Крушевска корија

Во градот Крушево и околината има повеќе типови на дрвја и шуми. Крушевската корија со која е опкружен градот претставува едно од главните обележја. Особено се пријатни прошетките низ коријата во летните месеци, кога температурата е повисока. Во околината на градот, најмногу е застапена буковата шума, доста ја има и боровата шума (црн и бел бор), а се среќава и дабова шума. Покрај овие видови на дрвја, застапени се и некои автохтони видови, како на пример: сребрена липа и големолисна липа, црн јасен, костен, трепетлика, дива или козја врба, модра смрека и други.

Коријата во рана пролет

Буковата корија која го обиколува градот од северната, северо-западната и западната страна, се карактеризира со специфичности кои му даваат значајна еколошка, заштитна, туристичка и економска вредност на ова подрачје. Површината на која се наоѓа коријата претставува природен насад од бука, а возраста на стеблата е од 150 до 280 години, а шумата се протега на надморска висина од 1160 до 1370 метри. Значајна е да се спомене буката кај хотелот “Панорама” која претставува симбол на хотелот и е стара над 300 години.

Манастирот на Тоше

На пространите падини, јужно од градот, на надморска висина од 1664 метри се наоѓа манастирот “Св.Преображение”. Овој манастир е оддалечен околу 10 километри северозападно од градот. До него има изграден пат и може да се стигне со возило или со планинарење.

Изградбата на денешната црква започнала во 1984 година, а при подготовките на теренот, на истото место се пронајдени темели на една еднокорабна и една трикорабна базилика. Изграден е и нов конак, каде посетителите слободно можат да ноќеваат.

Во близина на манастирот, неодамна е поставен голем крст, од каде има неверојатен поглед на цела Пелагонија, околните крушевски села и градот Прилеп. Во неколку збора, уште едно прекрасно место кое вреди да се посети и Ви нуди духовна смиреност и уживање во прекрасната природа.

Непосредно до манастирот “Св.Спас”, во поново време, не така одамна изградена е и црквата “Св.Василија” до каде што води пат кој продолжува од самиот манастир “Св.Спас” и може да се оди со возило или пешки, при што се стигнува најмногу за пола час. Местото каде што е изграден овој манастир, исто така ќе ве воодушеви со својата убавина и прекрасниот видик. До убавата црква која има прекрасни фрески во внатрешноста, изграден е и нов конак со соби каде може да се седи и ужива.

Оваа црква можете да ја посетите и на подолго време со оглед на близината со манастирот Св. Спас каде што можете да преноќите.

Кога доаѓате во Крушево, неколку километри после Кривогаштани, баш кога започнувате да се искачувате по стрмнината, од левата страна можете да го забележите манастирот “Св.Спас”, сместен во самата корија на неколку километри од градот, кој е изграден во втората половина на деветнаести век.

Во дворот на манастирот, до самата црква има и стар конак со сини врати и прозорци, кои се карактеристични и за крушевските куќи од тој период. Конакот има и висок чардак од каде можете да уживате во прекрасниот поглед кон најголемата котлина во Македонија – Пелагонија, а од другите страни гледате кон прекрасната букова корија која ги менува боите во зависност од годишните времиња. Конакот на манастирот има голем број на соби, каде гостите имаат можност и да ноќева. Во поново време,  изграден е уште еден нов конак на другата страна од црквата.

Манастирот се наоѓа на 900 метри надморска висина. Во дворот на манастирот, има изградено и чешма каде тече природна ладна вода која може и да се пие. Накратко, доколку сакате да ги одморите и телото и духот, дефинитивно нема да згрешите ако го посетите овој манастир!

Krusevo Advisor

Krusevo Advisor

error

Уживате во нашиот сајт? Споделете да дознаат и другите. :)