ИСТОРИЈА НА КРУШЕВО ДЕЛ 2: Економскиот развој на Крушево

Продолжува од ИСТОРИЈА НА КРУШЕВО ДЕЛ 1: Градот прв пат се спомнува уште во 15 век

Што се однесува до стопанскиот развој…

Во минатото во Крушево имало три пазарни денови: понеделник, четврток и сабота. Претежно се продавале сточарски производи, кои се носеле и во Битола, Скопје, Скадар, Солун, Кавала и Цариград.

Во втората половина на деветнаесет век, Власите оделе на гурбет – печалба како трговци, анџии, касапи, златари, терзии итн. Влашките трговци во деветнаесет век стигнале до Виена, Будимпешта, Букурешт, Цариград, а подоцна оделе и во САД и Канада. Сето ова придонесувало и за стопанскиот развој на Крушево како град.

Тука како позначајни настани можат да се одбележат:

– 1832 година кога му бил издаден ферман (дозвола) на Стреју Ничота од Крушево со кој му се одобрувало тргување по копно и по море со Европа, Индија и Персија.
– 1850 година, спомнат е извесен Јанаки од Крушево кој долги години престојувал во Каиро занимавајќи се со трговија.
Во деветнаести век постоеле шест познати и богати трговски куќи во сопственост на крушевчани во Виена, Солун, Белград, Софија, Букурешт и Будимпешта.

Занаетчиство

Во однос на занаетчиството и неговиот развој во Крушево, може да се спомне дека доселените Власи биле познати кујунџиии, самарџии, казанџии и калајџии кои изработувале ѓумови, мангали, бокали, чаши, бразлетни и друг накит, а познати биле и по обработката на волна од која изработувале батании, килими и слично. Како такви биле спомнати во “Кодикот на манастирот Трескавец”. Мијаците пак, биле најпознати ѕидари, столари, резбари, копаничари, зографи, самарџии и друго. 

Постојат податоци за силно развиено занаетчиство во Крушево во деветнаесет век. Значајни се следните настани:

– 1834 година, за кога постојат податоци дека во Битола се носело сапун од Крушево кој бил со добар квалитет за тоа време.
– 1836 година кога бил издаден берат (дозвола) на браќата Симо и Стерју од Крушево со кој им било дадено право само тие да прават свеќи од лој и да ги продаваат, а подоцна и други ја добиле таа дозвола.

Многу занаетчии од Крушево во тоа време се преселиле во други градови низ Македонија како и надвор од Македонија, каде стекнале богатство и се развиле во угледни чорбаџии.

Последните чевлари во Крушево, Мики Јусуфи и синот Кочо

Кираџилак

Познато е дека во деветнаесет век Власите и Македонците од Крушево, оделе оделе на гурбетчилак (печалба) прво во Битола, Солун, Скопје, Сер, а потоа и во Цариград, Софија, Белград, Букурешт и други европски градови.Влашките трговци, занаетчии и печалбари придонесле да се доизгради чаршијата во многу балкански и средноевропски градови и играле видна улога во нивниот јавен и културен живот.

Од местата каде што патувале пак, во Крушево донеле нови идеи, нов начин на живот, изградиле убави куќи и го претвориле Крушево во напреден и цивилизиран град, кој во ништо не заостанувал зад другите балкански и европски градови.Крушевските кираџии со коњи пренессувале: кожи, пастрма, брашно, зејтин, вино и други производи.

Во деветнаесет век Стерја Гута од Крушево со карвани одел дури до Романија, а Дика Гога со 150-300 коњи вршел транспорт помеѓу Битола, Скадар, Драч, Тирана, Јанина, Лариса, Солун и други градови.

Имаме уште многу да ви кажеме, затоа продолжете кон третито дел…

Share on:
Krusevo Advisor

Krusevo Advisor

error

Уживате во нашиот сајт? Споделете да дознаат и другите. :)