Кико Филипоски ја сподели со нас приказната за неговите почетоци и успеси во музиката

Кире Филипоски (Кико), ни одговори на неколку наши прашања за неговата љубов кон музиката.

И него пред се’ го прашавме колку години има и со што се занимава моментално, па тој ни одговори: ,,Имам 26 години, моментално се занимавам со музика.”

Од кога се занимаваш со музика? – ,,Со музика се занимавам веќе 8 години.”

Следно, каква музика слушаш? – ,,Слушам секаков вид на музика, голем обожавател сум на поп-рок музиката, но го работам тоа што го бара публиката. “

Како следно прашање беше зошто се занимаваш со музика, па тој ни рече: Со музика се занимавам затоа што тоа е моето најголемо хоби, морам да кажам дека потекнувам од музичка фамилија и секако тоа ме исполнува.

Во кој бенд си моментално? – ,,Моментално сум во “ Кико и Коки “ бенд кој се состои од два члена, гитара и клавијатура. “

На прашањето, во кои други бендови си бил, ни одговори дека почетоците од кариерата ги започнал во бенд “ No Name “, за различни настани работел и со други бендови.

На нашето стандардно прашање дали има некои познати личности, странски или наши, кои служат како инспирација, или пак некој бенд можеби, како одговор следуваше: ,,Секако дека има, на прво место ми е нашиот легендарен и незаменлив пејач Тоше Проески, исто така обожавам да ги слушам и Здравко Чолиќ, Дино Мерлин, Џенан Лончаревиќ, Бјело дугме, Рибља Чорба и секако многу многу други ” …

Сакавме да ни каже нешто интересно за себе, па ни одговори: ,,Јас по природа сум скромна и срамежлива личност, љубител сум на природата, сакам мирни и тивки места. Најчесто после свирките си доаѓам во родниот град Крушево, каде што го пронаоѓам мирот и ги полнам батериите. “

Ни ја раскажа и кратката приказна за почетоците во музиката.. Моите родители уште од мали нозе ја препознале дарбата за музиката во мене, но морам да напоменам дека генот е од мојот татко Сотир Филипоски кој е пејач и гитарист, па така сега јас чекорам по неговите стапки.

Кажи некоја интересна случка поврзана со некој настап? – ,,Секој настап е со различни и интересни случки, искрено во моментов не ми текунва некоја што можам да ја издвојам. ”

Следно, ни раскажа за неговиот настап кој му останал во сеќавање. ,,Имав можност во 2015 година да учествувам на големото музичко шоу “ Пинкове ѕвезде “ и честo да пеам пред големи музички ѕвезди. “

И како последно прашање, кој е твојот предлог за подобрување на културно-забавниот живот во Крушево? – ,,Па мислам дека треба да се организираат настани од секаков вид, кои ќе ги предизвикаат сите генерации, а најчесто помладата генерација која може да биде дел од истите и останатите љубители на градот Крушево. Исто така можам да кажам дека во нашиот град има доста генерации кои во себе носат по некој талент, но претежно е музичкиот талент. “

Му благодариме на Кико за краткото интервју за нашиот вебсајт и му посакуваме многу успех понатаму во музиката.

Тошо Јуца и неговата приказна за музиката.

Тошо Јуца, наш сограѓанин кој се занимава со музика, сподели интересни работи со нас.

Направивме мало интервју со него, па како прво прашање беше поставено: Кога си роден и со што се занимаваш моментално? А тој ни одговори: ,,Роден сум на 8-ми јуни, во не толку далечната 1991год. Моментално работам во приватна фирма, нешто сосема различно од музиката. “

И него го запрашавме од кога се занимава со музика, па како одговор следеше дека- ,,Со музика се занимавам од мојата 13 (тринаесетта) година, првенствено како хоби, а потоа и професионално. “

Каква музика слушаш? – ,,Слушам секаков вид на музика, тоа ми е дел од професијата. Приватно знам да се опуштам со добри “Рок” и “Блуз” класици. “

На тоа зошто се занимаваш со музика ,тој ни’ одговори: ,,Искрено, немам збор со кој би го опишал тоа чувство, пред се за сопственото задоволство, и енергијата која музиката ја пренесува, на другите луѓе, на публиката. Тоа е магија 🙂 “.

Покрај тоа што работи во приватна фирма, тој се уште се занимава со музика, па го прашавме во кој бенд е моментално и во кои други бендови настапувал. –,,Моментално работам со бенд (Артико Бенд), со уште четворица  колеги од Факултетот за музичка уметност во Скопје. Сум бил дел од повеќе бендови и различни состави, генерално локални. “

Дали се’ уште настапуваш со твојот брат или само со бендот?- Не. Моментално функционирам само со бендот.

И тој има свои познати личности, странски и наши кои му служат како инспирација, па тој на тоа прашање ни одговори: ,,Секако дека има. Како инспирација пред се би издвоил еден  фантастичен музичар од нашиве простори, кој ако не Тоше Проески. Од светска сцена Ерик Клептон, БиБи Кинг, Гери Мур..”

На прашањето, кажи нешто интересно за себе, тој се насмеа и рече: ,,Јас сум можеби едниствениот музичар кој, од така наречените “тезги” отишол да студира класична музика, обично тоа оди во обратен правец 🙂 . “

Следно, како започна приказната со музиката, тој одговори дека како главен “виновник” е неговиот татко, уште од мал имал прилика да го слуша како свири и пее низ дома, онака за своја душа, од него го наследив талентот и љубовта кон музиката.

