Крушево – ко шо го гледам јас…

Е тоа ти е бачко рај на земјата. Од кај да почнам да зборам за Kрушево, а да не пропуштам нешто важно.

Ај од сам почеток, а тоа ти е Скопската автобуска од кај шо си фаќаш комбе. Запамти го последниот здив шо си го земал скопски воздух зашо тоа понатаму многу ќе биде важно. И така тргнуваш, едно 3 саати клацкање у комбе, ама како викаат …. ЦЕЛТА ГИ ОПРАВДУВА СРЕДСТВАТА.

Стигаш Крушево и сеа шо се дешава? Првиот воздух шо ке го вдишеш не се опишува, тоа треба да се доживее. Ладен грст свеж планински воздух ти проаѓа низ гради а само до пред 3 саати си дишел скопски смог и прашина. Затоа е битно да се запазат овие два момента зашо се случуваат во рок од неколку саати, а многу значат..

krusevo

На автобуска у Крушево ако си таксал приватен смештај нормално те чекаат домаќините. Срдечно ќе се поздравите и секако ке ти ја понуди својата помош за багажот. Затоа шо Крушевчани се големи домаќини нормално ќе те понудат во својот дом со кафе и локум, а сигурно нема да одбиеш и една домашна љута ракија која шо уште толку ќе ти ги отвори градите. После малиот одмор и први импресии, следи искачање и шетање.

Фото: Викенд во Крушево

Е сеа, места за шетање има да бираш, моеш да фатиш околу коријата и да гледаш недопрена убавина колку ти душа сака, едноставно Господ не штедел на ова место. Ако не си дента за околу коријата, моеш да тргнеш до месноста Гумење, па моеш да забегаш накај езерцето, а ако е топло моеш и да се брцнеш у него зашо водата си е чиста и проверена. Ако си со кола можеш комотно да зацепаш накај манастирот Свети Преображение. Е таму е прекрасно, значи преубаво. На дланка ти е се, значи пред тебе цел хоризонт шо не се догледува, а ти стоиш на врвот.Е таа убавина со пари не се плаќа, маѓијата шо ја има тоа место ќе допре до секој.

Фото: Филип Ристески

Откако убаво ќе се изнадишеш чист планински воздух, а секако у меѓувреме нема да запалиш цигара и да се заебеш, сфаќаш дека си огладнел и се враќаш назад у град нешо да стаиш у стомак. Е за јадењата можам до утре да расправам, ама ај ќе ги опишам најкратко.

Шо и да одбереш, кое од кое поубаво. Е сеа бирај: сакаш пица која е неверојатно вкусна секаде и газдиве не штедат на матерјал. Ма боља е од Италија, таму уствари е ко лист хартија, а овде има бајаги за јадење. Ја препорачувам Влашката пица, и нека не ве лаже името, баш е богата, уствари најбогата. Ако нејќеш пица можеш да си земеш крушевско грне. Е тоа ти е бачко перверзии, јадеш и се топиш од шо ти е убаво. Ако си ултра гладен има една пита баш онака масивна и голема, со три типа месо, со печурки, кашкавали, чуда …. Е таа коа ќе ја видиш, прво око ти се храни, па после и влагаш ко да не си видел. Од префинетиве јадења моеш да си земеш и топено сирење, шпагети, тортелини и сето тоа помешано со убави зачини што му даваат шмек.

Е сеа ,ако си кафански чоек ќе си идеш у кафана на скара. Скарата е секаде лудило, крушевските кафеанџии се мајстори за скара. Прво моеш една ударна ракија со шопска, а потоа да улета некое свинско ребро или некоја масивна шарска, за на крај да си здрвиш едно ладно пивце и да викнеш сметка. Е сметките, коа сме кај нив се стварно смешни, за сите јадења шо ги спомнав нема да потрошиш поише од 3 евра, а ефектот е коа ќе си го ѕирнеш стомакот …. Цени пристапни баш за секој, услугата топ за разлика од она охриѓанине, морав да ги спомнам сеа зашо појма немаат од однос кон муштерија и туризам.

