Крушевска корија
Во градот Крушево и околината има повеќе типови на дрвја и шуми. Крушевската корија со која е опкружен градот претставува едно од главните обележја. Особено се пријатни прошетките низ коријата во летните месеци, кога температурата е повисока. Во околината на градот, најмногу е застапена буковата шума, доста ја има и боровата шума (црн и бел бор), а се среќава и дабова шума. Покрај овие видови на дрвја, застапени се и некои автохтони видови, како на пример: сребрена липа и големолисна липа, црн јасен, костен, трепетлика, дива или козја врба, модра смрека и други.

Буковата корија која го обиколува градот од северната, северо-западната и западната страна, се карактеризира со специфичности кои му даваат значајна еколошка, заштитна, туристичка и економска вредност на ова подрачје. Површината на која се наоѓа коријата претставува природен насад од бука, а возраста на стеблата е од 150 до 280 години, а шумата се протега на надморска висина од 1160 до 1370 метри. Значајна е да се спомене буката кај хотелот “Панорама” која претставува симбол на хотелот и е стара над 300 години.