Пет впечатоци после една недела во Крушево

По мое мислење ретко се случува во пракса да ги доживееш возвишените очекувања за одредена работа. Нормално е за нашата прва средба со некое место или личност да ни’ фали нешто во споредба со сликите кои претходно не’ маѓепсале. Во Америка, на пример, вообичаено е да ги хиперболизирате добрите страни и да ги минимизирате впечатоците за лошите за да ја достигнете вашата поента. Прифатливо е, но до одреден степен, да користите грандиозна и преопширна реторика. Исто така, нормално е дека сите, вклучувајќи ги и Американците, брзо учат да ги менаџираат очекувањата. Го споменувам сето ова затоа што е поврзано со мојот прв впечаток од Крушево Од периодот кога дознав дека ќе работам овде, во Крушево, до моментот кога прв пат стапнав од комбето во градот нивото на впечатоците што ги имав за Крушево беше преголемо и преувеличено.

Еве ги четирите реченици кои ги чув претходно:

1. Крушево е најубавиот град во цела Македонија!;
2. Крушево е најчисто од цела Македонија!;
3. Е, оттаму е Тоше Проески!;
4. Во Крушево има параглајдинг, сноуборд и природа што го зема здивот!

Да бидам искрен, малку ја преувеличив последната реченица затоа што не го знам македонскиот збор за „breathtaking“, но верувам дека ме разбравте.

Секој ден слушав бескрајни пофални зборови и перцепцијата која се градеше кај мене ги достигна височините на небото. Тогаш ,го направив она што секој би го направил, а тоа е ги комбинирав очекувањета со здрав скептицизам за на крајот само да чекам и да дознаам лично. Како волонтер на Мировен корпус, кој се подготвува да работи во наредните две години со општина Крушево, не сакав да отидам со превисоки очекувања и да се разочарам. Но, Крушево ги достигна и надмина сите мои очекувања.

Кога се симнав од комбето бев пречекан од еден од најубавите пејсажи кои некогаш сум ги видел. Затоа, дозволете ми да ви зборувам за моите пет впечатоци од оваа идилична дестинација и како таа ги надмина моите очекувања….

Преостанатиот и сигурно највозбудлив дел прочитајте го во следната објава и дознајте кои се тие 5 впечатоци на нашиот пријател од САД… #StayTuned

Продолжи кон вториот дел ТУКА

„Десет дена Крушевска Република“ – настан за сите возрасти

Минатата 2019 година веројатно беше исклучок кога се работи за квалитетот на програмата на Манифестацијата научно културни средби „Десет дена Крушевска Република“ и се исполнија очекувањата дека годинава заедно со Светското првенство во параглајдинг овие настани ќе дадат особен импулс во привлекувањето на повеќе туристи.

Доаѓање на коњаница

Со години од организаторите на Манифестацијата се бараше модернизација на програмата, но тоа не значи внесување на активности како журка до зори и електронска музика исклучиво. Дополнителна вредносна тежина на настанот дава и цврстата поддршка која доаѓа од еден општествено одговорен субјект како што е НЛБ банка АД Скопје. Банката покрај низата настани што ги поддржува, како Европското првенство во змајарство 2018 година, П.С. Гитар фест и други, дава силна финансиска и логистичка поддршка на настанот.

Поддршката од банката значи дека овој настан ги надминал сите политичко-партиски бариери и прераснува во исклучиво културен настан со понуда за различен тип на посетители на Крушево, возрасни години и зачувување на историјата.

Но, да преминеме на програмата за „Десет дена Крушевска Република“ 2019 година:

Манифестацијата се отвора со Влатко Стефановски и Мирослав Тадиќ и презентирање на албумот „Крушево“, а после нив настап на македонската филхармонија. На 2-ри се одвива централната прослава на Мечкин Камен, заедно со вечерен настап за повозрасната популација и повозрасните туристи. На 3-ти и 4-ти предвидени се Унгарската и Влашка вечер со презентација на песни и книги, концерти, а во рамки на одбележувањето на влашката култура е одржување на јавна трибина за пописот кој треба да се одржи во државата. Го спомнувам овој дел во функција на разноликоста на настанот, односно понудата која се движи од забава, преку одбележување на историските настани и едукација.

На 5-ти започна Светското првенство во параглајдерство кое броеше рекорден број на учесници во историјата на овој спорт, и тоа 49 земји – учеснички од целиот свет. Отворањето се одбележува со групата „Фолтин“, а потоа следува концерт на Влатко Груевски – тенор и отворање на т.н. Летна сцена која за крушевчани буди многу спомени.

Во рамките на Манифестацијата до 10-от ден од настанот се одржаа театарски претстави за деца и возрасни („Зеленковци“ и „Првин ќе ме земеш ,па после ќе ме..“), концерти на групата Бона Деа (8-ми август), Шербет и Галоски (9-ти август) и на затворањето настапи Викторија Лоба.

Ден посветен на унгарската култура

„Десет дена Крушевска Република“ е само еден од настаните кои го исполнуваат Крушево со атрактивни содржини во текот на летото, но и цела година. Од тие причини, понудата на Крушево како туристичка дестинација содржи можности за активен туризам како параглајдерство, планински велосипедизам, планинарење, јавање на коњи и културни настани како концерти (Крушево будно), уметност (П.С. Гитар фест) и спортски настани (турнир во мал фудбал „Илинден 2019“).

