When in Krusevo 2024 ќе биде за најнеприметливите, само тимската работа носи успех

Добредојде за Димитар Ангелкоски – препознатливото име со кое се врзува фестивалот на отворено When in Krusevo. За околу еден месец ќе се дружиме во Крушево на новото издание со ново развиен концепт и компонента која ќе ве привлече да земете учество.

Но, да не зборуваме ние, туку да му дозволиме на Димитар да ни’ каже повеќе за фестивалот.

When in Krusevo 2024

Advisor: Кој е концептот за фестивалот за годинава? Можеме ли да очекуваме нешто ново? Има ли нешто ексклузивно да споделиш со нас?

Димитар: Како што изминуваат годините веќе можете да забележите дека има премногу настани и фестивали низ држвата споредбено со годините кога започнавме со When in Krusevo. Со тоа се зголемува нашиот предизвик да бидеме поиновативни и поразлични од другите. Фестивалот е присутен веќе осма година и секоја година даваме се’ од себе да понудиме нешто ново, се разбира во рамките на нашите можности. Нашата пракса е да ги задржиме омилените активности на учесниците, а воедно да понудиме и нешто ново и различно од останатите. Со оглед на тоа дека досега направивме доста за промоција на нашиот град, оваа година решивме освен тоа да оставиме и нешто видливо за нашите крушевчани. За оние најранливите, најнеприметливите.

When in Krusevo е закажан за 05.07-07.07.2024 година со нови млади сили, но и со хуманитарен карактер и посебен фокус на инклузивност на маргинализираните групи. Тоа што можеме да ви го споделиме најексклузивно е соработка со нови поддржувачи и спонозри на фестивалот, оние со големо срце и душа кои несебично застанаа позади нашата идеја. Во соработка со Донирај компјутер планираме да донираме околу 20 компјутери на семејствата од Крушево кои имаат згрижено деца со посебни потреби, исто така ќе донираме и пакети со храна, а предвидено е од секоја продадена онлајн карта да одвоиме 100 денари за најмалку едно социјално ранливо семејство од нашиот град. Имаме уште идеи кои се надеваме во наредниот период дека ќе ги реализираме. Затоа и би сакале да апелираме до сите оние ентузијасти и вљубеници на Крушево кои сакаат да помогнат или да се вклучат на било кој начин, слободно нека не’ исконтактираат.

Програма за When in Krusevo 2024

Advisor: Како се роди идејата за When in Krusevo и што е тоа што овој фестивал го прави толку посебен?

Димитар: Идејата за фестивалот се роди од нашиот главен иноватор Антонио, а ние останатите како тим веднаш ја прифативме и мислам дека до ден денес одлично ја одржуваме и спроведуваме. Посебноста на When in Krusevo е тоа што самиот фестивал  е направен со многу љубов, ентузијазам и енергија. И мислам дека е еден од ретките фестивали во Македонија кој вклучува толку многу активности, забава, дружење, а воедно и огромен придонес за нашиот град. Она што малкумина го знаат е дека без разлика што фестивалот трае само три дена, истиот Крушево го става на мапата на најатрактивна туристичка локација во државата. Она што е особено значително за истиот е тоа што дополнително придонесува на приватното сместување, угостителските објекти, малите локални продавници како и огромна промоција на културните знаменитости на нашиот град. По наша иницијатива крушевското езеро ја доби денешната атрактивност и убавина, за која придонесовме со реконструкција на двата моста, поставување на корпи за отпадоци, како и иницијатива за инфраструктурно подобрување на самата локација.

Advisor: Што научивте како тим изминатите неколку изданија?

Димитар: Според мене тимското работење е клучно за опстанок на овој фестивал. Без разлика кој колку придонесува за него. Мислам дека треба да ја задржиме само позитивната мисла и енергија, а најважно е секогаш да бидеме подготвени за нови идеи и критики, без кои не можеме да бидеме подобри.

Тимот кој го организира When in Krusevo

Advisor: Твојата омилена активност/содржина/детаљ од фестивалот? Сигурно имаш и ти како организатор? 😁

Димитар: Јас како љубител на планините и велосипедот, најмногу се радувам на планинарските и велосипедските тури. Но, искрено целиот концепт на фестивалот го сакам премногу затоа што секоја ситница е приказна за себе. Одите на Крушевското Езеро, гледате кампери кои уживаат во мирот, на Мечкин Камен „врие“ адреналин со најдобрите наши параглајдеристи, вечерните журки ги собираат на едно место младите и старите, а детските игри се посебно катче за најмладите.

Advisor: Имаме еден предизвик за тебе. Дали ветуваш дека твојот син ќе го наследи фестивалот и по некои 15,20 години ќе ја преземе организацијата 😜? Ова прашање го поставувам затоа што сакам да ти честитам за Јан и да посакам вашето синче да биде здраво и живо, но и да ги запознаеме читателите дали и каде долгорочно го гледате When in Krusevo?

Димитар: Ти благодарам но за тоа ќе мора да го прашаш Јан за 15, 20 години 😊 Мојата цел како родител е да му ги пренесам високите вредности, љубовта кон мојот роден град Крушево и нормално секогаш да биде човек кој ќе ги почитува и ќе им помага на другите. Од него самиот зависи во која насока ќе одлучи да му се движи животот. А се додека ја имаме поддршката и помошта за When in Krusevo толку долгорочно и ќе трае истиот, без разлика дали сум јас или некој друг.

Колку убав разговор, за еден настан кој ни’ влезе во крвта и прераснува во традиција.

Картите се пуштени во продажба. Купете си на следниот линк.