Ресторан Шапе Крушево

Откако добро ќе се најадеш и си идеш накај смештај, не е лошо да поминеш и да си земеш еден, два или поише локуми со ореви шо ти ги порачале твоите, и ке бидат многу љути ако не им ги однесеш.

Крушевскиот локум е бренд, турците шо им е традиција подзинуваат коа ќе го видат и вкусат. Откако добро ќе одмориш вечерта идеш по кафичи. Е таму ти е бачко екстра, љубезни луѓе се запознаваат со тебе, никој не те глеа попреку зашо си од надвор, едноставно питом, добар народ шо цени затоа шо ти си дошол у нивното градче. Цените на пијачките шо да кажам, багатела е мал збор. За 50 денари имаш коњак, џин и вотка, за исто толку пари пиво, се на се за 300 денара се праиш тиква и убаво ти е бе …..

Добро здрвен си идеш накај дома, ама пошо има угорници така убаво ќе си отрезниш и више осмици не праиш. Си легнуваш зашо си више изморен и кома. Ама се будиш рано посабајле, наспан и не те боли глаа ко у Скопје коа ќе се начукаш. Следи кафица у некој од локалните кафичи и нова рута на шетање и активности. Нешто шо мора да се види тука е Етно градот. Е тоа ти е атракција и концепт шо не моеш да го видиш на друго место у светот. Да ја доловиш атмосферата како шо била у 1903 г. е право совршенство. Низ градот шетаат комити и турци, чорбаџии и чорбаџики, па ќе ги видиш на некоја маса како седат заптијата и Питу Гули, уживаат у убавата влашка песна и си маваат по некое чоканче ракија.

А да гледаш крушевска свадба како шо била на времето е неповторливо. Невестата тенка, висока,во бел свилен фустан, а зетот напрчен, добро скоцкан и сето тоа во придружба на родителите на двајцата кои се наддаваат кој поише ќе ги дарува младиве. Е после тоа следат ора,зурли и тапани, општо весеље каде секој може да се фати за оро и да го долови моментот. Е не моеш секој ден на оро да играш со згодна чорбаџика, да се разбереме… Се на се,концептот на Етно градот е врвот, секоја чест.

Е вакво како шо го опишав е Крушево у моите очи. Ни за најдобрата моја бивша не сум користел поубави зборови, колку за овој рај. Има маѓија градов шо секогаш те враќа назад,а може и некоја Крушевчанка или Крушевчанец ќе те врати …. никад не се знае.

Шо да кажам друго освен дека сум ОТКАЧЕН ПО КРУШЕВО !!!!!!! ОТКАЧИ СЕ И ТИ … ПОЗДРАВ

Автор: Марјан Марги

Share on:

Секоја година во Крушево, Светски настани во параглајдерство и змајарство

Воздухопловната Федерација нa Македонија (ВФМ) во 2018-та година го организираше на 20-то Европско првенство во змајарство класа 1 (Hanggliding) и 8-мо Светско Првенство во змајарство класа 5 (Rigid wings) во дисциплината крос кантри. Натпреварите се одвиваа во Крушево, како стартна точка или полетиште, и Пелагонискиот регион, како слетиште, од 8 до 21 јули 2018 година.

Во периодот од 8-ми јули до 21-ти јули таа 2018 година Пелагонискиот Регион а посебно Крушево претставуваа една голема арена во која што се натпреваруваа повеќе од 150 пилоти од многу европски и светски држави.

National Geographic со препорака: Пробајте параглајдинг во Крушево

Овие две големи првенства, заедно со 16-тото Светско првенство за параглајдерство одржано во 2019 година, ја ставаат Македонија на мапата на најпосакувани дестинации за спортистите и љубителите на слободно летање од Европа и ширум светот. Тоа претставува одлична можност за промоција на нашата земја не само како туристичка, туку и како дестинација со одлични услови за слободно летање, особено за организирање на натпревари од висок ранг.