Галоски – синоним за скромност и нескротлива амбиција

Кога скромноста и нескротливата амбиција ќе се спојат добивате успешна личност со голем потенцијал да ги надмине сите бариери кои за колегите од иста професија се чинат непобедливи.

Галоски, 10 дена Крушевска Република

На 9-ти август 2019, како дел од Манифестацијата НКС „Десет дена Крушевска Република“, во Крушево гостуваше Галоски кој по две години пауза повторно со свој сет доаѓа во Крушево. По When in Krusevo 2017, кога последен пат настапи овде,  кариерата на Галоски тргна со светлосна брзина нагоре. Сите ние што го следиме на „Инстаграм“ и „Фејсбук“ забележувавме како закажува и одржува настапи во Јапонија, Сингапур, Кина, цела Европа, а Балканот одамна го запознал овој диџеј.

Ги следевме социјалните мрежи и пратевме како отскокнува од другите, како граби кон успехот, како настапува рамо до рамо со познати светски ди џеи и, генерално, музички артисти. Галоски започна да гради интернационална кариера и од ден во ден, од настап до настап изгледа како да ги надминува сите пречки.

Пред настапот во Крушево имав прилика да разговарам со ди џејот од Тетово. Впечатокот што ми го остави е токму оној од почетокот на текстот – скромност и огромна амбиција која денес резултира со постојани настапи од кои мнозинството надвор од државата.

Од една страна, со неговата скромност и комуникативност покажува дека знае да се носи со успехот што го постигнал и дека, истовремено, не залутал во некој друг свет заради славата. Од друга страна, неговата амбиција прикажана во многу детали во разговорот што го имавме за мене претставува мотив да ги срушам сите пречки кои ги имам пред се’ во главата, а потоа и во реалноста, на личен план. Инспирирајќи се од неговите амбиција и скромност јас го научив рецептот за успех и тој краток неформален разговор ми помогна во себе да развијам нова и, верувам, поефикасна стратегија на патот кон успехот.

Трајче Шекрески, секретар на Манифестацијата, Галоски и Сотир Габелоски

Галоски минатата година посетил 40 земји, а денес продолжува да напредува и да го жртвува својот социјален живот затоа што знае дека светлата иднина е пред него, а патот до успехот веќе го чекори.

Навистина ми беше драго што те запознав, Александар, фала ти за мотивот кој ми го даде. 

Пишува: Сотир Габелоски

Најдоброто место за параглајдинг

Крушево се смета за едно од најдобрите места за параглајдинг во светот. Полетиштето за параглајдери и змаеви на Мечкин Камен секоја година е домаќин на десетина интернационални натпревари во параглајдинг и змајарство.

Во 2019 година тука се одржа 16-тото Светско првенство во параглајдинг со 150 учесници од рекорден број на земји – 49 од целиот свет. Во 2021 година во Крушево ќе се одржи Светско првенство во змајарство.

Полетиштето се наоѓа на повеќе од 1 400 метри надморска висина, а причината зошто се смета за едно од најдобрите места за овие спортови е неговиот пристапен и безбеден терен со фактот што точките за слетување се блиску до патиштата кои водат до Крушево. Исто така, учесници на 16-тото Светско првенство во параглајдинг го ставаат полетиштето во топ 3 дестинации за овој спорт, пред се’, заради ружата на ветрови кои овозможуваат правилни подигнување од површината.

Општина Крушево сериозно инвестира во авантуристичкиот туризам каде што централно место има параглајдингот. Неколку проекти го ставаат параглајдерството во фокусот и очекуваните резултати се Крушево да стане една од топ 3 дестинации за параглајдинг и змајарство.

Последната инвестиција која се очекува на овој простор е поставување на двојно поголем вештачка трева, која ќе овозможи побезбедно полетување и одржување на уште поголеми меѓународни натпревари во параглајдинг.

На ова место општина Крушево ќе изгради и објект за самите параглајдеристи, а во функција на одржување на повеќе меѓународни првенства.

Пред Европско првенство, 2019

Местото Мечкин Камен, кој е во околината на полетиштето, е место за пикник во летниот период за туристите и крушевчани, а патот до таму е соодветен за пешачење и планински велосипедизам. Околните шуми нудат адреналин, чист воздух и плодна вегетација. 

Мечкин Камен е уште едно историско место во градот Крушево и затоа не пропуштајте да го посетите кога сте во Крушево. 

Месноста Мечкин Камен

И покрај тоа што ова место е едно од поубавите и популарните излетнички места во себе со споменикот Мечкин Камен овој локалитет носи голема историска вредност за градот.

Споменик Мечкин Камен

Споменикот Мечкин Камен е симбол на Илинденското востание кое се издигнало на 1-ви август 1903 година. Споменикот ги означува последните и очајнички обиди на малубројните членови на одредот на Питу Гули за заштита на градот од турскиот окупатор. Споменикот е спомен на загубените комитски животи за слободно Крушево од 1903-та година.

Спомениот е подигнат во 1983 година и е креација на македонскио вајар и академик Димо Тодоровски.

Што претставува ова место за Крушево?

Ако споменикот Мечкин Камен е поглед кон минатото, кон едно славно минато кое градот Крушево го има, местото за параглајдинг е поглед кон иднината, за крушевчани и затуристи од Европа и Светот.

16-то Светско првенство, затворање, 2019
Krusevo Advisor

Krusevo Advisor

error

Уживате во нашиот сајт? Споделете да дознаат и другите. :)