Настани се одложуваат, но не откажуваат – лето 2021 Крушево
Неколку настани се одложуваат за септември, а параглајдинг првенствата се одржуваат без прекин.
Настаните кои секоја година привлекуваат многу гости во Крушево заради кризната состојба се одложија за септември, но позитивно е што сепак ќе се одржат и нема да бидат прескокнати ова лето. Еден од тие настани е популарниот аутдот фестивал Крушево низ корија. Настанот се одложува за викендот од 3-ти до 5-ти септември. Велосипедските тури низ шумските предели околу Крушево нема да изостанат и нашите традиционални гости-точакџии ќе можат да уживаат во убавото време, прекрасните зелени предели и авантурата што турите ја носат со себе.

Уште еден настан кој привлече многу внимание, а за прв пат се одржува во Крушево е Krushevo Trail Challenge. Овој настан исто така се одложи заради забраната за движење во шума и новиот датум за негово одржување е 10 – 12 септември. Инаку, се работи за настан кој вклучува трки во трчање на несекојдневни предели. Трките ќе опфатат шумски и градски предели, денски и вечерни услови.

Параглајдингот годинава се врати на голема врата. Само што заврши украинското национално првенство со 150 учесници, а од 21-ви не’ очекува ново доживување. Во септември ќе се одржат уште две натпреварувања, а се очекува параглајдеристите да бидат постојано во Крушево.
И покрај постоечката закана од коронавирусот, па несреќните пожари кои доведоа до забрана за движење во шума сезоната во Крушево некако функционира. За одреден дел од угостителите оваа забрана силно ги погоди, но позитивно е што полека Крушево наликува на она претходно, но со претпазливост.