Како до побогат социјален живот во Крушево?
Социјалниот живот во Крушево некогаш знаел да биде навистина на ниско ниво. Без кафулиња, вечерни забави, ресторани, спортски игралишта, култура и различен тип на настани кои се исклучиво посветени на слободното време и неформалното образование.
Денес Крушево има неколку кафулиња и во нив се организираат вечерни и ноќни забави кои кај младите пробудуваат најголем интерес. Во тој дел Крушево во последно време доби на разноликост и поголема можност. Крушевските локали „Планет“ и „Old School Krusevo“ во пракса се покажале и како добра опција за туристите, кои исто така ги посетуваат.

Во овој дел на социјален живот и искористување на слободното време не изостануваат рестораните, како и хотелот Монтана Палас со новоотворениот хотел Панорама Спа, но, да не се лажеме, пиењето кафе и викенд забавите не се и во никој случај не треба да бидат единствен „извор“ на социјален живот.
Новите спортски игралишта, едно повеќенаменско и две тениски, се уште една опција за младите во Крушево, заедно со крушевската спортска сала која е целосно реконструирана, опремена и со дополнителни содржини.
Тука мора да се спомене и целосно реконструираниот ски центар Крушево кој оваа зима беше најпопларното место и за младите и за туристите.

Но, на Крушево му се потребни дополнителни активности, кои ќе отворат повеќе опции за туристите и ќе го збогатат социјалниот живот на младите крушевчани. Покрај реконструкцијата на спортската сала општина Крушево како дел ооспособи велосипедски патеки во должина од 42 километри.
Тука не смееме а да не го споменеме културниот живот на Крушево, за кој досега младите во повеќе наврати покажале самоиницијативност за директно вклучување во креирањето на културниот живот. Повторно, културниот живот и не е така импресивен, но со реконструкцијата на горната училишна зграда се очекува младите да си го добијат своето место во граѓанскиот активизам, спортот и збогатување на културниот живот.

Дел од социјалниот живот е и работата на невладините организации, особено на Младински Сојуз – Крушево чија таргет група се исклучиво младите. Преку проектите Youth Friendly City и Dive Deper into Social Entrepreneurship како и настанот од европски рамки Меѓународната младинска конференција која секој септември 16 години по ред се одржува во Крушево оваа младинска организација му помага на Крушево да биде дел од модерните процеси, а на младите да им овозможи современо неформално образование. И секако, да го збогати нивниот социјален живот.