Ставре Јада ни раскажува за почетоците и успесите во спортот
Тимот на Викенд во Крушево направи интервју и со нашиот познат спортист Ставре Јада, па тој со задоволство ни одговори на нашите прашања.
Пред се, го прашавме кога е роден и со што се занимава моментално? Па ни одоговори: – ,,Јас сум Ставре Јада, роден сум 18.05.1998 год. во Битола, моментално се занимавам со најтешкиот спорт на светот, а тоа е нордиско скијање и биатлон.”

Покрај спортот, дали студираш и што студираш? – ,, Покрај спортот, студирам на Факултетот за физичка култура спорт и здравје во Скопје, во средно не бев некој јак ученик но кога завршив прво што сакав е да се запишам на факултет и сега за сега добро ми оди. ”
Следно, кога почна да се занимаваш со овој спорт, па тој ни одговори дека со нордиско скијање почна занимава пред 8 години, поточно кога имал 14 години.
Го прашавме, зошто баш нордиско скијање? – ,,Уште од мал гледав постојано нордиско скијање (трчање) и го сакав тој спорт. Со текот на времето во мене се јави голема желба да започнам со овој спорт. Татко ми ми кажуваше дека е доста напорен и тежок, но јас бев на тој став да започнам да тренирам.”

Во кои држави се имаш натпреварувано? – ,, Се имам натпреварувано во сите балкански држави: Македонија, Србија, Бугарија, Босна, Хрватска, Романија, Турција, Грција, Словенија потоа од европските држави сум се натпреварувал во:Австрија, Италија, Швајцарија, Словачка, Шведска, Норвешка, Финска, Полска, Естонија, Украина, Чешка, Германија и Јужна Кореа.”
Потоа, кој натпревар ти останал најмногу во сеќавање, па ни одговори дека имал доста натпревари досега, но натпревар кој ќе остане секогаш во неговото сеќавање е последната трка пред Олимпијадата во 2018 год. во Словачка (Штрбско Плесо), каде на последниот ден од класификациите за Олимпијада успеал да оствари А-олимписка норма.
Колку први, втори и трети места имаш освоено? – ,, Имам освоено 22 први места, 20 втори места и 13 трети места на Балкански натпревари во нордиско скијање и биатлон, но веќе и не ми се важни овие медали на балканските натпревари, веќе ги вкусив. Сега се стремам кон поголеми европски натпревари а зошто да не и медал од еден поголем натпревар. ”

Следно, сподели со нас интересен настан од некој натпревар? – ,,Скоро и да нема некои интересни случки во моите натпревари (трки), но нешто што ќе остане можеби засекогаш врежано во мојата душа ќе биде последното Светско јуниорско првенство во биатлон за мене оваа година во февруари месец во Швајцарија (Лензерхајде), каде на трката на 15км индивидуален старт заради моите 2 грешки на стрелиштето и многу бавното темпо за време на стрелањето загубив 6-то место за кое бев спремен и тоа ќе беше мојот најголем успех во досегашната кариера, но продолжувам напред веќе во сениорска категорија. ”
Дали во иднина мислиш да се занимаваш со овој спорт? – ,, Да, во иднина мислам да продолжам со овој спорт, имам голема мотивација, тренирам напорно, голема поддршка од домашните, од федерацијата, од Македонскиот олимписки комитет, од Агенцијата за млади спорт, поддршка од мојот град Крушево, во 2022 година следува нова Олимпијадата во Пекинг (Кина) за која веќе од сега се подготвувам, потоа 2026 година Милано и Кортина д’Ампецо (Италија) а доколку ме послужи здравје зошто да не и на следната олимпијада во 2030-година. ”
На прашањето дали во некои моменти посакуваше да се откажеш на некој натпревар или општо од спортот, ни одговори: – ,, Да за време на олимпискиот циклус односно квалификациите за Олимпијадата во Пјонг Чанг 2018год на некои летни натпревари (ролер-ски) и неколку зимски натпревари посакував да се откажам, посакував и да се тргнам од овој спорт засекогаш, но немав храброст да го направам тој чекор затоа што во мене имаше голема љубов кон овој спорт. Олимпискиот циклус ќе го запаметам засекогаш по многу лоши работи и препреки кои ми се случија пред да ја остварам А-олимписката норма и да отидам во Јужна Кореа.”

Која држава ти оставила најголем впечаток и зошто, беше нашето следно прашање. ,,Најголем впечаток ми оставила Австрија а поточно планинското градче (Обертилијах) каде секоја година имам подготовки на снег и секако натпревари, мало планинско градче во кое се чувствувам како да сум дома, температурите таму се доста ниски преку зимата се наоѓа на надморска височина од 1650 метри.”
Како последно прашање, дали мислиш дека спортот со кој се занимаваш го промовира Крушево? И како го промовира? – ,, Сметам дека мојот спорт го промовира Крушево, нордиското скијање има долга историја, отсекогаш во Крушево имало нордиски скијачи, посебна промоција прават летните ролер ски натпревари кои од година во година растат се повеќе и има се поголема конкуренција.”

Тимот на Викенд во Крушево ти се заблагодарува за одвоеното време и за краткото интервју, па ни останува само да ти посакаме уште многу први места и успех во спортот и на секое поле од животот.