Коронавирусот го уништи туризмот, но донесе нешто позитивно
Корона кризата донесе големи штети за туризмот и од тоа не изостанува Крушево. Но, како што рекле попаметните од нас во секое лошо има и добро.
Па така, во време на високи рестрикции, полициски часови и затворени кафулиња и ресторани бевме „принудени“ да останеме дома со нашите семејства. Времето кое на претек го имавме го посветивме на различни активности, секој од нас. Меѓу другото посветивме повеќе време на членовите на потесното семејство.

Така и јас. Во семејството посветивме сериозно време во период од околу 2 месеци. Слично беше и со поширокото семејство – фамилијата со таа разлика што се слушавме на телефон како никогаш досега.
Имам мајка која што работи во еден од хотелите во Крушево и повеќе од два месеци не одеше на работа. Има и татко кој е „пресен“ пензионер.
Во период од два месеци, особено во викендите кога имаше 24-часовен полициски час, бројот на испиени заеднички кафиња забрзано се зголемуваше. Толку често не сме ручале заедно од кога бев средно (пред 10-тина година). И, толку разговори не сме воделе никогаш досега.
Чувствувајќи ги последиците од кризата на своја кожа не’ натера да ги унапредуваме меѓусебните односи, да најдеме време да се посветиме едни на други и да си раскажуваме за секојдневието надолго и нашироко.

Така што, коронавирусот за туризмот во Крушево беше навистина несекојдневна причина за голем пад, но да гледаме на позитивната страна. Оваа криза на многу од нас ни’ помогна да ги рестартираме социјалните односи со најблиските наши и тоа е голема позитивна работа од оваа криза која можеби ќе се отслика и во туризмот.
Ова социјално зближување кое го имаме, од една страна, сакам да верувам дека ќе не’ натера најпрво да внимаваме на себе и да се грижиме за своето здравје. Од друга страна, новата социјализација очекувам да не’ поттикне на поголема и посуштинска дружба и ценење на домашните атракции и генерално домашниот туризам.
Ако кризата го уништи туризмот, на долг рок бројот на домашни туристи во македонските туристички центри може да се зголемува. И, не како последица на коронавирусот и стравот од патување надвор, туку преку препознавање на домашните убавини. Оваа криза може да донесе поголема соработка меѓу туристичките фактори и константна работа со нас како домашни посетители.
Корона кризата можеби ќе донесе вистинаска и долгорочна имплементација на кампањата #ДомаСиЕДома
Сотир Габелоски