Со секој билет добивате и уникатно дизајнирана маичка од Зоран Кардула.

Се гледаме во Крушево !

ВИДЕО Пролетна велосипедска тура низ крушевската корија

Направивме мала велосипедска тура поминувајќи дел од најубавите предели на крушевската природа.

Започнавме од историското место Гумење и се упативме во правец на авантуристичкиот парк Бегова Корија и чешмата викана АРМ.

По кратката пауза која беше наменета за восхитување на крушевската корија продолживме кон ски центарот Станич. Во Алто следеше пауза за кафе и Мохито.

Продолжуваме од ски центарот по земјен пат кон чешма Гума и излегуваме на асфалтниот пат кај бензиската пумпа.

Турата привршува со спуст до хотел Монтана Палас. Спустот е веројатно најголемото доживување, кога со брзина од 40 и повеќе километри на час ја одминуваме острата удолница

Подолу погледнете кратко видео од турата.

За оваа тура се заблагодаруваме на Наумче, Бале и Кочо за учеството во оваа тура.

When in Krusevo – светот на адреналинот на едно место

Кога ќе се спомне градот Крушево денес, една од првите асоцијации покрај параглајдингот кој веќе зеде голем замав во последните неколку години, е летниот фестивал на отворено добро познат како „When in Krushevo“. Идејата која за прв пат се реализира во месец август 2017 година е на неколку млади ентузијасти – крушевчани, која е прифатена и поддржана од сите млади луѓе во Крушево.

„When In Krushevo“ денес претставува атракција. Се одржува секоја година во летниот период, на Крушевското Езеро каде се поставува кампинг зона по сите стандарди и има бројни активности преку денот, како на пример рекреативни тури – пешачење, планинарење, планински велосипедизам, оф роуд тури во крушевската околина, кајакарење на крушевското езеро и уште многу други активности каде секој од учесниците може да се пронајде и да учествува во дел од нив. Во последните години поради зголемен интерес фестивалот е застапен и со зимско издание кое се одржува на ски терените во Крушево.

Организаторите Пеце, Ѓоко, Димитар, Влатко и Антониот (од лево кон десно)

Во бројните активности, неизоставен дел се и музејските тури и запознавање со богатата историја на градот, како и културна програма – ноќни концерти на отворено во близина на самата кампинг зона каде можат да се видат голем број на македонски и странски изведувачи. Одлика на секој аутдор фестивал е и адреналинот. Секој кој го сака овој вид на забава, има можност да проба тандем параглајдинг со повластени цени за време на фестивалот. За гурманите пак, се нуди можност да ја пробаат богатата и вкусна крушевска трпеза.

Зошто е значаен фестивалот за градот?

„When In Krushevo“ е фестивал од светски калибар. Во светот веќе одамна се застапени разни алтернативни форми на туризам. Самата идеја за ваков вид на дружба и забава е многу значајна од причина што кај нас досега ова се уште не е многу популаризирано, а нашата држава и градот Крушево имаат голем потенцијал и природни услови за нејзин развој. Ако досега Крушево беше познато само како зимска дестинација, со овој фестивал градот полека прераснува и во летна посакувана дестинација кај многу туристи кои сакаат да избегаат барем на еден викенд од градските гужви, метежот и високите температури.

Концептот на фестивалот истовремено е значаен и во економска смисла. Поддршката на ваквите настани директно ја зајакнува локалната економија која понатаму е клучен двигател на општиот економски развој на државата. Ако порано кога сме сакале да видиме нешто вакво сме морале да одиме негде во странство, сега ја имаме истата таа можност кај нас со тоа што парите ги трошиме дома и помагаме во идниот развој на вакви настани.

Секогаш е убаво да се патува и да се запознаваат нови места и нови култури, но уште поубаво е кога добро ќе се познава сопствената држава, а тоа се учи со посета и поддршка на локални настани. Од друга страна, секој локалец треба да е амбасадор на својот град, да го промовира во секоја смисла со што ќе се подобрува сликата за градот кај туристите. Само така ќе се постигне поголема посетеност и оној кој бил еднаш и е задоволен од тоа како си поминал, сигурно ќе се врати пак, а и ќе раскажи на своите блиски.

Се гледаме горе, пријатели, на следното „When in Krushevo“.

Наум Прешоски

Музејска тура

Музејска тура – FEEL HISTORY се организира за 10 – 12 лица, со посета на сите музеи во град Крушево. Почнува од 10.00 часот пред Столбот на Крушевската Република, Посета на црките Св. Никола и Св. Јован – музеј на икони, Локум и кафе во автентичен амбиент на староградска крушевска куќа, Посета на музејот на Илинденското востание – леарница и збирка оружје од 1903 г. Посета на куќата во која живеел Никола Карев и споменикот на Никола Карев, Посета на споменикот Илинден и гробот на војводата Питу Гули, Посета на спомен куќата на Тоше Проески, Посета на музејот на Никола Мартиноски, Традиционелен ручек во автентичен амбиент на староградска куќа.

Во цената на турата се вклучени: влез во музеите, кафе, традиционален ручек и водич. (крушевска пита, проја, погача, крушевски колбаси, крушевско овчо сирење, ребра од фурна, гурабии со домашно слатко, домашна ракија). Турата се изведува исклучително со лиценциран локален туристички водич.  Времетраење на турата е 5 часа. Турата е пешачка и спаѓа во категории лесни тури. Цена 15 евра, со 15% попуст за рана уплата и за групна уплата.

Резервации на: contact@feelkrusevo.com

Krusevo Advisor

Krusevo Advisor

error

Уживате во нашиот сајт? Споделете да дознаат и другите. :)