои биле најпрочуени балкански градители на цркви и куќи, потоа тајфи на копаничари, фрескоживописци во кои се уште живеел генот на византиската цивилизација. 

Со доселувањето на ова население, во Крушево постепено се оформиле дванаесет маала. Најстаро е Влашко маало кое се наоѓа во централниот дел на градот. Други позначајни маала се: Струга и Буша (источно), Арбинеш (западно), Мијачко и Горно маало (северно), како и Череш и Ѓупско маало (јужно). Потоа сеоформиле и градската чаршија, плоштадот, црквите и ановите. 

Историјата на Крушево е навистина богата, затоа продолжи кон вториот дел од оваа „рекапитулација“ на историјата на градот

Krusevo Advisor

Krusevo Advisor

error

Уживате во нашиот сајт? Споделете да дознаат и другите. :)