Што најпрво ќе направам кога ќе помине корона вирусот? (ДЕЛ 2)

Продолжува од: Што најпрво ќе направам кога ќе помине корона вирусот? (ДЕЛ 1)

Пристигнувам пред жичарницата и маркетот Џокере. Очигледно е дека имало движење и жичарницата се подготвува за работа. Тоа ќе биде вистинска атракција за туристите кои ќе ја користат жичарницата и во лето.

Продолжувам нагоре. Продолжувам да го „газам“ крушевското џаде, односно главната улица.

Се поздравувам со пријатели, се сретнуваме со гости од други градови, ги минувам продавниците и се довикуваме со луѓето од истите.

Доаѓам пред местото „Гумење“, уште едно историско место во Крушево. Чувствувам мирис на вкусни традиционални јадења од Крушевска Одаја.

Пред мене осветлена е спомен куќата „Тодор Проески“ и чекорм кон Крушевско Езеро пред да тргнам за назад, кон центарот на Крушево.

Веќе сум во центарот. Се слушаме со другарот на телефон и ми кажува дека е веќе во пицерија Скар.

Седнуваме таму и го правиме првото „селфи“. Го објавуваме со опис: „Повторно сме назад. На старото место. #Рестарт“. И, навистина! Се’ се враќа на старото вистинско место. Повторно сме во Скар. Се смееме, пиеме чај и потоа нарачуваме топено сирење, пица или пита „Скар“.

Околу 23 часот веќе сме дома. Го отворам лап топот и продолжувам со читање на материјалите од мастер студиите. Во 1 часот „се одјавувам“ и повторно можам јас, а и сите ние, да се псоветиме на нашето стандардно секојдневие, на нашите амбиции, нашата работа, нашиот убав живот.

Вака ќе изгледа првиот ден по завршување на оваа криза, а вашиот?

#ЗаштитиСе #ОдНасЗависи

Сотир Габелоски

Share on:

Што најпрво ќе направам кога ќе помине корона вирусот? (ДЕЛ 1)

Не размислував многу на оваа тема, но почувствував колку ми фалат некои работи откако се затворија кафулиња, теретани, хотели, па почнаа полициски часови, па „бомбардирање“, цело време, со вести за вирусот и многу други работи.

Покрај тоа, како и сите вие, што сакаме ова час поскоро да помине, имам и други желби со кои си ја лечам сегашната носталгија за тоа што ни’ се промени секојдневието. И, таа моја желба, или желби, не е нешто особено или нешто големо. Тоа е повторно дел од обичниот мој живот. Нешто што е толку обично, но дури сега разбирам колку ми фали и колку на сите нас ни значи.

Ајде, на кратко да ви кажам како го замислувам првиот ден по корона вирусот…

Замислувам….

Замислувам дека е работен ден. Тој прв ден откако секоја опасност е далечна (тоа можеби и никогаш нема да се случи, да не постои апсолутно никаква опасност).

Посакувам тој ден да е стандарден, типичен за моето секојдневие. Кога станувам околу 6 и 50 часот, ја земам стандардната доза на овошје и во 7 и 50 тргнувам кон општина Крушево. На работното место.

Замислувам тој ден, околу 9 и 30 часот да испијам Еспресо во голема шолја во пицерија Скар. Едно од стандардните места за најубаво кафе. Тие 10 минути често пати се најдобриот дел од денот, кога имам прилика да поразговарам со пријателот и да начнеме теми кои треба да ги завршиме по 16 часот.

Потоа, денот тече тековно до 16 часот.

Завршувам околу 16 часот и замислувам ручек со домашните. Од 17 до 19 работам на обврските поврзани со мастер студиите.

