Кое е најдоброто место за релаксација?
Пред неколку дена кога разговаравме во утринската емисија на МТВ 1 бев прашан кое е најдоброто место за релаксација во Крушево, место на кое можеме да отидеме на крајот од денот и да ги „потопиме“ сите грижи и проблеми од денот што изминува.
Не размислував ни момент. Во изминатите неколку седмици тоа е Крушевското Езеро. И, знам дека сме напишале неколку текстови за езерото, но дефинитивно тоа е најубавото место во Крушево во моментов, особено за намерите за кои со Кристина од МТВ разговаравме.

На прашањето на Кристина одговорив дека на ова место има клупи за седење кои овозможуваат поглед кој релаксира инстантно – поглед кон Крушевско Езеро. Исто така, до ова место води нов асфалтен пат кој дополнително го популаризира местото, а таму има пешачки и велосипедски патеки. Местото е како измислено за прошетки, возење велосипед, а своја релаксација наоѓаат и неуморните риболовци.
Многу пати сме пишувале за ова место, но ќе продолжиме да го правиме тоа оти во себе носи голема убавина, има уникатна моќ и треба дополнително да се популаризира.
Моето место за релаксација и полнење на батериите е Крушевското Езеро, а вашето?
Сотир Габелоски