16-то Светско првенство во параглајдерство, 2019, отворање

Во 2021 Крушево го очекува уште еден голем светски настан од оваа област – Светско првенство во параглајдерство.

Поддржувачи на настанот: Агенција за Млади и Спорт НЛБ Банка АД Скопје Агенција за Поддршка и Промоција на Туризмот Општина Крушево

Корисни линкови: http://hgeu2018.mk
https://www.youtube.com/watch?v=AdqdlnhhQGA

Share on:

Параглајдингот како вистинска атракција, секоја година меѓународни првенства со стотици учесници

Едно од поголемите меѓународни првенства во параглајдинг кои се одржале во Крушево изминативе неколку години, а да не е од редот на Европско или Светско првенство, беше Македонско-унгарско пред-светско првенство кое се одржа во месец август, 2018-та година. Ова првенство беше најава и подготовка за 16-тото Светско првенство кое се одржа во истиот месец една година подоцна.

Македонско и Унгарско пред-Светско првенство, 2018

Македонското и Унгарско параглајдинг првенство дел од пред Светските првенства 2018 се одржа во Крушево од 5-ти до 11-ти август со 134 учесници. Дополнително, во исто време на полетувалиштето на Мечкин Камен имаше уште стотина рекреативни параглајдеристи кои го исполнуваа небото со различни бои. 

Минатата 2019 година сезоната за параглајдинг практично започна уште во април месец и траеше до ноември, така што сезоанта за параглајдинг и змајарство трае и до 7 месеци во текот на година. По Светското првенство за параглајдинг во 2021 година претстои Светско првенство во змајарство.

Share on:

ПЕТ ВПЕЧАТОЦИ ПОСЛЕ ЕДНА НЕДЕЛА ВО КРУШЕВО (2)

Овој текст е продолжение на „Пет впечатоци после една недела во Крушево“ на нашиот гостин од Џорџија, САД, Закарија Хумрич. Прочитајте кои се неговите пет импресии после една недела во нашето Крушево…

Линк до првиот дел од текстот:

1. Живописна природна убавина – Не можете да зборувате за ова место без претходно да се осврнете на основата, а поголемиот дел од Македонија има цврст и нескротлив однос кон тоа. Крушево е како скапоцен камен над круната на Македонија со многу карактеристики на градовите сместени во планини: егзотични врвови, прекрасни ридови, снежна покривка која те носи во некоја зимска идила. Но, исто така, Крушево е препознатливо по невообичаената архитектура. Калдрми, прекрасни куќи со големо наследство и зачудувачко зачувување на културни споменици кои ве тераат да се запрашате дали сте го допреле рајот, реченица која ја чув пред да дојдам овде. Тогаш, не обрнав многу внимание на оваа реченица, но после првите впечатоци секако ја земам во предвид. За време на прошетката со мојот соработник околу центарот на градот здогледав еден хоризонт. Бев пречекан од еден поглед кој изгледаш како слика на Ванг Гог. Маглата стана толку густа што не се гледаше низ неа. Единственото видливо нешто беше мијазам кој кружеше околу еден планински врв и ја покриваше долината под неа во целост, терајќи ве да се запрашате дали воопшто има нешто под таа магла. Како несакајќи да сум се искачил во македонскиот рај.

2. Голема понуда на активноси – Ова се’ уште не сум го пробал, но постојано слушам за истото. Туризмот игра главна улога во економијата на Крушево и, оттука, има низа активности во текот на цела година кои привлекуваат многу различни видови на посетители. Кратка листа од она што го дознав:

• Параглајдинг – Често слушам дека овде е главната локација за параглајдинг на Балканот, а можеби и во Европа. Градот бил домаќин на многу натпревари а во план е одржување на многу Интернационални параглајдинг првенства. Привлекува посетители и натпреварувачи од секаде (најмногу слушам за француски и австралиски напреварувачи). Ова е голем спорт за кој ми велат дека мора да го пробам пред да заминам одовде.

http://weekendinkrusevo.com/?page_id=141

• Скијање – Ова е веројатно втората работа за која најмногу се зборува. Постојано слушам за ски центарот и колку морам да го пробам. Се’ уште не можам да зборувам за тоа искуство, но како што зимата брзо стапува на сцена сакам што поскоро да ставам скии и да научам да скијам.

