Крушевска чаршија – синоним за образование, начин на живот и солидарност

Некогашната крушевска чаршија била надалеку позната низ времето. Таа некогаш во минатото вриела од живот и работа. Со оглед на сегашните (не)прилики, за жал останати се само мал број на занаетчии кои се обидуваат да ја одржат во живот крушевската чаршија и некогашната занаетчиска традиција.

Порано во Крушево имало над двесте калајџии, кои учеле занает главно во Грција или Романија. Сега има само двајца. Има и неколку бербери, кои за жал немаат млади ученици. Имало голем број на кројачи, ткајачи кои изработувале килими и јамболии од домашна волна. Во Крушево имало голем број на воденици кои сега се разурнати, а постоела и мелница за брашно. Исто така, имало и голем број на свеќари, фурнаџии, налбати, дограмаџии, бравари, казанџии. Работеле дваесет и осум чевлари, а има податоци дека кај нив занаетот го учеле голем број на чевлари од Прилеп и Битола. Имало и осум ковачи, како и сто и две групи на калајџии во турско време, кои оделе да заработуваат со својот занает и во соседните држави, како Бугарија, Албанија и Грција се до почетокот на балканските војни.

Чевлар „Габел“

Крушевчани биле доста добри ѕидари и терзии. Постојат податоци кои со сигурност можат да ги потврдат постарите жители на градот, дека шнајдерот на етиопскиот цар Хаиле Селасие бил крушевчанец. Доста прочуени биле и златарите, кои биле познати по филигранот и рачно изработениот накит и тргувале со Солун, Стамбол, араоските држави, Египет.

Во тоа време работел рудникот за злато во крушевското село Пуста Река, кој го експлоатирале уште Турците во нивното време.

Во Крушево имало анови кои имале доста работа во тоа време. Нуделе преноќиште за доста трговци кои врвеле со коњи и карвани. Имало и доста кафеани, а постарите се сеќаваат на првата ледница за мраз и првиот крушевски сладолед до 1924 година. Постоел дури и безистен, кој изгорел за време на Илинденското востание. Денес во крушевската чаршија за ќал останати се само неколку дуќани од времето пред востанието.

Бовар „Миле“

Некогашната крушевска чаршија работела многу убаво и солидарно. Постојат податоци дека крушевскиот еснаф имал каса за погребување на сиромашните. Трговците сами ги кажувале своите приходи и врз таа основа се формирала средна цена на данокот, така што на тој начин сите биле задоволни. Крушевскиот еснаф бил силен и влијателен, препознатлив по тоа што се штител и се борел за своите права. Секој еснаф си имал своја слава, на различен празник кога задолжително се одело прво во црква, а потоа се славело во домашна атмосфера.

Крушевските мајстори биле надалеку познати и претставувале еден вид на институција која се почитувала. Познато е дека крушевските мајстори, на своите синови кои го учеле занаетот им велеле: “Дома сум ти татко, а на дуќан сум ти мајстор” така што синовите на работа морале да им се обраќаат на своите татковци со “мајсторе”. Крушевската чаршија била многу жива и весела, од сите страни се слушало врева, работа…Дуќанџиите се грижеле за чаршијата и нејзиното одржување во живот. Таа давала култура на живеењето и работењето, еснафско воспитување, почит кон постар, почит кон муштерија, кон трудот и занаетот, кон мајсторот. Чаршијата со еден збор давала чаршиски, еснафски факултет.

Пишува: Наум Прешоски

Share on:
Krusevo Advisor

Krusevo Advisor

error

Уживате во нашиот сајт? Споделете да дознаат и другите. :)