ИСТОРИЈА НА КРУШЕВО ДЕЛ 1: Градот прв пат се спомнува уште во 15 век
Крушево е град кој се наоѓа на западната планинска периферија на Битолско-Прилепската котлина Пелагонија (на исток), помеѓу градовите Прилеп, Битола, Македонски Брод и Кичево. Поточно се наоѓа на надморска висина од 1250 метри. Самата положба на градот претставувала добра стратегиско-одбранбена позиција во времето на Отоманската Империја.

За името на Крушево е позната легендата за овчарот кој го носел на пасење своето стадо и заноќил под една круша во планината и според тоа градот кој се создал подоцна на истото место го добил името Крушево. Климата во градот е влажна, планинска, со снег во зима и без големи горештини во лето.
Крушево како град се оформил во осумнаести век, а настанал многу порано. Така на пример, Крушево во стари документи се спомнува уште во далечната 1467 година, во состав на зеаметот на Хусеин-Бег како мезра (празно место кое било давано во посед на некој спахија, со цел да го насели), заедно со Прилеп и триесет и едно околно село.
Дефинитивно, за развивање на Крушево во град најмногу придонеле двата доселувачки налети на Власите во осумнаести век, или поточно во 1769 година и во 1788 година кои бегајќи од зулумите на Али-Паша Јаниски се населиле во Крушево а дошле од Москополе, Грамос, Епир и Тесалија. Овие доселеници, по занимање главно биле сточари и занаетчии, кои подоцна многу придонеле за побрз стопански развој на Крушево.

Други позначајни настани кои се забележани во старите списи се:
– 1831 година кога Крушево било ограбени од поразените бунтовници на Мустафа-Паша од Скадар, подвлекувајќи се преку Крушево за Албанија, после изгубената битка кај Прилеп, но после тоа Крушево брзо се опоравува,
– 1858 година кога Крушево го посетува австрискиот патеписец Хан кој во своите писанија забележал дека Крушево во тој период имало 1400 куќи, 13 цркви, 32 хана и 10 ковачници кои изработувале потковица и клинци.
Населението во Крушево се состоело претежно од Власи (кои порано учествувале дури со деведесет проценти од вкупното население). Тие главно биле сточари кои од Москополе го донеле нивното културно градско богатство и навики. Истовремено со Власите, во Крушево се доселиле и група на Мијаци – македонско население од западниот дел на Македонија кои биле најпрочуени балкански градители на цркви и куќи, потоа тајфи на копаничари, фрескоживописци во кои се уште живеел генот на византиската цивилизација.
Со доселувањето на ова население, во Крушево постепено се оформиле дванаесет маала. Најстаро е Влашко маало кое се наоѓа во централниот дел на градот. Други позначајни маала се: Струга и Буша (источно), Арбинеш (западно), Мијачко и Горно маало (северно), како и Череш и Ѓупско маало (јужно). Потоа сеоформиле и градската чаршија, плоштадот, црквите и ановите.
Историјата на Крушево е навистина богата, затоа продолжи кон вториот дел од оваа „рекапитулација“ на историјата на градот…