Леарница
Крушево е еден од ретките градови со многу богата историја. За тоа сведочат доста градби кои постојат и денес. Има вкупно шест музеи и секој од нив си има своја приказна за одредени ликови и настани кои се случиле во минатото, а се значајни во создавањето на Крушево како град, па дури и на македонската држава.

Ова претставува уште еден музеј – сведок за Илинденското востание. Многу значаен музеј, од причина што во таа иста куќа за време на Илинденското востание се изработувало оружје и муниција за востаниците. Музејот е отворен на 2 август 2003 година или на сто годишнината од Илинденското востание. Тука може да се погледнат доста оружја од времето на востанието, меѓу кои и личното оружје на претседателот на Крушевската Република – Никола Карев, како и оригиналните алати со кои се изработувале тие оружја. Доста причини љубителите на историјата да го посетат и овој музеј, нели?