Со смртта на чевларот Габел изумре дел од занаетот
Пред нешто повеќе од 1 месец, на 16-ти мај, одбележавме една година од смртта на мојот чичко Ѓорѓи (Јоргу) Габелоски (Габел) и еден од бастионите на чевларството во Крушево. Со неговата смрт покрај големата загуба за нас како негови роднини, неговите пријатели, познаници загубија градот и занаетот.
На 16.05.2019г. го загубивме чичко Јоргу на точно 70-годишна возраст, а празнината ја чувствуваме сите. Како да се зголемува од ден во ден…

Беше еден од најактивните чевлари во градот. Работејќи од 7 часот наутро, па се до 21:00, со мала пауза за ручек, чичко ми беше чувар на чевларскиот занает во градот. Денес, една година по неговата смрт, во Крушево се активни две чевларници, од кои само еден можеме да го сметаме за секојдневно активен.
Дуќанот на чевларот Јоргу Габел се наоѓаше во центарот на градот, веднаш спроти пицеријата Скар. Самата локација го правеше овој занает уште поистакнат пред посетителите. Како што многу луѓе минуваа така можеа низ прозорецот да го видат на дело работењето на чевларот Габел. Тој не криеше ништо од надворешната публика и затоа следењето на неговата работа беше уште поинтересно и поинтригирачко.
Чевларскиот заедно со многу други занаети во Крушево се во изумирање затоа што наследници нема. Од туристичка гледна точка овој и многу други занаети се вистинска атракција за посетителите, а за крушевчани тоа е непроценлива вредност. Во минатото постоеле безброј занаети, а денес само неколку.

Така што, со загубата на овој човек самиот занает во Крушево почувствува голема загуба. Чевларството во градот има многу мал број приврзаници чија иднина не ветува многу.
Со загубата на чевларот Габел умре голем дел од занаетот во Крушево…
Сотир Габелоски