When in Krusevo 2024 ќе биде за најнеприметливите, само тимската работа носи успех

Добредојде за Димитар Ангелкоски – препознатливото име со кое се врзува фестивалот на отворено When in Krusevo. За околу еден месец ќе се дружиме во Крушево на новото издание со ново развиен концепт и компонента која ќе ве привлече да земете учество.

Но, да не зборуваме ние, туку да му дозволиме на Димитар да ни’ каже повеќе за фестивалот.

When in Krusevo 2024

Advisor: Кој е концептот за фестивалот за годинава? Можеме ли да очекуваме нешто ново? Има ли нешто ексклузивно да споделиш со нас?

Димитар: Како што изминуваат годините веќе можете да забележите дека има премногу настани и фестивали низ држвата споредбено со годините кога започнавме со When in Krusevo. Со тоа се зголемува нашиот предизвик да бидеме поиновативни и поразлични од другите. Фестивалот е присутен веќе осма година и секоја година даваме се’ од себе да понудиме нешто ново, се разбира во рамките на нашите можности. Нашата пракса е да ги задржиме омилените активности на учесниците, а воедно да понудиме и нешто ново и различно од останатите. Со оглед на тоа дека досега направивме доста за промоција на нашиот град, оваа година решивме освен тоа да оставиме и нешто видливо за нашите крушевчани. За оние најранливите, најнеприметливите.

When in Krusevo е закажан за 05.07-07.07.2024 година со нови млади сили, но и со хуманитарен карактер и посебен фокус на инклузивност на маргинализираните групи. Тоа што можеме да ви го споделиме најексклузивно е соработка со нови поддржувачи и спонозри на фестивалот, оние со големо срце и душа кои несебично застанаа позади нашата идеја. Во соработка со Донирај компјутер планираме да донираме околу 20 компјутери на семејствата од Крушево кои имаат згрижено деца со посебни потреби, исто така ќе донираме и пакети со храна, а предвидено е од секоја продадена онлајн карта да одвоиме 100 денари за најмалку едно социјално ранливо семејство од нашиот град. Имаме уште идеи кои се надеваме во наредниот период дека ќе ги реализираме. Затоа и би сакале да апелираме до сите оние ентузијасти и вљубеници на Крушево кои сакаат да помогнат или да се вклучат на било кој начин, слободно нека не’ исконтактираат.

Програма за When in Krusevo 2024

Advisor: Како се роди идејата за When in Krusevo и што е тоа што овој фестивал го прави толку посебен?

Димитар: Идејата за фестивалот се роди од нашиот главен иноватор Антонио, а ние останатите како тим веднаш ја прифативме и мислам дека до ден денес одлично ја одржуваме и спроведуваме. Посебноста на When in Krusevo е тоа што самиот фестивал  е направен со многу љубов, ентузијазам и енергија. И мислам дека е еден од ретките фестивали во Македонија кој вклучува толку многу активности, забава, дружење, а воедно и огромен придонес за нашиот град. Она што малкумина го знаат е дека без разлика што фестивалот трае само три дена, истиот Крушево го става на мапата на најатрактивна туристичка локација во државата. Она што е особено значително за истиот е тоа што дополнително придонесува на приватното сместување, угостителските објекти, малите локални продавници како и огромна промоција на културните знаменитости на нашиот град. По наша иницијатива крушевското езеро ја доби денешната атрактивност и убавина, за која придонесовме со реконструкција на двата моста, поставување на корпи за отпадоци, како и иницијатива за инфраструктурно подобрување на самата локација.

Advisor: Што научивте како тим изминатите неколку изданија?

Димитар: Според мене тимското работење е клучно за опстанок на овој фестивал. Без разлика кој колку придонесува за него. Мислам дека треба да ја задржиме само позитивната мисла и енергија, а најважно е секогаш да бидеме подготвени за нови идеи и критики, без кои не можеме да бидеме подобри.

Тимот кој го организира When in Krusevo

Advisor: Твојата омилена активност/содржина/детаљ од фестивалот? Сигурно имаш и ти како организатор? 😁

Димитар: Јас како љубител на планините и велосипедот, најмногу се радувам на планинарските и велосипедските тури. Но, искрено целиот концепт на фестивалот го сакам премногу затоа што секоја ситница е приказна за себе. Одите на Крушевското Езеро, гледате кампери кои уживаат во мирот, на Мечкин Камен „врие“ адреналин со најдобрите наши параглајдеристи, вечерните журки ги собираат на едно место младите и старите, а детските игри се посебно катче за најмладите.

