Локалните вили започнуваат соработка со најголемите туристички агенции
Неколку сместувачки објекти од Крушево започнуваат со соработка со најголемите туристички агенции од Македонија. Ова е нешто релативно ново во крушевскиот туризам со оглед на фактот дека претежно туристичките агенции подготвуваат аранжмани за надвор од државата.
Засега On Top Apartments објави дека веќе отпочнува соработка со една од најголемите туристички агенции ЈК Травел, а очекуваме и други хотели, вили и апартмани да се придружат на овие нови текови.
Тимот на Викенд во Крушево ја поддржува ваквата соработка и се надеваме дека истата ќе се проширува и продлабочува. Соработката меѓу локалните хотели, вили и апартмани со туристичките агенции може да донесе многу придобивки за Крушево како туристичка дестинација на долг рок.
Коронавирусот го уништи туризмот, но донесе нешто позитивно
Корона кризата донесе големи штети за туризмот и од тоа не изостанува Крушево. Но, како што рекле попаметните од нас во секое лошо има и добро.
Па така, во време на високи рестрикции, полициски часови и затворени кафулиња и ресторани бевме „принудени“ да останеме дома со нашите семејства. Времето кое на претек го имавме го посветивме на различни активности, секој од нас. Меѓу другото посветивме повеќе време на членовите на потесното семејство.
Дел од фотографиите направени во време на корона
Така и јас. Во семејството посветивме сериозно време во период од околу 2 месеци. Слично беше и со поширокото семејство – фамилијата со таа разлика што се слушавме на телефон како никогаш досега.
Имам мајка која што работи во еден од хотелите во Крушево и повеќе од два месеци не одеше на работа. Има и татко кој е „пресен“ пензионер.
Во период од два месеци, особено во викендите кога имаше 24-часовен полициски час, бројот на испиени заеднички кафиња забрзано се зголемуваше. Толку често не сме ручале заедно од кога бев средно (пред 10-тина година). И, толку разговори не сме воделе никогаш досега.
Чувствувајќи ги последиците од кризата на своја кожа не’ натера да ги унапредуваме меѓусебните односи, да најдеме време да се посветиме едни на други и да си раскажуваме за секојдневието надолго и нашироко.
Така што, коронавирусот за туризмот во Крушево беше навистина несекојдневна причина за голем пад, но да гледаме на позитивната страна. Оваа криза на многу од нас ни’ помогна да ги рестартираме социјалните односи со најблиските наши и тоа е голема позитивна работа од оваа криза која можеби ќе се отслика и во туризмот.
Ова социјално зближување кое го имаме, од една страна, сакам да верувам дека ќе не’ натера најпрво да внимаваме на себе и да се грижиме за своето здравје. Од друга страна, новата социјализација очекувам да не’ поттикне на поголема и посуштинска дружба и ценење на домашните атракции и генерално домашниот туризам.
Ако кризата го уништи туризмот, на долг рок бројот на домашни туристи во македонските туристички центри може да се зголемува. И, не како последица на коронавирусот и стравот од патување надвор, туку преку препознавање на домашните убавини. Оваа криза може да донесе поголема соработка меѓу туристичките фактори и константна работа со нас како домашни посетители.
Корона кризата можеби ќе донесе вистинаска и долгорочна имплементација на кампањата #ДомаСиЕДома
Пред неколку дена кога разговаравме во утринската емисија на МТВ 1 бев прашан кое е најдоброто место за релаксација во Крушево, место на кое можеме да отидеме на крајот од денот и да ги „потопиме“ сите грижи и проблеми од денот што изминува.
Не размислував ни момент. Во изминатите неколку седмици тоа е Крушевското Езеро. И, знам дека сме напишале неколку текстови за езерото, но дефинитивно тоа е најубавото место во Крушево во моментов, особено за намерите за кои со Кристина од МТВ разговаравме.
На прашањето на Кристина одговорив дека на ова место има клупи за седење кои овозможуваат поглед кој релаксира инстантно – поглед кон Крушевско Езеро. Исто така, до ова место води нов асфалтен пат кој дополнително го популаризира местото, а таму има пешачки и велосипедски патеки. Местото е како измислено за прошетки, возење велосипед, а своја релаксација наоѓаат и неуморните риболовци.
Многу пати сме пишувале за ова место, но ќе продолжиме да го правиме тоа оти во себе носи голема убавина, има уникатна моќ и треба дополнително да се популаризира.
Моето место за релаксација и полнење на батериите е Крушевското Езеро, а вашето?
Екипата го подготвува видеото за Крушево, Агенцијата за туризам продолжува со #ДомаСиЕДома
Екипата на агенцијата за промоција и поддршка на туризмот во саботата го снимаше промотивното видео за Крушево во рамки на кампањата Дома си е дома.
Дел од видеото ќе бидат најголемите атракции на Крушево како параглајдинг, велосипедизам, споменикот Илинден и многу други.
Тимот на агенцијата ја обиколува цела Македонија и подготвува промотивни спотови преку кои се промовираат домашните дестинации меѓу кои и Крушево.
Викенд во Крушево ја поддржува кампањата Дома си е дома и се приклучува на секој труд домашните дестинации да се прoмовираат и да се посетуваат од македонски туристи ова лето и до крајот на годината.