ТУРИСТ ОД ОХРИД: Морам одново да се вратам во Крушево, чистиот воздух ви е најголемо богатство

Точно една недела од моето доаѓање во Крушево. Бевме заедно со мојата братучетка и со зетот иси поминавме преубаво. Само да ви кажам – Ви благодарам од срце на гостопримството. Ние си поминавме супер само ни фалеше снегот, но Крушево е убаво во секое време…

Најпрво бевме на манастир Свето Преображение. Не остави без здив. Се е добро осмислено и добро напредува. Иконостасот е толку жив. Секоја црква е убава но таму има нешто посебно… Се гледа дека се работи внимателно и вредно..В и благодарам на тоа… (не бевме единствено на крстот што ми е малку криво но ајде тоа за следниот пат)

Бевме и во Македониумот, бевме кај Тоше, таму не можевме да се доближиме поблиску поради градежните работи, но направивме еден круг. Драго ми е што конечно се осмелија да му го изградат вечното почивалиште кое веќе одамна требаше да е изграено… како и да е… ја посетивме и Спомен куќата ни се допадна многу, има топлина, љубов … носталгија….

И на крај отидовме во Скар. Храната беше на врв, топла и вкусна. Нарачавме две топени лути сирења и едно Крушевско грне, превкусно…се спријателивме со едно преслатко маченце таму кое не сакаше да се оддели од нас, а исто и јас би сакала да знам како се вика….

На заминување отидовме на Мечкин Камен, јас таму одам прв пат. И навистина ми е мило што ете го осетив тоа место лично и одблиску… И едно од најважните работи, љуѓе, имате пре, пре пречист воздух. Додека патувавме секаде беше магла-бело како се доближувавме до Крушево градовите назад останаа долу се ама се, буквално се беше бело, во Крушево си го измивме погледот и се ни се избистри. Не давајте никој да ви го земе тоа…

Ви Благодарам уште безброј пати на гостопримството…на се… Едвај чекам да се вратам.

За малку ќе заборавев. Имате превкусни колбаси, моето семејство ги бендиса многу на мое огромно задоволство. Нешто превкусно немам пробано, навистина. Ви благодарам и на тоа….. Ќе го заборавев езерото, имав огромна желба да го видам, зашто секогаш го гледав на интрнет и ми се допаѓа многу таму навистина, местото е како разгледница, не знам, барем јас го доживувам така….

До следното доаѓање, голем и срдечен поздрав од Охрид Среќен нека ви е утрешниот празник Водици за многу години Наташа.

Share on:

Греми наградените Inner Circle на адреналинскиот фестивал When In Krusevo 2018!

Втора година по ред во 2018 година љубителите на планинските адреналински спортови и рекреативците можеа да уживаат во убавините на Крушевските предели. Во 2018 година фестивалот „WhenInKrusevo“ се одржа во последниот викенд од јуни, односно од 29-ти јуни до 1-ви јули, а организаторите најавуваа уште поголем и подобар фестивал од претходната година.

Дали очекувањата се исполнија?

Имено, во 2018 година понудата на тури и активности вклучени во картата од 400 денари беше збогатена со уште повеќе содржини, па сега таа покрај стандардните планински и велосипедски тури вклучуваше и планинска трка, јога и кросфит часови, гастрономска тура, посета на три музеи – Македониум, Спомен куќа на Тоше Проески и Мартиноски, нуркање и извиднички курсеви за најмалите.  Покрај ова, обезбедени беа и други адреналински содржини по промотивни цени, па посетителите можеа да уживаат и во тандем параглајдинг, кајакарење и SUP, како и многу други активности во живописните планински предели на преубавото Крушево.

Секако, покрај спортските активности во текот на денот, вечерните часови беа резервирани за добрата забава и дружење, а таа година звучни светски и домашни имиња се погрижија посетителите да имаат незаборавен викенд под отворено небо.

Се чини дека фестивалот во 2018-та беше еден од најбогатите со содржина, но организаторите продолжија да го надградуваат потенцијат на истиот.

Греми наградените реге изведувачи Inner Circle беа главните носители на програмата, а својот настап на сцената го имаа во саботата на 30-ти јуни,  каде ги изведоа своите најголеми хитови како „Bad Boys“,„ Sweat (A La La Long)“ и „Rock With You“!

Фестивалот во петокот вечер официјално го отворија Игор Џамбазов и Гуру Харе, а програмата беше надополнета и со DJ настапите на DJCrazySlave и BalkanJam. Во сабота вечер, покрај настапот на InnerCircle љубителите на фудбалот можеа да уживаат во заедничко гледање на четврт-финалниот натпревар од Светското првенство во Русија, а потоа и во добрата забава обезбедена од BetaHouse, DjTomeRootboy со поддршка од локалните DJ.

За големиот број на заинтересирани учесници беше обезбедена посебна камп зона со сите потребни услови, а секако на располагање беа и приватните и хотелските капацитети во Крушево.