Advisor: Имаме еден предизвик за тебе. Дали ветуваш дека твојот син ќе го наследи фестивалот и по некои 15,20 години ќе ја преземе организацијата 😜? Ова прашање го поставувам затоа што сакам да ти честитам за Јан и да посакам вашето синче да биде здраво и живо, но и да ги запознаеме читателите дали и каде долгорочно го гледате When in Krusevo?

Димитар: Ти благодарам но за тоа ќе мора да го прашаш Јан за 15, 20 години 😊 Мојата цел како родител е да му ги пренесам високите вредности, љубовта кон мојот роден град Крушево и нормално секогаш да биде човек кој ќе ги почитува и ќе им помага на другите. Од него самиот зависи во која насока ќе одлучи да му се движи животот. А се додека ја имаме поддршката и помошта за When in Krusevo толку долгорочно и ќе трае истиот, без разлика дали сум јас или некој друг.

Колку убав разговор, за еден настан кој ни’ влезе во крвта и прераснува во традиција.

Картите се пуштени во продажба. Купете си на следниот линк.

Со секој билет добивате и уникатно дизајнирана маичка од Зоран Кардула.

Се гледаме во Крушево !

Share on:

Мулар: Guitar Fest е во чест на татко ми, музиката и Крушево

Advisor: Јубилејно издание на P.S. Guitar Fest. Што има на овогодинешната програма и дали ова издание е поразлично од претходните?

  • Како што напомена, оваа година ќе се одржи јубилејното 15-то по ред издание на П.С.Гитар-фест Крушево. Фестивалот и оваа година ќе се одржи во спомен куќа Тодор Проески од 31.05.-02.06.2024 година. На 31.05.2024  во 20:00ч фестивалот ќе го отвори гитаристот и професор по гитара Дарко Багески со неговите гости Дуото “Балкан” кое го сочинуваат Луна Пилиќ и Матеј Детаљ.

    Иако до сега сме имале учесници кои одржувале концерти од различни стилови на музиката како и интересни музички перформанси каде што секогаш гитарата била во прв план, за оваа година, како поразлична од претходните, би напоменал декаа ќе имаме концерт  каде што ќе се спојат двете гитари на Дејан Лазаревски и Горан Тенев со женскиот младински хор “Менада” под дирегентската палка на Маестро д-р Ивица Зориќ. Концертот е закажан за 01.06.2024 во 20:00ч. Овие исклучителни уметници специјално за ова јубилејно издание на фестивалот подготвија многу интересен реперотоар на композиции.

    Фестивалот ќе биде затворен на 02.06.2024 во 12:00ч со концерт на учесниците на летната школа за гитара која се одржува во рамки на самиот фестивал, под менторство на м-р Васко Пиличев.
P.S. Guitar Fest 2023

Advisor: Што те мотивираше да ја продолжиш организацијата на фестивалот кој го започна твојот татко и наш легендарен сограѓанин Христо Христоски Мулар? Дали е само оддавањето чест или тука спаѓа и посветување внимание на вредноста на музиката и уметноста?

  • Пред се , главната мотивацијата за одржување на сега веќе традиционалниот П.С. Гитар-фест, беше аманетот оставен од мојот татко Христо Христоски-Мулар, кој за жал почина во 2017 година. Со самото негово одржување на некој начин му се оддава почит за се што има направено за промоција на гитарата, а и музиката како уметност воопшто.

    Исто така, би додал дека една од мотивациите за одржување на фестивалот е и самата промоција на градот Крушево, како град на историја, култура и уметност.

    Кога сме кај промоцијата на фестивалот и градот Крушево, би сакал да напоменам дека оваа година од 15-19.05.2024 бевме поканети на јубилејниот 25-ти по ред Гитар-Арт Фестивал кој се одржува секоја година во Белград, Р.Србија. Во рамки на самиот фестивал беше одржано 9-то по ред издание на АСЕГ (Асоцијација на класични гитаристи на југоисточна европа) каде што членуваат 11 земји, а имавме можност да го промовираме нашиот фестивал П.С.Гитар-фест и секако градот Крушево како место каде што истиот се одржува.
P.S. Guitar Fest во Белград, Србија

Advisor: Кој е Христо Христоски-Мулар? Татко, уметник, првиот учител на Тоше, носител на манифестацијата „Десет дена Крушевска Република“?

