When in Krusevo – светот на адреналинот на едно место

Кога ќе се спомне градот Крушево денес, една од првите асоцијации покрај параглајдингот кој веќе зеде голем замав во последните неколку години, е летниот фестивал на отворено добро познат како „When in Krushevo“. Идејата која за прв пат се реализира во месец август 2017 година е на неколку млади ентузијасти – крушевчани, која е прифатена и поддржана од сите млади луѓе во Крушево.

„When In Krushevo“ денес претставува атракција. Се одржува секоја година во летниот период, на Крушевското Езеро каде се поставува кампинг зона по сите стандарди и има бројни активности преку денот, како на пример рекреативни тури – пешачење, планинарење, планински велосипедизам, оф роуд тури во крушевската околина, кајакарење на крушевското езеро и уште многу други активности каде секој од учесниците може да се пронајде и да учествува во дел од нив. Во последните години поради зголемен интерес фестивалот е застапен и со зимско издание кое се одржува на ски терените во Крушево.

Организаторите Пеце, Ѓоко, Димитар, Влатко и Антониот (од лево кон десно)

Во бројните активности, неизоставен дел се и музејските тури и запознавање со богатата историја на градот, како и културна програма – ноќни концерти на отворено во близина на самата кампинг зона каде можат да се видат голем број на македонски и странски изведувачи. Одлика на секој аутдор фестивал е и адреналинот. Секој кој го сака овој вид на забава, има можност да проба тандем параглајдинг со повластени цени за време на фестивалот. За гурманите пак, се нуди можност да ја пробаат богатата и вкусна крушевска трпеза.

Зошто е значаен фестивалот за градот?

„When In Krushevo“ е фестивал од светски калибар. Во светот веќе одамна се застапени разни алтернативни форми на туризам. Самата идеја за ваков вид на дружба и забава е многу значајна од причина што кај нас досега ова се уште не е многу популаризирано, а нашата држава и градот Крушево имаат голем потенцијал и природни услови за нејзин развој. Ако досега Крушево беше познато само како зимска дестинација, со овој фестивал градот полека прераснува и во летна посакувана дестинација кај многу туристи кои сакаат да избегаат барем на еден викенд од градските гужви, метежот и високите температури.

Концептот на фестивалот истовремено е значаен и во економска смисла. Поддршката на ваквите настани директно ја зајакнува локалната економија која понатаму е клучен двигател на општиот економски развој на државата. Ако порано кога сме сакале да видиме нешто вакво сме морале да одиме негде во странство, сега ја имаме истата таа можност кај нас со тоа што парите ги трошиме дома и помагаме во идниот развој на вакви настани.

Секогаш е убаво да се патува и да се запознаваат нови места и нови култури, но уште поубаво е кога добро ќе се познава сопствената држава, а тоа се учи со посета и поддршка на локални настани. Од друга страна, секој локалец треба да е амбасадор на својот град, да го промовира во секоја смисла со што ќе се подобрува сликата за градот кај туристите. Само така ќе се постигне поголема посетеност и оној кој бил еднаш и е задоволен од тоа како си поминал, сигурно ќе се врати пак, а и ќе раскажи на своите блиски.

Се гледаме горе, пријатели, на следното „When in Krushevo“.

Наум Прешоски

Share on:

Проект на неделата: Европски куп во параглајдинг Крушево 2019

Пролетниот европски параглајдинг куп – Крушево 2019 беше еден од најголемите настани во Крушево минатата година кој ја прошири туристичката сезона.

Се одржа во месец мај со учесници од цела Европа, а го организираше општина Крушево со поддршка на Хели ХЦ клубот и во рамки на проектот Кругот на адреналинот – развој на авантуристички туризам во Крушево.

Овој настан и целиот проект имаше за цел да ја збогати туристичката понуда на Крушево со посебен фокус на авантуристичките и активни туристи.

Пролетен куп Крушево 2019 – ден 4

Во моментот на одржување на Европскиот параглајдинг куп проектот беше прогласен за проект на неделата.

Пролетен Меѓународен Куп Крушево 2019“ – Еднонеделна авантура на небото над Мечкин Камен за сите љубители на параглајдерството. Го зацврстуваме #Крушево на мапата на храбрите заљубеници на височините од целиот свет. Meѓународниот куп е поддржан од #LRCP со средства обезбедени од Европската Унија, Владата на Република Северна Македонија и Општина Крушево.
#ЕУзаТЕБЕ #Tуризам #ПотпроектНаНеделата #ОпштинаКрушево – стои во објавата на официјалната Фејсбукс трана на Проектот за регионална конкурентност во чии рамки се имплементираа купот и целиот проект.

Годинава, параглајдинг натпреварите се очекува за продолжат од август, а до тогаш во Крушево доаѓаат многу рекреативци кои го користат полетиштето на Мечкин Камен за да летаат над градот и Пелагонија.