Описот на настанот од 2018 година само покажува дека фестивалот расте од година во година. Во 2019-та значително се зголеми бројот на учесници и генерално луѓе кои дојдоа во Крушево заради фестивалот.

И оваа 2020-та организаторите од Аутдор манифест имаат големи планови. Да почекаме и да видиме.

Споделете ги вашите впечатоци од овој фестивал со испраќање на текст на vikendvokrusevo@yahoo.com или на нашата Фејсбук страница.

Share on:

Крушевско Езеро – мир, тишина, природна убавина

Крушевското езеро е едно од најпријатните места во Крушево. Опколено со зеленило, постелено со клупи, чист воздух и позитивни луѓе особено во летниот период.

Ова место е едно најраздвижените во пролетниот, летниот период и во текот на рана есен. Во близина се „Гумење“, повеќенаменското спортско игралиште, двојното тениско игралиште, фитнес зона и терените на ФК Питу Гули и овие содржини се фактор плус за популарноста на местото.

Езерото е опколено со патеки за пешачење и велосипедизам и тука ќе сретнете многу спортисти и рекреативци кои се одлучиле да го искористат убавото време. Можете да седнете на некој аод клупите и да ги почувствувате тишината и мирот што ова место ги носи.

Ви препорачуваме да „свртите еден круг“ околу Крушевско Езеро, да се восхитувате на пејзажите и ви ветуваме дека она што ќе го почувствувате тука ќе ве натера повторно да се вратите на ова место.

Пишува: Сотир Габелоски

Share on:

Како да направите поубави фотографии од Крушево?

Без разлика дали имате телефон или фотоапарат со себе. Без оглед дали сте аматер или професионален во фотографијата, или, пак, можеби никогаш не сте фотографирале. Без оглед дали Крушево го сакате повеќе во зима или лето… Еве ги нашите препораки како да направите најубавите фотографии од Крушево.

Поставеноста на куќите е навистина интересна. Тие се распоредени по падините на Бушева планина, а нивната висина варира. Варираат и стиловите на куќите, а најинтересно е скалестото подредување на живеалиштата на Крушевчани.

Што треба да направите?

За да ги направите најубавите фотографии од Крушево и со тоа да си создадете незаборавни спомени од нашиот град ќе треба да направите една мала обиколка на Крушево. Но, не се грижете, обиколката не е подолга од 2 километри и доволно е само да ја следите главната улица во градот.

Вашата прошетка со телефон/апарат и мало шише вода треба да започне од влезот на градот и да се движите во правец кон излезот кон Битола. Првата угорнина ќе ви понуди одлични пејзажи за да ја фотографирате гелеријата Никола Мартиноски, потоа жичарницата, скалесто подредените куќи и сите оние со уникатен традиционален изглед на фасадите. Фотографијата подолу е илустрација за првите фотографии кои можете да ги направите.

Потоа, како што наближувате кон излезот од градот и хотел Монтана Палас доаѓата до местото „Кај клупата“ кое на тацна ви ја дава Пелагонија. И ова е одлично место за да покажаете на вашите драги и пријатели дека Крушево е како во рајот – од горе се’ се гледа.

„Кај клупата“

Го одминувате хотел Монтана Палас кој е една импозантна градба и ликот хотелот го зачувал уште од времето на поранешна Југославија. Влезете и пробајте го крушевското традиционално јадење Чомлек и нема да зажалите. Излезете на тераса и направете уште неколку фотографии.

Од хотел Монтана Палас Крушево

По неколку стотини метри пристигнувате пред споменикот на Питу Гули (од лева страна). Ги искачувате скалите и од тука имате неколку одлични можности за зграпчување пејзажи. Погледнете подолу.

Фото: од локација на споменикот на Питу Гули, близу хотел Монтана Палас

Продолжувате по истиот пат и патоказите ќе ве одведат до жичарницата. Ја одминувате и стигнувате до наредната кривина. На тоа место ќе забележите огледало за побезбендо разминување на автомобилите, а веднаш пзоади него го имате делот од Крушево по кој чекоревте до тој момент. Тука можете да ја фотографирате црквата Св. Никола, која се наоѓа во центарот на градот, гордо развиореното македонско знаме, а јасно ќе се гледаат многу ридови и планини во далечината.

Ова се нашите предлози како да направите поубави фотографии од Крушево. Кога сте во Крушево меѓу другите уникатни работи кои што може да ги пробате фотографирајте, правете „селфиња“ и воодушевувајте се на пејзажите кои одземаат воздух.

Ова се нашите предлози, но кои се вашите? Испратете ваш текст на vikendvokrusevo@yahoo.com или на нашите профили на ФБ и Инста.

Share on:
Krusevo Advisor

Krusevo Advisor

error

Уживате во нашиот сајт? Споделете да дознаат и другите. :)