  • Христо Христоски-Мулар пред се е мојот татко, човек кој беше вљубен во гитарата, музиката, јогата и Крушево. Христо како гитарист, композитор и музиколог има издадено две цедиња со класична гитара, збирка на “110 македонски фолкорни бисери”, серијал од шест едиции на влашки песни. Исто така е и познат како првиот музички учител на нашата музичка икона Тоше Проески за кој ја има компонирно и неговата прва песна на влашки јазик “Паплу амел” со која настапи на Златно Славејче. Во последните неколку години од својот живот пишуваше школа за гитара со која сакаше да им помогне на младите на што полесен и поедноставен начин да ги совладаат тајните на гитара, но за жал не успеа да ја издаде.

Advisor: Како сметаш дека Крушево треба да му се оддолжи на Христо Христоски-Мулар за сиот придонес за културата во Крушево, уметноста, музиката, манифестацијата „Десет дена Крушевска Република“ и друго?

  • Како фамилија сме благодарни што Градот Крушево во 2018 година му оддаде почит на Христо со доделување постхумно осмо-септемвриска плакета за заслужен граѓанин на градот Крушево. Исто така постхумно му е доделена плакета за заслуги од страна на манифестациајта “Десет дена Крушевска Република” која тој ја водеше долги години.

    Периодов сме во исчекување на конечен одговор од градот Крушево, дали ќе биде прифатена иницијативата од влашкото здружението “Тихе”, младинскиот културен центар во Крушево да го носи неговото име, како знак на благодарност за целиот негов придонес во музичкото и културно наследство на градот, а пред се во помагањето на младите кои преку него го имаа првиот допир со музиката.
Перо Мулар(лево), Петар Чулиќ, Антина Мулар, сопруга на Перо Мулар(десно)

Advisor: Кажи ни нешто повеќе за тебе. Како твои сограѓани знаеме дека си играл пинг понг, но својот живот го продолжуваш во Скопје каде што се насочуваш на друга кариера. Кој е Перо Мулар?

Перо Мулар: На кратко за мене. Целата младост ја поминав во Крушево, тука завршив основно и средно образование. Во 2006 година  се запишав на економскиот факултетет во Прилеп каде што ја завршив првата година, а потоа од втора година се префрлив на П.М колеџ во Белград, Р.Србија каде што и дипломирав во 2010 година и се здобив титула Проектен менаџер. Во 2011 година се преселив во Скопје каде што и живеам моментално со мојата сопруга и мојот син. Тринаесет години работев во финансискиот сектор, поточно во една од комерцијалните банки, а од неодмна поточно од март оваа година почнав да работам во логистика.

На крај, би сакал да ви се заблагодарм за ова интервју и посакувам голем услех на вашиот виртуелн туристички водич.

Се заблагодаруваме за издвоеното време и убавите желби. Наша чест беше да поразговараме со синот на Христо Христоски-Мулар и се приклучуваме на иницијативата младинскиот културен центар во Крушево да го носи името на познатиот гитарист, уметник и крушевчанец Христо Христоски-Мулар.

Share on:

Ставре Јада ни раскажува за почетоците и успесите во спортот

Тимот на Викенд во Крушево направи интервју и со нашиот познат спортист Ставре Јада, па тој со задоволство ни одговори на нашите прашања.

Пред се, го прашавме кога е роден и со што се занимава моментално? Па ни одоговори: – ,,Јас сум Ставре Јада, роден сум 18.05.1998 год. во Битола, моментално се занимавам со најтешкиот спорт на светот, а тоа е нордиско скијање и биатлон.”

Покрај спортот, дали студираш и што студираш? – ,, Покрај спортот, студирам на Факултетот за физичка култура спорт и здравје во Скопје, во средно не бев некој јак ученик но кога завршив прво што сакав е да се запишам на факултет и сега за сега добро ми оди. ”

Следно, кога почна да се занимаваш со овој спорт, па тој ни одговори дека со нордиско скијање почна занимава пред 8 години, поточно кога имал 14 години.

Го прашавме, зошто баш нордиско скијање? – ,,Уште од мал гледав постојано нордиско скијање (трчање) и го сакав тој спорт. Со текот на времето во мене се јави голема желба да започнам со овој спорт. Татко ми ми кажуваше дека е доста напорен и тежок, но јас бев на тој став да започнам да тренирам.”

