Влашката црква во Крушево
Во Крушево има четири цркви. Во минатото нивниот број бил и поголем, меѓутоа тие биле попримитивни, се до изградбата на модерни градби што започнала со доселувањето во градот на најпознатите балкански градители – Мијаците. Крушевските цркви импресионираат со својата архитектура, особено со внатрешниот простор. Во концепцијата на овие цркви, присутни се влијанијата на домашната традиција во оживувањето на базиликалната форма, како и на современите тенденции на романтичарските движења, што е карактеристика на градбите од овој вид низ Македонија.

Изградбата на црквата св. Јован, или уште попозната како “Влашката црква” започнала во во 1897 година, а завршила во 1905 година. Црквата локациски е сместена во непосредна близина на центарот на градот, во некогашното Таше маало. Иконостасот во црквата бил изработен од страна на Нестор и Лазар Алексиевски од село Осој. Во горниот дел на црквата е сместена галеријата на икони, кои датираат од многу старо време, како и други значајни артефакти. Специфично за оваа црква е тоа што во внатрешноста има две ѕидани печки, поставени симетрично во двата бочни бродови на црквата, кои исто ги има и во некои крушевски куќи. Вакви печки не се забележани во другите цркви низ Македонија.
