Кога доаѓате во Крушево, неколку километри после Кривогаштани, баш кога започнувате да се искачувате по стрмнината, од левата страна можете да го забележите манастирот “Св.Спас”, сместен во самата корија на неколку километри од градот, кој е изграден во втората половина на деветнаести век.
Во дворот на манастирот, до самата црква има и стар конак со сини врати и прозорци, кои се карактеристични и за крушевските куќи од тој период. Конакот има и висок чардак од каде можете да уживате во прекрасниот поглед кон најголемата котлина во Македонија – Пелагонија, а од другите страни гледате кон прекрасната букова корија која ги менува боите во зависност од годишните времиња. Конакот на манастирот има голем број на соби, каде гостите имаат можност и да ноќева. Во поново време, изграден е уште еден нов конак на другата страна од црквата.
Манастирот се наоѓа на 900 метри надморска висина. Во дворот на манастирот, има изградено и чешма каде тече природна ладна вода која може и да се пие. Накратко, доколку сакате да ги одморите и телото и духот, дефинитивно нема да згрешите ако го посетите овој манастир!
Крушевска чаршија – синоним за образование, начин на живот и солидарност
Некогашната крушевска чаршија била надалеку позната низ времето. Таа некогаш во минатото вриела од живот и работа. Со оглед на сегашните (не)прилики, за жал останати се само мал број на занаетчии кои се обидуваат да ја одржат во живот крушевската чаршија и некогашната занаетчиска традиција.
Порано во Крушево имало над двесте калајџии, кои учеле занает главно во Грција или Романија. Сега има само двајца. Има и неколку бербери, кои за жал немаат млади ученици. Имало голем број на кројачи, ткајачи кои изработувале килими и јамболии од домашна волна. Во Крушево имало голем број на воденици кои сега се разурнати, а постоела и мелница за брашно. Исто така, имало и голем број на свеќари, фурнаџии, налбати, дограмаџии, бравари, казанџии. Работеле дваесет и осум чевлари, а има податоци дека кај нив занаетот го учеле голем број на чевлари од Прилеп и Битола. Имало и осум ковачи, како и сто и две групи на калајџии во турско време, кои оделе да заработуваат со својот занает и во соседните држави, како Бугарија, Албанија и Грција се до почетокот на балканските војни.
Чевлар „Габел“
Крушевчани биле доста добри ѕидари и терзии. Постојат податоци кои со сигурност можат да ги потврдат постарите жители на градот, дека шнајдерот на етиопскиот цар Хаиле Селасие бил крушевчанец. Доста прочуени биле и златарите, кои биле познати по филигранот и рачно изработениот накит и тргувале со Солун, Стамбол, араоските држави, Египет.
Во тоа време работел рудникот за злато во крушевското село Пуста Река, кој го експлоатирале уште Турците во нивното време.
Во Крушево имало анови кои имале доста работа во тоа време. Нуделе преноќиште за доста трговци кои врвеле со коњи и карвани. Имало и доста кафеани, а постарите се сеќаваат на првата ледница за мраз и првиот крушевски сладолед до 1924 година. Постоел дури и безистен, кој изгорел за време на Илинденското востание. Денес во крушевската чаршија за ќал останати се само неколку дуќани од времето пред востанието.
Бовар „Миле“
Некогашната крушевска чаршија работела многу убаво и солидарно. Постојат податоци дека крушевскиот еснаф имал каса за погребување на сиромашните. Трговците сами ги кажувале своите приходи и врз таа основа се формирала средна цена на данокот, така што на тој начин сите биле задоволни. Крушевскиот еснаф бил силен и влијателен, препознатлив по тоа што се штител и се борел за своите права. Секој еснаф си имал своја слава, на различен празник кога задолжително се одело прво во црква, а потоа се славело во домашна атмосфера.
Крушевските мајстори биле надалеку познати и претставувале еден вид на институција која се почитувала. Познато е дека крушевските мајстори, на своите синови кои го учеле занаетот им велеле: “Дома сум ти татко, а на дуќан сум ти мајстор” така што синовите на работа морале да им се обраќаат на своите татковци со “мајсторе”. Крушевската чаршија била многу жива и весела, од сите страни се слушало врева, работа…Дуќанџиите се грижеле за чаршијата и нејзиното одржување во живот. Таа давала култура на живеењето и работењето, еснафско воспитување, почит кон постар, почит кон муштерија, кон трудот и занаетот, кон мајсторот. Чаршијата со еден збор давала чаршиски, еснафски факултет.
Што посетуваат амбасадорите од целиот свет во Крушево?
Крушево го посетиле многу Амбасадори кои претставуваат земји од Европа и Светот. Во изминатите неколку година тука дошле амбасадори на Чешка, Швајцарија, Кина, Јапонија, Унгарија, Програмата за развој на Обединетите Нации, ЕУ, Крушево го посетиле и претставници од Стејт департментот и многу друго.
Нивниот престој во Крушево е краток и во организацијата на ангендата мора да се размислува како најефикасно да се искористи краткиот период.
Што најчесто посетуваат амбасадорите во Крушево?
Споменик Илинден
Споменикот „Илинден“ е објект кој не смее да се одмине и амбасадорите не го одминуваат без оглед на тоа колку време имаат. Овој архитектонски уникат кој изложен во Музејот на современа уметност во САД, е дел од агендата сите посетители.
