When in Krusevo – светот на адреналинот на едно место

Кога ќе се спомне градот Крушево денес, една од првите асоцијации покрај параглајдингот кој веќе зеде голем замав во последните неколку години, е летниот фестивал на отворено добро познат како „When in Krushevo“. Идејата која за прв пат се реализира во месец август 2017 година е на неколку млади ентузијасти – крушевчани, која е прифатена и поддржана од сите млади луѓе во Крушево.

„When In Krushevo“ денес претставува атракција. Се одржува секоја година во летниот период, на Крушевското Езеро каде се поставува кампинг зона по сите стандарди и има бројни активности преку денот, како на пример рекреативни тури – пешачење, планинарење, планински велосипедизам, оф роуд тури во крушевската околина, кајакарење на крушевското езеро и уште многу други активности каде секој од учесниците може да се пронајде и да учествува во дел од нив. Во последните години поради зголемен интерес фестивалот е застапен и со зимско издание кое се одржува на ски терените во Крушево.

Организаторите Пеце, Ѓоко, Димитар, Влатко и Антониот (од лево кон десно)

Во бројните активности, неизоставен дел се и музејските тури и запознавање со богатата историја на градот, како и културна програма – ноќни концерти на отворено во близина на самата кампинг зона каде можат да се видат голем број на македонски и странски изведувачи. Одлика на секој аутдор фестивал е и адреналинот. Секој кој го сака овој вид на забава, има можност да проба тандем параглајдинг со повластени цени за време на фестивалот. За гурманите пак, се нуди можност да ја пробаат богатата и вкусна крушевска трпеза.

Зошто е значаен фестивалот за градот?

„When In Krushevo“ е фестивал од светски калибар. Во светот веќе одамна се застапени разни алтернативни форми на туризам. Самата идеја за ваков вид на дружба и забава е многу значајна од причина што кај нас досега ова се уште не е многу популаризирано, а нашата држава и градот Крушево имаат голем потенцијал и природни услови за нејзин развој. Ако досега Крушево беше познато само како зимска дестинација, со овој фестивал градот полека прераснува и во летна посакувана дестинација кај многу туристи кои сакаат да избегаат барем на еден викенд од градските гужви, метежот и високите температури.

Концептот на фестивалот истовремено е значаен и во економска смисла. Поддршката на ваквите настани директно ја зајакнува локалната економија која понатаму е клучен двигател на општиот економски развој на државата. Ако порано кога сме сакале да видиме нешто вакво сме морале да одиме негде во странство, сега ја имаме истата таа можност кај нас со тоа што парите ги трошиме дома и помагаме во идниот развој на вакви настани.

Секогаш е убаво да се патува и да се запознаваат нови места и нови култури, но уште поубаво е кога добро ќе се познава сопствената држава, а тоа се учи со посета и поддршка на локални настани. Од друга страна, секој локалец треба да е амбасадор на својот град, да го промовира во секоја смисла со што ќе се подобрува сликата за градот кај туристите. Само така ќе се постигне поголема посетеност и оној кој бил еднаш и е задоволен од тоа како си поминал, сигурно ќе се врати пак, а и ќе раскажи на своите блиски.

Се гледаме горе, пријатели, на следното „When in Krushevo“.

Наум Прешоски

Share on:
Krusevo Advisor

Krusevo Advisor

error

Уживате во нашиот сајт? Споделете да дознаат и другите. :)