Share on:

Со смртта на чевларот Габел изумре дел од занаетот

Пред нешто повеќе од 1 месец, на 16-ти мај, одбележавме една година од смртта на мојот чичко Ѓорѓи (Јоргу) Габелоски (Габел) и еден од бастионите на чевларството во Крушево. Со неговата смрт покрај големата загуба за нас како негови роднини, неговите пријатели, познаници загубија градот и занаетот.

На 16.05.2019г. го загубивме чичко Јоргу на точно 70-годишна возраст, а празнината ја чувствуваме сите. Како да се зголемува од ден во ден…

Беше еден од најактивните чевлари во градот. Работејќи од 7 часот наутро, па се до 21:00, со мала пауза за ручек, чичко ми беше чувар на чевларскиот занает во градот. Денес, една година по неговата смрт, во Крушево се активни две чевларници, од кои само еден можеме да го сметаме за секојдневно активен.

Дуќанот на чевларот Јоргу Габел се наоѓаше во центарот на градот, веднаш спроти пицеријата Скар. Самата локација го правеше овој занает уште поистакнат пред посетителите. Како што многу луѓе минуваа така можеа низ прозорецот да го видат на дело работењето на чевларот Габел. Тој не криеше ништо од надворешната публика и затоа следењето на неговата работа беше уште поинтересно и поинтригирачко.

Чевларскиот заедно со многу други занаети во Крушево се во изумирање затоа што наследници нема. Од туристичка гледна точка овој и многу други занаети се вистинска атракција за посетителите, а за крушевчани тоа е непроценлива вредност. Во минатото постоеле безброј занаети, а денес само неколку.

Така што, со загубата на овој човек самиот занает во Крушево почувствува голема загуба. Чевларството во градот има многу мал број приврзаници чија иднина не ветува многу.

Со загубата на чевларот Габел умре голем дел од занаетот во Крушево…

Сотир Габелоски

Share on:

Уживање на вода, природа и чист воздух – Крушевско Езеро, едно поинакво искуство

Сакате ли да уживате на вода, а истовремено да сте опкружени со прекрасна природа и свеж планински воздух? Тогаш дефинитивно ова место е вистинскиот избор за вас!

Крушевското езеро е вештачка акумулација која е создадена во шеесетите години на минатиот век, на месноста позната меѓу крушевчани како “Габелово”, каде претходно имало базен. Езерото се наоѓа во непосредна близина на спомен куќата на Тоше Проески, на неполни два километри од центарот на градот и во последните неколку години станува се поатрактивна и попосетена дестинација. Tоа се должи на неколку фактори кои придонесуваат за посетеноста на овој локалитет.

Прво, заради тоа што водата е природна и чиста и е погодна и за капење. Второ, заради тоа што Крушевското Езеро е богато со многу видови на риби и има одлични услови за развој на спортски риболов. Во последните десетина години, крушевчани вложуваат во развој на овој предел.

Просторот околу езерото е уреден со пешачка и велосипедска патека, скари, клупи и осветлување кои нудат можност за рекреативно трчање и пешачење, возење велосипед, излет преку денот, како и вечерни прошетки околу езерото.

Просторот над самото езеро е исто така уреден за љубителите на спортот и спортските активности. Изградено е повеќенаменско игралиште на одлична локација, а во близина има и фитнес зона. Најнова работа што е направена последниов месец е целосна реконструкција и асфалтирање на патот до крушевското езеро, со што е олеснет пристапот и се создадени услови за викенд зона, која е планирано да се гради во иднина.

Уште еден многу значаен факт кој никако не смее да се испушти е тоа што на крушевското езеро неколку години со ред се одржува аутдор фестивалот “When in Krusevo” – идеја на група млади крушевски ентузијасти. На самото езеро, за време на фестивалот се поставува кампинг зона, која се прави по сите стандарди, а на просторот на игралиштето се одржуваат ноќни концерти на отворено на кои настапуваат голем број на познати македонски и странски музички имиња и од година во година се повеќе се зголемува бројот на посетители. Фестивалот содржи и многу денски активности на самото езеро, како на пример часови по јога, кајакарење и слично. Со еден збор, светски настан кој придонесе за развојот на крушевското езеро и општо на градот Крушево.

Сакате ли следно ваше искуство да ви биде токму ова? Тогаш посетете го Крушевското Езеро и поминете си мирно и релаксирано, со скара и пиво или па адреналински и возбудливо за време на фестивалот “When In Krushevo”. Звучи примамливо, нели? 

Пишува: Наум Прешоски

Share on:
Krusevo Advisor

Krusevo Advisor

error

Уживате во нашиот сајт? Споделете да дознаат и другите. :)