Во кои држави се имаш натпреварувано? – ,, Се имам натпреварувано во сите балкански држави: Македонија, Србија, Бугарија, Босна, Хрватска, Романија, Турција, Грција, Словенија потоа од европските држави сум се натпреварувал во:Австрија, Италија, Швајцарија, Словачка, Шведска, Норвешка, Финска, Полска, Естонија, Украина, Чешка, Германија и Јужна Кореа.”

Потоа, кој натпревар ти останал најмногу во сеќавање, па ни одговори дека имал доста натпревари досега, но натпревар кој ќе остане секогаш во неговото сеќавање е последната трка пред Олимпијадата во 2018 год. во Словачка (Штрбско Плесо), каде на последниот ден од класификациите за Олимпијада успеал да оствари А-олимписка норма.

Колку први, втори и трети места имаш освоено? – ,, Имам освоено 22 први места, 20 втори места и 13 трети места на Балкански натпревари во нордиско скијање и биатлон, но веќе и не ми се важни овие медали на балканските натпревари, веќе ги вкусив. Сега се стремам кон поголеми европски натпревари а зошто да не и медал од еден поголем натпревар. ”

Следно, сподели со нас интересен настан од некој натпревар? – ,,Скоро и да нема некои интересни случки во моите натпревари (трки), но нешто што ќе остане можеби засекогаш врежано во мојата душа ќе биде последното Светско јуниорско првенство во биатлон за мене оваа година во февруари месец во Швајцарија (Лензерхајде), каде на трката на 15км индивидуален старт заради моите 2 грешки на стрелиштето и многу бавното темпо за време на стрелањето загубив 6-то место за кое бев спремен и тоа ќе беше мојот најголем успех во досегашната кариера, но продолжувам напред веќе во сениорска категорија. ”

Дали во иднина мислиш да се занимаваш со овој спорт? – ,, Да, во иднина мислам да продолжам со овој спорт, имам голема мотивација, тренирам напорно, голема поддршка од домашните, од федерацијата, од Македонскиот олимписки комитет, од Агенцијата за млади спорт, поддршка од мојот град Крушево, во 2022 година следува нова Олимпијадата во Пекинг (Кина)  за која веќе од сега се подготвувам, потоа 2026 година Милано и Кортина д’Ампецо (Италија) а доколку ме послужи здравје зошто да не и на следната олимпијада во 2030-година. ”

На прашањето дали во некои моменти посакуваше да се откажеш на некој натпревар или општо од спортот, ни одговори: – ,, Да за време на олимпискиот циклус односно квалификациите за Олимпијадата во Пјонг Чанг 2018год на некои летни натпревари (ролер-ски) и неколку зимски натпревари посакував да се откажам, посакував и да се тргнам од овој спорт засекогаш, но немав храброст да го направам тој чекор затоа што во мене имаше голема љубов кон овој спорт. Олимпискиот циклус ќе го запаметам засекогаш по многу лоши работи и препреки кои ми се случија пред да ја остварам А-олимписката норма и да отидам во Јужна Кореа.”

Која држава ти оставила најголем впечаток и зошто, беше нашето следно прашање. ,,Најголем впечаток ми оставила Австрија  а поточно планинското градче (Обертилијах) каде секоја година имам подготовки на снег и секако натпревари, мало планинско градче во кое се чувствувам како да сум дома, температурите таму се доста ниски преку зимата се наоѓа на надморска височина од 1650 метри.”

Како последно прашање, дали мислиш дека спортот со кој се занимаваш го промовира Крушево? И како го промовира? – ,, Сметам дека мојот спорт го промовира Крушево, нордиското скијање има долга историја, отсекогаш во Крушево имало нордиски скијачи, посебна промоција прават летните ролер ски натпревари кои од година во година растат се повеќе и има се поголема конкуренција.”

Тимот на Викенд во Крушево ти се заблагодарува за одвоеното време и за краткото интервју, па ни останува само да ти посакаме уште многу први места и успех во спортот и на секое поле од животот.

Share on:

По завршувањето на средното училиште се знаеше дека останувам со изучување на музиката, ни раскажа Пеце Христоски.

Нашиот сограѓанин Пеце Христоски е наставник по музичко образование во нашиот град, а нас ни беше задоволство да направиме кратко интервју со него.

Па погледнете ги неговите одговори и кои интересни работи ги сподели со нас.