Како интересна случка која би можел да ја одвои и да ни ја каже, Тошо рече дека не би можел да издвои нешто посебно, затоа што секој настап е нова приказна, нови луѓе, а на случките им нема крај.

Кој настап ти останал во сеќавање?- ,,Многу настапи ми останале во сеќавање, од прекрасни луѓе, искуства, дружење. Би ги издвоил настапон со Дарио и Миг 21 на Strumica Open Festival, и турнејата во Полска, со Академијата ЕУРО АРТ од Штип.”

И како последно прашање, кој е твојот предлог за подобрување на културно-забавниот живот во Крушево, тој ни одговори: ,,Ова е малку комплицирано. За да се подигне нивото на културно-забавниот живот, треба време, земајќи предвид каде се наоѓаме сега, тоа е подолг процес. Јас лично би го поздравил подвигот, за едниствениот добар настан што му се случил на Крушево, тоа е “When in Krusevo”. За почеток ни требаат минимум 3-5 настани од ваков карактер, на годишно ниво. “

Му се заблагодаруваме на Тошо за краткото интервју и за неговата љубов кон музиката, па му посакуваме успеси на секое поле во животот и повеќе настапи.

Крушевски готвач- книга со рецепти, дело на организацијата на жени ,,ЦВЕТ”.

Во срцето на Македонија е сместен градот Крушево, град во кој секоја куќа и улица зборуваат за храброто истористко минато. Во тој букет од старо градска архитектура, убавина и традиција е сместена и организацијата на жени ”ЦВЕТ”.

Темел на оваа организација се нејзините членки Македонки и Влаинки. Овие вредни жени целата своја љубов, умеење и благородност ги вклопиле во своите ракотворби истовремено пренесувајќи ги своите особини и умешност на младите генерации жени.

Нивните ракотворби зборуваат за среќата, љубовта, тагата, маката и радоста, истовремено во себе ја носат вонвременската и универзална порака дека само убавото е вечно и трајно.

Во продолжение во неколку посебни објави прочитајте ги рецептите напишани од организацијата на жени ,,Цвет”.

Греми наградените Inner Circle на адреналинскиот фестивал When In Krusevo 2018!

Втора година по ред во 2018 година љубителите на планинските адреналински спортови и рекреативците можеа да уживаат во убавините на Крушевските предели. Во 2018 година фестивалот „WhenInKrusevo“ се одржа во последниот викенд од јуни, односно од 29-ти јуни до 1-ви јули, а организаторите најавуваа уште поголем и подобар фестивал од претходната година.

Дали очекувањата се исполнија?

Имено, во 2018 година понудата на тури и активности вклучени во картата од 400 денари беше збогатена со уште повеќе содржини, па сега таа покрај стандардните планински и велосипедски тури вклучуваше и планинска трка, јога и кросфит часови, гастрономска тура, посета на три музеи – Македониум, Спомен куќа на Тоше Проески и Мартиноски, нуркање и извиднички курсеви за најмалите.  Покрај ова, обезбедени беа и други адреналински содржини по промотивни цени, па посетителите можеа да уживаат и во тандем параглајдинг, кајакарење и SUP, како и многу други активности во живописните планински предели на преубавото Крушево.

Секако, покрај спортските активности во текот на денот, вечерните часови беа резервирани за добрата забава и дружење, а таа година звучни светски и домашни имиња се погрижија посетителите да имаат незаборавен викенд под отворено небо.

Се чини дека фестивалот во 2018-та беше еден од најбогатите со содржина, но организаторите продолжија да го надградуваат потенцијат на истиот.

Греми наградените реге изведувачи Inner Circle беа главните носители на програмата, а својот настап на сцената го имаа во саботата на 30-ти јуни,  каде ги изведоа своите најголеми хитови како „Bad Boys“,„ Sweat (A La La Long)“ и „Rock With You“!

Фестивалот во петокот вечер официјално го отворија Игор Џамбазов и Гуру Харе, а програмата беше надополнета и со DJ настапите на DJCrazySlave и BalkanJam. Во сабота вечер, покрај настапот на InnerCircle љубителите на фудбалот можеа да уживаат во заедничко гледање на четврт-финалниот натпревар од Светското првенство во Русија, а потоа и во добрата забава обезбедена од BetaHouse, DjTomeRootboy со поддршка од локалните DJ.

За големиот број на заинтересирани учесници беше обезбедена посебна камп зона со сите потребни услови, а секако на располагање беа и приватните и хотелските капацитети во Крушево.

Описот на настанот од 2018 година само покажува дека фестивалот расте од година во година. Во 2019-та значително се зголеми бројот на учесници и генерално луѓе кои дојдоа во Крушево заради фестивалот.

И оваа 2020-та организаторите од Аутдор манифест имаат големи планови. Да почекаме и да видиме.

Споделете ги вашите впечатоци од овој фестивал со испраќање на текст на vikendvokrusevo@yahoo.com или на нашата Фејсбук страница.

Krusevo Advisor

Krusevo Advisor

error

Уживате во нашиот сајт? Споделете да дознаат и другите. :)