Зимска сезона #рестарт; Снег во Крушево

Крушево е повторно обелено. Месец февруари го започнавме со снег и тоа многу повеќе од претходно. Зимската сезона се рестартира, а снегот е заслужен за прекрасниот изглед на Крушево.

Зимската сезона не е она вистинското без снегот. Затоа, од минатата сабота Крушево веќе изгледа поинаку, а веќе и многу повеќе луѓе почнаа да доаѓаат во нашиот град. Пред нас е викенд кој ќе биде прекрасен за скијање, прошетка и уживање дали на скијачките терени или некаде во градот.

Снегот е доволен во овој период за да го задржи вашето внимание. Снегот е доволен за прошетка, топол чај, скијање, чист воздух и 100% уживање. Фотографиите кои ви ги приложуваме се всушност само дел од убавината која може да се доживее уште овој викенд.

Не само што нема да погрешите, туку многу ќе пропуштите ако не дојдете во Крушево час поскоро и го доживеете прикажаното на фотографиите.

Share on:

Сонце, чист воздух и природа – Крушево прекрасно наредните денови

Ако Крушево во јануари и февруари не секогаш има снег не значи дека не е убаво. Овие пролетни температурни прилики се подеднакво привлечна причина за да го посетите нашиот град.

Сончевите денови кои ни’ претстојат се одлични за прошетка во природа и на чист воздух. Пределите кон Мечкин Камен, скијачките терени, кон споменикот Слива и манастирот Св. Преображение и самиот град ќе ви понудат физички умор, но, од другата страна, духовно прочистување и релаксација.

Несекојдневно повисоките температури ги прават деновите во Крушево неодоливи и за кафе на отворено. Испиеното кафе под крушевското сонце е нова можност за релаксација, муабет и витамин Д.

Така што пред нас е викенд, но и потоа цела недела која може да ни го разубави нашето слободно време и да ни го исполни одморот со вистинска релаксација. Не заборавајте дека чистиот воздух, убавото време и природата се нешто што може да се доживее во Крушево во секој дел од годината и при различни временски прилики.

Share on:

Овие фотографии ќе ве убедат да дојдете во Крушево

Во Крушево има толку снег колку да ве привлече да дојдете и да уживате во белите пејзажи и да се надишете свеж воздух. Има доволно снег за прошетка, уживање, одмор и малку скијање на ски терените Станич.

Возењето со жичарницата ќе овозможи поинаква перспектива на Крушево. Ќе здогледате обелени покриви, а белата покривка ќе ги даде на увид сите подалечни ридови, висорамнини, планински врвови. Поставеноста на градот ќе ве остави без здив уште еднаш.

Пред нас е уште еден викенд во кој не’ очекува сонце и убаво време за уживање во Крушево. Веруваме дека фотографиите ќе ве убедат да не’ посетите.

Share on:

Колку е само убаво за Божиќ

Градот нуди прекрасни чувства во периодот на Бадник и Божиќ. Покрај Нова година, 5-ти јануари, кога се одбележува Дева, 6-ти за Бадник и 7-ми за Божиќ во Крушево е величествено.

Уникатноста на Крушево лежи во празничниот ден кога се најавува Христовото раѓање. Млади и возрасни со црвена ѕвезда шетаат низ градот и ја пеат песната за да го најават Христовото раѓање. Овој празник се одбележува само во Крушево и Витлеем, Израел.

Младите и децата со рачно изработени ѕвезди ја пеат песната од куќа во куќа, од дом во дом, а домаќини пречекувајќи ги со насмевка даваат по некој „грош“ за да ги наградат децата.

Повозрасните, пак, носат со себе ѕвезда која е поголема и носи име на некои од црквите или манастирите во Крушево. Така, крушевчани даваат доброволен прилог по пеењето на песната и собраните средства остануваат на користење на црквите и манастирите.

Во прилог погледнете како, отприлика, звучи песната за Девалинк тука.

Секоја година Дева се одбележува и со хуманитарна акција. Во центарот на Крушево се поставува импровизирана колиба и каса за донирање пари за првороденото бебе.

6-ти јануари е Бадник кога во Крушево НЕ се прави пита со паричка. Уникатноста лежи во тоа што крушевчани вртат паричка на Св. Василица или Стара Нова година, односно на 13-ти јануари.

Ова е уште еден празничен дека кога се прават прошетки, а попладнето и вечерта се посветени на семејството и домот. Крушевчани остануваат дома на празнична вечера и со посакување желби за здравје, среќа и успех.

7-ми јануари или Божиќ е уште еден ден кога низ улиците на Крушево се шири позитивна енергија, а луѓето си честитаат со реченицата Христос се роди.

Овие неколку денови се навистина убави во Крушево. На овие денови семејствата се обединуваат, пријателите се дружат и нема ништо друго од позитивна енергија и хуманизам. Затоа е толку убаво на овие денови да си во Крушево.

За многу години!

Share on:
Krusevo Advisor

Krusevo Advisor

error

Уживате во нашиот сајт? Споделете да дознаат и другите. :)