Пред се, го прашавме кога е роден и со што се занимава моментално? ,,Имам 32 години и моментално предавам како наставник по музичко образование во ОУ ,,Никола Карев” во Крушево како и во гимназијата СОУ ,,Наум Наумовски-Борче” . Во слободно време сум активен со проби и настапи со бендот ,,Марифет .”

Потоа, од кога се занимаваш со музика? Па тој ни одговори: – ,,Со музика сум од најмали години, а се сеќавам дека првата песничка ја свирев и ја научив на седум години. Со сите би рекол скромни услови за музичка наобразба кои може да ни ги понуди едно мало гратче како што е нашето и времето во кое растев, во кое интернетот не беше воопшто достапен мислам основата која ми ја покажа мојот татко беше сосема доволна за почеток. ”

И него го запрашавме каква музика слуша, па како одговор следеше: – ,,Нема да звучи како клише затоа што навистина слушам секаква музика. Најчесто се насочувам според потребите кога треба да се сработи некаков проект за во училиштето или бендот. Дефинитивно најголем предизвик ми е џез музиката. И покрај обврските пробувам најпрво да се наслушам (да ја осознаам) и да ја разберам за да можам да ја применувам. Повторно и оваа е поврзано со моментот да дојдам до ниво за да можам да ја практикувам. ”

Го прашавме во кои други бендови/групи бил до сега? – ,, Првите седум години ги поминав во ,, Фантастик бенд”. После две или три години настапувавме како дуо заедно со Велко Николоски. Негова беше идејата да направиме нешто посериозно со бенд и продолжив во ,,Инвиктус”. Последно започнав соработка со колегите од ,,Црешово топче”, меѓутоа во ист период ме контактираа колегите од Прилеп на кои им требаше клавијатурист и се одлучив да продаолжам со нив, така да еве две и пол години сум со ,,Група Марифет”.

Освен во група Марифет, дали настапуваш и со други групи или поедини музичари? – ,,Работата и во слободно време проби и настапи со група ,,Марифет” целосно ми го исполнуваат секој работен ден па и викендите. Постои колегијалност помеѓу музичарите и соработуваме или си помагаме во дадени ситуации или одредени проекти онолку колку ни дозволува преостанатото време. Во овие услови во кои се најдовме со вонредната состојба и корона вирусот снимаме кавер верзија на познати хитови, па тоа е уше еден од начините со кој што покажуваме дека соработуваме меѓусебно. ”

Следно, дали постојат познати личности, странски и наши кои ти служат како инспирација или некој бенд можеби? – ,,Ги има многу. Од познати инструменталисти до пејачи, странски и наши. Едноставно луѓе кои пред се се надградувале музички како созревале со текот на годините. Мора да го истакнам бендот Тото. Не знам, едноставно нивната музика е тоа што мене ме исполнува најмногу. И во нивното 40 годишно постоење и творење се гледа тоа постојано усовршување во секој поглед. Пред 2 години имаа концерт во Скопје во спортскиот центар тогашниот Борис Трајковски. Незаборавно искуство, перфектен звук, врвни музичари и еуфорија која се навраќа секогаш кога се потсетуваме на тој настап. ”

Го запрашавме како започнала приказната со музиката, па ни раскажа: ,, Од како знам за мене сум со инструментите, со клавијатурата и со музиката. Од татко ми имав инструменти на куп па некако се подразбираше дека ќе се определам да се занимавам со музика. Од основното училиште до средното во Битола кое многу ми е мило што го завршив на инструменталниот отсек- труба. Понатаму се знаеше дека останувам со изучувањето на музиката. ”

Ни раскажа интересна случка која се случила за време на некој настап со групата или при самостоен настап. – ,, Случки има безброј. Држбата со луѓе секогаш носи нови моменти и ситуации. Можам да се присетам на една приватна забава во Порта Џез во Битола, мислам дека беше некоја годишнина од матура. Еден од гостите дојде до нас на бината. Се затрча, биквално скокна и се фрли во публиката. Најпрво се исплашивме бидејќи пред се заради тоа што беше ненадејно, неочекувано, а и ризично по неговата безбедност. На раце го пречекаа другарите па подоцна раскажаа дека тоа му била веќе проверена и извежбана атракција, која ја практикувале на сите нивни заеднички собири. ”

Нас ни преостанува само да се заблагодариме за ова интервју со Пеце и му посакуваме успеси на секое поле во животот.

Share on:
Krusevo Advisor

Krusevo Advisor

error

Уживате во нашиот сајт? Споделете да дознаат и другите. :)