Уживање на вода, природа и чист воздух – Крушевско Езеро, едно поинакво искуство
Сакате ли да уживате на вода, а истовремено да сте опкружени со прекрасна природа и свеж планински воздух? Тогаш дефинитивно ова место е вистинскиот избор за вас!
Крушевското езеро е вештачка акумулација која е создадена во шеесетите години на минатиот век, на месноста позната меѓу крушевчани како “Габелово”, каде претходно имало базен. Езерото се наоѓа во непосредна близина на спомен куќата на Тоше Проески, на неполни два километри од центарот на градот и во последните неколку години станува се поатрактивна и попосетена дестинација. Tоа се должи на неколку фактори кои придонесуваат за посетеноста на овој локалитет.
Прво, заради тоа што водата е природна и чиста и е погодна и за капење. Второ, заради тоа што Крушевското Езеро е богато со многу видови на риби и има одлични услови за развој на спортски риболов. Во последните десетина години, крушевчани вложуваат во развој на овој предел.
Просторот околу езерото е уреден со пешачка и велосипедска патека, скари, клупи и осветлување кои нудат можност за рекреативно трчање и пешачење, возење велосипед, излет преку денот, како и вечерни прошетки околу езерото.
Просторот над самото езеро е исто така уреден за љубителите на спортот и спортските активности. Изградено е повеќенаменско игралиште на одлична локација, а во близина има и фитнес зона. Најнова работа што е направена последниов месец е целосна реконструкција и асфалтирање на патот до крушевското езеро, со што е олеснет пристапот и се создадени услови за викенд зона, која е планирано да се гради во иднина.
Уште еден многу значаен факт кој никако не смее да се испушти е тоа што на крушевското езеро неколку години со ред се одржува аутдор фестивалот “When in Krusevo” – идеја на група млади крушевски ентузијасти. На самото езеро, за време на фестивалот се поставува кампинг зона, која се прави по сите стандарди, а на просторот на игралиштето се одржуваат ноќни концерти на отворено на кои настапуваат голем број на познати македонски и странски музички имиња и од година во година се повеќе се зголемува бројот на посетители. Фестивалот содржи и многу денски активности на самото езеро, како на пример часови по јога, кајакарење и слично. Со еден збор, светски настан кој придонесе за развојот на крушевското езеро и општо на градот Крушево.
Сакате ли следно ваше искуство да ви биде токму ова? Тогаш посетете го Крушевското Езеро и поминете си мирно и релаксирано, со скара и пиво или па адреналински и возбудливо за време на фестивалот “When In Krushevo”. Звучи примамливо, нели?
Пишува: Наум Прешоски