Во центарот на Крушево – црква Св. Никола
Во Крушево има четири цркви. Во минатото нивниот број бил и поголем, меѓутоа тие биле попримитивни, се до изградбата на модерни градби што започнала со доселувањето во градот на најпознатите балкански градители – Мијаците. Крушевските цркви импресионираат со својата архитектура, особено со внатрешниот простор. Во концепцијата на овие цркви, присутни се влијанијата на домашната традиција во оживувањето на базиликалната форма, како и на современите тенденции на романтичарските движења, што е карактеристика на градбите од овој вид низ Македонија.

Во самиот центар на градот, или некогашно Влашко маало, се наоѓа црквата св. Никола. Првично била изградена во периодот помеѓу 1770 и 1780 година, а денешната црква таква каква што е била изградена во 1905 година, бидејќи старата црква која била на истото место, изгорела кога градот бил запален во времето на Илинденското востание. Црквата е сместена точно во центарот на крушевската чаршија. Изградена е како трибродна базилика, со тоа што е подигнат средниот брод. На јужната страна на црквата е изградена камбанаријата, на која е поставен градскиот сат. Иконите во црквата ги изработил зографот Михаил, со синовите Данаил и Никола, а иконостасот е дело на познатите копаничари Петре Филиповиќ – Гарката и Димитар Станишев.

Црквите во Крушево и ден денес имаат голема улога и значење, не само во духовноста и животот на граѓаните, туку како значајни архитектонски обележја на градот и во функција на развојот на туризмот.