Галерија Никола Мартиноски
Најпознатото дело на Никола Мартиноски – „Мајка со дете“ изложено во галеријата
Крушевчанецот Никола Мартиноски е основоположник на македонската уметност. Тој е познат надвор од границите и затоа е привлечно место за посета. Речиси сите амбасадори ја посетиле галеријата Никола Мартиноски.
Полетувалиште за параглајдинг
Крушево станува една од најатрактивните светски дестинации за параглајдерство и змајарство. Скоја година од април до октомври на полетувалиштето се организираат десетици меѓународни натпревари. Ова е уште едно популарно место кое амбасадорите го посетуваат.
Овие 3 места не се единствените, но можеби се најпопуларни за сите туристи. Секако, амбасадорите кои го посетиле Крушево не ги одминале „Илинден“, галеријата на Никола Мартиноски и полетувалиштето за параглајдинг и змајарство. Посетете ги и вие!
Традиционалната крушевска архитектура е позната и прочуена како една од најспецифичните во Македонија, а и на Балканот.
Прво нешто што е специфично и интересно и што се забележува при самиот влез во градот е уникатно поставениот терен и амфитеатралната поставеност на куќите, тесните улички направени од калдрма (коцки) и секако – старите крушевски куќи. Старата крушевска чаршија, се’ уште го зачувала својот традиционален изглед со тесните испреплетени улички, плоштадот, малите дуќанчиња и едно од позначајните архитектонски дела – црквата св. Никола, која се наоѓа во срцето на чаршијата.
Црква Св. Никола
Карактеристични за Крушево се и маалските чешми кои ги имало во секое маало, дел од нив постојат и ден денес.Сепак, она што е најпривлечно и најинтересно за посетителите на Крушево, се старите крушевски куќи изградени со специфичен стил кој претставувал спој на знаењето и културата на Власите и Мијаците.
Самата надворешност на куќите која прва се забележува е карактеристична по белите фасади, покривите од кои најчесто биле од плочи, големиот број на прозорци обоени најчесто со сина боја, поретко со други бои. Куќите се опкружени со двор кој е ограден со камен ѕид (авлија) на кој се наоѓа влезната врата (порта) која е од дрво. Може да биде една голема порта или па комбинација од поголема и помала порта. Други надворешни елементи кои се карактеристични за крушевската куќа се балконите, со огради кои се декоративно изработени од ковано железо и со двокрилна врата со розета и два странични прозорци. Исто така карактеристични се и еркерите кои имаат најмногу естетска функција, исцртани од долната страна со флорални или митолошки елементи, како и тимпаноните (триаголен облик издигнат над терасата) кој исто така е исцртан во внатрешната страна или пак често таму е запишана годината на градење на куќата.
Решетките на прозорците за задолжителен елемент.Крушевските куќи, не се само интересни надворешно, туку и внат решно, а истовремено се мислело да бидат и функционални. Во внатрешноста на куќите преовладуваше дрвени елементи како: мусандри, долапи, миндери, а и самите скали во внатрешноста биле од дрво. Во долните спратови најчесто се наоѓале економските простории каде што се чувале сите потребштини на домаќините. Во горните спратови задолжителен е чардакот каде што често се седело и се пиело кафе, а таму се наоѓале и спалните и гостинските соби.
Сината боја на дрвото исто така е карактеристична и за внатрешниот простор на куќите. Во собите имало ѕидани камини, а за затоплување се користел и мангал (метален сад декоративно изработен во кружна форма). Подовите се прекриени со килими со богата орнаментика, а на прозорците се поставувале рачно извезени завеси. На камините се поставувале, свеќници, ламби и други украсни фигури, а на ѕидовите слики, часовници и огледала со дрвени резбарени рамки. Се седело на миндери кои биле покриени со покривки од волна или јамболии со перници за потпирање. Ѕидовите и таваните често биле насликани со елементи од флора и фауна. Таваните често биле и дрвени со централна розета која била изрезбарена и во вид на сонце. Осветлувањето во собите било со газиени ламби.Во неколку збора, старите крушевски куќи се спој на убавото, практичното и функционалното!
Градоначалникот на Крушево и неколку амбасадори во галеријата Никола Мартиноски
Кога се зборува за крушевската архитектура, не може а да не се спомене споменикот “Македониум” кој спаѓа во едно од најзначајните архитектонски дела во поранешна Југославија, каде што се наоѓа гробот на Никола Карев – претседателот на Крушевската Република, како и биста на нашиот Тоше Проески. Ова ремек дело е изградено во 1974 година од страна на Јордан и Искра Грабуловски и ги претставува вечната борба, непокорот и стремежот за слобода на македонскиот народ. Се протега на голема површина и започнува со раскинати пранги како симбол за ослободувањето на македонскиот народ, продолжува со дел каде што се испишани најголемите борци кои загинале во Илинденското Востание и Народноослободителната борба, потоа следи летна сцена со камени столчиња и колоритно-мозаични елементи од страните и на крај завршува со самата купола, издигната на 1320 метри надморска висина од каде што има и прекрасен поглед на градот. Внатрешноста на куполата импресионира со различните релјефи, мозаици и витражи кои едноставно ви го одземаат здивот!