• Планинарење и планински велосипедизам – Ги споменувам овие две работи истовремено затоа што на прв поглед се слични. Сигурно во лето пејсажите се прекрасни и веројатно затоа планинарските патеки и оние за планински велосипедизам не излегуваат од мода. Се’ уште не сум научил каде се патеките, но тие ќе ми бидат втор дом во лето.

When in Krusevo 2019

3. Чистота (проширено) Многу македонски општини се соочуваат со проблемот на аерозагадување, но за Крушево тоа не е проблем. Улиците се чисти и без расфрлани отпадоци. Градот отелотворува грациозна архитектура која ја надополнува глетката. Премногу често цивилизацијата знае да ја уништи природната убавина, но во Крушево тоа не е случај.

4. Култура – Крушево претставува привлечна комбинација на минатото и сегашноста. Насекаде гледате такви заеднички обиди и двете да се испреплетуваат. Модерен ски и параглајдинг центар опостојува заедно со класични домови. Музејот на македонската музичка ѕвезда е на неколку чекори од Македониум, спомен кој ги отсликува 10-те дена Крушевска Република што претставувала бунт против Отоманската империја.Традиционалните јадења како локумот се само на неколку минути од најдобрите пицерии во Македонија. Исто како што градот се стреми да ја поврзи цивилизацијата со природата исто така се поврзува и современата култура со историската гордост.

Со ова само малку опфатив од се она што може да се види овде, но се надевам дека се од она што не го спомнав ќе го спознаеме со текот на времето

5. Гостопримливост Пред да навлезам подлабоко во оваа тема морам да дадам малку контекст за да бидеме фер со остатокот од Македонија. Генерално, бев пречекуван многу топло насекаде во Македонија каде што бев. Македонците се секогаш љубопитни и генерално гостопримливи, но, Крушево е на едно поинакво ниво. Се случија неколку мали работи кои придонесоа за моето позитивно пристигнување овде, но има две приказни кои ми доаѓаат на памет во моментов. ¬Првиот настан е од почетната тридневна посета во ноември. Тогаш мојот македонски беше на потпросечно ниво во однос на фактот дека патувам сам или со јавен транспорт. Кога се симнав од автобус во Прилеп не знаев како да прашам со каков транспорт да одам од Прилеп за Крушево. За среќа сретнав жена по име Валентина која се враќаше за Крушево по истата рута како и мојата. Таа милостиво ме донесе до вистинското комбе за Крушево и се осигура да не завршам во комбе за Битола или на една од многуте други дестинации. Кога стигнавме дури и чекаше со мене за да види дали некој ќе ме пречека и дека ќе има со кој да продолжам понатаму. Втората приказна е по напуштањето на Крушево по првата посета кога се враќав во Прилеп. Се спријателив со постара жена додека чекавме транспортот да пристигне, односно таа наметливо се спријатели со мене. Јас очекував автобусот да влезе во автобуската станица, од каде што пред два дена се упатив нагоре во планините, но бабата знаеше подобро од мене. Испадна дека автобусот застанува блиску до автобуската станица и продолжува кон центарот на градот. Без некоја цел „скролав“ на телефонот и бабата проговори со возачот кога се симнуваше и побара да ме праша каде ќе слезам. По краток разговор сфатив дека треба да слезам со неа и набрзина се симнав од автобусот.

Генерално, се уште имам впечаток дека имам опфатено само дел од она што Крушево го нуди. Ја видов површината на многу различни активности и места, но допрва треба да ги искусам. Крушево го сфаќам како град кој секогаш има нешто скриено и се радувам на секое ново изненадување.

Share on:
Krusevo Advisor

Krusevo Advisor

error

Уживате во нашиот сајт? Споделете да дознаат и другите. :)