ЕДЕН ОД ОРГАНИЗАТОРИТЕ НА WHEN IN KRUSEVO: Наредното издание на фестивалот ќе биде најдобро досега
Што за тебе претставува When in Krusevo?
Како еден од организаторите на “outdoor” фестивалот “When in Krusevo” во соработка со неколку другари, добивме идеја да ја промовираме алтернативната страна на нашиот град. Иако започнавме многу скромно, сепак во 2017 година остваривме една успешна приказна со околу 200 пријавени учесници и повеќе од 1.000 посетители. Како изминуваше времето, фестивалот добиваше сè поголема поддршка и сè повеќе учесници и посетители. Денес броиме веќе 5 успешни изданија (3 летни и две зимски) исполнети со многу љубов, дружење и забава. Учесниците имаа прилика да уживаат во Крушевските убавини преку кампинг зона околу крушевското езеро, велосипедска и планинарска тура низ недопрената крушевска природа, летање со параглајдер, јавање на коњи, кајак, јога, детски игри, посета на крушевски знаменитости и концертни вечери на отворено. Само на последното летно издание нашиот град го посетија над 3000 посетители и над 500 учесници.

Новост во вашиот концепт е зимското издание на When in Krusevo. Кажи ни’, Димитар, нешто повеќе за оваа страна на фестивалот?
Минатата година се одржа и првото зимско издание кое морам да признаам дека ги надмина сите наши очекувања. Тоа не мотивираше оваа година да го одржиме и второто зимско издание When in Krusevo – Winter is here кое ги исполни сите сместувачки капацитети на Крушево. На ова издание имавме над 250 учесници и повеќе од 2.000 посетители на Крушево. Учесниците имаа можност да уживаат во ноќните забави во локалните барови, дневните журки во Ресторан Алто, дегустација на крушевските специјалитети, зимско тандем летање со параглајдер, јавање на коњи, како и рекреативни и професионални планинарски тури низ крушевските убавини.
Која е вашата долгорочна идеја за When in Krusevo? Кои се вашите долгорочни цели и визии?
Нашата идеја за промоција на богатата традиција, култура и природните убавини на Крушево планираме да ја продолжиме и со дополнителни активности на наредниот “When in Krusevo” 2020. Имаме големи амбиции овој фестивал секоја година да биде на едно ниво повисоко од претходниот и секако со тоа да добиеме многу поголема поддршка и поголем број на посетители и учесници во Крушево. Од година во година добиваме навистина сè поголема поддршка најнапред од нашата Општина Крушево, од локалните угостители, локалното населние, но и огромна поддршка од разни институции, фондации и проекти.

Организирате настани кои се дел од туристичката понуда на Крушево, па сигурно имате некоја визија за развој на туризмот и збогатување на туристичката понуда на градот како дестинациа. Можеш да споделиш нешто околу тоа?
Мое мислење е дека локалното население недоволно ги посетува аутдор фестивалите во Крушево, а со тоа недоволно придонесува за поголема популарност на истите. Туристичката понуда на Крушево освен со нашиот фестивал верувам дека дополнително може да се збогати со заедничко вложување не само на Општина Крушево туку и на целото локално население кое со негова искрена дополнителна заложба и идеи може навистина многу да придонесе успешно да се подобри и збогати културната програма, спортските и останати активности во текот на целата година.

Дали туризмот има иднина во Крушево?
Секако дека да. Еден добар пример за подобрување на туризмот и општествената одговорност во Крушево се доста млади ентузијасти како тимот на When in Krusevo, тимот на When in X , Културна Младинска Акција, Крушево Будно, Викенд во Крушево, Црвениот Крст, Вкуси го Крушево (Taste Krusevo), Гитар Фест, Крушевска Жена, основците, средношколците и други. Се надевам дека бројот на сите овие ентузијасти секоја година ќе се зголемува и нашиот град со слога, разбирање и многу љубов не само што ќе ја збогати туристичката понуда, туку и ќе го подобри животниот стандард и квалитетот на живеење.
Разговорот го водеше: Сотир Габелоски