Потоа го шетам крушевското џаде. Односно тоа е еден „потег“ од влезот на град Крушево, покрај местото кое ние крушевчани го викаме „Кај клупата“ од каде што дење кристално се гледа Пелагонија, а ноќе се истакнува Кривогаштани кое според светлата изгледа на крст. Застанувам на 5 минути тука и правам едно „Инста стори“. Продолжувам до хотел Монтана Палас и го гледам целиот осветлен, со автомобили паркирани пред објектот, што значи дека хотелот се подготвува за гости, додека тивко ветре ме милува на лицето.

Продолжувам понатаму. Го одминувам хотел Илинден, споменикот Питу Гули и се упатувам кон жичарницата и „Гумење“… Продолжува

Пишува: Сотир Габелоски

*Текстот е пишуван на почетокот на април, 2020

Share on:

Денот на ослободување на херојско Крушево

На 8-ми септември секоја година, по повод денот на независноста на Република Македонија и денот на ослободување на Крушево локалната самоуправа, Манифестацијата НКС „Десет дена Крушевска Република“ и во соработка со угостителскиот сектор организираат целодневна забавна програма.

Марш до Мусица, 2018

Во рамки на одбележувањето на овој ден се организира пешачка тура од манастирот Св. Преображение, до планинскиот врв Мусица, а во вечерните часот забава под отворено небо.

Во 2019 година во соработка и со Еурофарм аптеки настапи Кристина Арнаудова, додека во 2018-та, како првенче на одбележувањето на овој ден, настапија групата Шербет и ди џеј Марио Еди.

Share on:

Како до побогат социјален живот во Крушево?

Социјалниот живот во Крушево некогаш знаел да биде навистина на ниско ниво. Без кафулиња, вечерни забави, ресторани, спортски игралишта, култура и различен тип на настани кои се исклучиво посветени на слободното време и неформалното образование. 

Денес Крушево има неколку кафулиња и во нив се организираат вечерни и ноќни забави кои кај младите пробудуваат најголем интерес. Во тој дел Крушево во последно време доби на разноликост и поголема можност. Крушевските локали „Планет“ и „Old School Krusevo“ во пракса се покажале и како добра опција за туристите, кои исто така ги посетуваат.

Во овој дел на социјален живот и искористување на слободното време не изостануваат рестораните, како и хотелот Монтана Палас со новоотворениот хотел Панорама Спа, но, да не се лажеме, пиењето кафе и викенд забавите не се и во никој случај не треба да бидат единствен „извор“ на социјален живот.

Новите спортски игралишта, едно повеќенаменско и две тениски, се уште една опција за младите во Крушево, заедно со крушевската спортска сала која е целосно реконструирана, опремена и со дополнителни содржини. 

Тука мора да се спомене и целосно реконструираниот ски центар Крушево кој оваа зима беше најпопларното место и за младите и за туристите.

Но, на Крушево му се потребни дополнителни активности, кои ќе отворат повеќе опции за туристите и ќе го збогатат социјалниот живот на младите крушевчани. Покрај реконструкцијата на спортската сала општина Крушево како дел ооспособи велосипедски патеки во должина од 42 километри.

Тука не смееме а да не го споменеме културниот живот на Крушево, за кој досега младите во повеќе наврати покажале самоиницијативност за директно вклучување во креирањето на културниот живот. Повторно, културниот живот и не е така импресивен, но со реконструкцијата на горната училишна зграда се очекува младите да си го добијат своето место во граѓанскиот активизам, спортот и збогатување на културниот живот. 

Горна училишна зграда по реконструкцијата

Дел од социјалниот живот е и работата на невладините организации, особено на Младински Сојуз – Крушево чија таргет група се исклучиво младите. Преку проектите Youth Friendly City и Dive Deper into Social Entrepreneurship како и настанот од европски рамки Меѓународната младинска конференција која секој септември 16 години по ред се одржува во Крушево оваа младинска организација му помага на Крушево да биде дел од модерните процеси, а на младите да им овозможи современо неформално образование. И секако, да го збогати нивниот социјален живот.

Share on:
Krusevo Advisor

Krusevo Advisor

error

Уживате во нашиот сајт? Споделете да дознаат и другите. :)