ВИДЕО Пролетна велосипедска тура низ крушевската корија

Направивме мала велосипедска тура поминувајќи дел од најубавите предели на крушевската природа.

Започнавме од историското место Гумење и се упативме во правец на авантуристичкиот парк Бегова Корија и чешмата викана АРМ.

По кратката пауза која беше наменета за восхитување на крушевската корија продолживме кон ски центарот Станич. Во Алто следеше пауза за кафе и Мохито.

Продолжуваме од ски центарот по земјен пат кон чешма Гума и излегуваме на асфалтниот пат кај бензиската пумпа.

Турата привршува со спуст до хотел Монтана Палас. Спустот е веројатно најголемото доживување, кога со брзина од 40 и повеќе километри на час ја одминуваме острата удолница

Подолу погледнете кратко видео од турата.

За оваа тура се заблагодаруваме на Наумче, Бале и Кочо за учеството во оваа тура.

Швајцарска амбасада и Агенција за туризам со промотивно видео за Крушево

Промотивното видео за Крушево се подготвува од Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот со поддршка на програмата ИМЕ на Швајцарска амбасада.

Деновиве завршува снимањето на 10 промотивни видеа, за кои Програмата И.М.Е ја поддржа Агенција за промоција и поддршка на туризмот.

Целта на овие видеа е да претстават повеќе домашни туристички дестинации кои нудат содржини за активен одмор. Ова се места каде домашните, но и туристите од регионот и пошироко може да уживаат во активен и еко туризам, преку активности како што се планинарење, (планински) велосипедизам, спортско качување, параглајдинг, нуркање и многу други. И сето тоа во комбинација со традиционална храна, вино и културни содржини.“, пишува во објавата на официјалната стран на Програмата.

Видеото е дел од кампањата #ДомаСиЕДома.

Ова лето Крушево е вашата најбезбедна дестинација.

Кое е најдоброто место за релаксација?

Пред неколку дена кога разговаравме во утринската емисија на МТВ 1 бев прашан кое е најдоброто место за релаксација во Крушево, место на кое можеме да отидеме на крајот од денот и да ги „потопиме“ сите грижи и проблеми од денот што изминува.

Не размислував ни момент. Во изминатите неколку седмици тоа е Крушевското Езеро. И, знам дека сме напишале неколку текстови за езерото, но дефинитивно тоа е најубавото место во Крушево во моментов, особено за намерите за кои со Кристина од МТВ разговаравме.

На прашањето на Кристина одговорив дека на ова место има клупи за седење кои овозможуваат поглед кој релаксира инстантно – поглед кон Крушевско Езеро. Исто така, до ова место води нов асфалтен пат кој дополнително го популаризира местото, а таму има пешачки и велосипедски патеки. Местото е како измислено за прошетки, возење велосипед, а своја релаксација наоѓаат и неуморните риболовци.

Многу пати сме пишувале за ова место, но ќе продолжиме да го правиме тоа оти во себе носи голема убавина, има уникатна моќ и треба дополнително да се популаризира.

Моето место за релаксација и полнење на батериите е Крушевското Езеро, а вашето?

Сотир Габелоски

Како јас пречекувам гостин           

Крушево е град со долга и позната традиција и култура, каде што живеат фини и скромни луѓе, познати надалеку по своето гостопримство. Секој кој го посетил Крушево барем еднаш, се враќа во своето место на живеење со позитивни искуства и пофални зборови за односот на моите крушевчани. Градот пак, самиот по себе поседува нешто кое можеби не можи точно да се објасни со зборови, нешто што едноставно ни’ дава чувство на сигурност и смиреност, едноставно уживање на некоја крушевска тераса со кафе и поглед кон градот кој личи на свиено гнездо во планината, поглед кон околната природа и планини кои го одземаат здивот.

            Крушево е и широко посетен град, особено во летниот и зимскиот период, а е убав град во секој период од годината. Ми се најавува гостин? Тоа секогаш е убаво доживување. Се симнувам на влезот од градот или на крушевската автобуска станица, го пречекувам со сите почести, затоа што е гостин, не е мала работа 🙂 И тогаш, нормално, започнува прошетката низ градот. Го пиеме првото кафе во некој од крушевските кафулиња и потоа продолжуваме понатаму. Се упатуваме кон посета на некој од музеите, кои во Крушево ги има шест. Секогаш е добро да се знае нешто за градот, а кога станува збор за Крушево има многу што треба да се знае од причина што токму тука се одиграле многу значајни настани, многу од нив одиграле и клучна улога во создавањето на македонската држава.

Доаѓа време за ручек. Тогаш, по желба на гостинот, се упатуваме во некој од крушевските ресторани, каде што можат да се пробаат доста наши специјалитети, како на пример: крушевска пита, домашен колбас, чомлек и многу други готвени јадења специфични за нашето поднебје. Друга опција е да се упатиме кон некоја од крушевските пицерии, каде што може да се проба вкусна пица подготвена од вештите раце на мајсторите со долгогодишно искуство во својата работа. Или па, трета опција за гостите кои преферираат алтернативни дружби е да се оди на некое од излетничките места во околината на Крушево, како Мечкин Камен, Крушевското езеро или Кипрово. Таму, покрај тоа што може да се направи скара, нашите гости имаат можност да уживаат во прекрасната природа и чистиот воздух кој ги опкружува овие места.

Се упатуваме кон мојот дом. После одморот, попладнето може да се резервира повторно за некоја прошетка. Тогаш се искачуваме нагоре кон некој од крушевските хотели кои се наоѓаат на врвот од градот и имаат летни тераси со прекрасен поглед на самиот град. Таму исто така може да се помине доста квалитетно време, едноставно уживајќи во свежиот воздух, убавото опкружување и разговорот со гостинот кој се интересира и ми поставува различни прашања за градот, а јас му одговарам надолго и нашироко.

Навечер, ако е викенд, излегуваме да се опуштиме во некоја од крушевските кафеани, каде најчесто има забави со жива музика. Во работни денови, кога е помалку раздвижено, се излегува на кафе-шема во некој од крушевските кафулиња или пак се оди на пријатна вечерна прошетка долж главната улица во Крушево се до месноста „Гумење“ која претставува еден вид на збиралиште за младите луѓе од Крушево каде обично се седи на клупи, се грицка сончоглед и се пие пиво и се водат интересни дискусии.

Гостин во Крушево, едноставно не може да се испрати дома без да му се даде нешто. Најчесто тоа е или некој домашно приготвен специјалитет, или па еден од најголемите специјалитети – крушевскиот локум и целуфките кои се познати надалеку по нивниот специфичен вкус. Само оној кој пробал знае за што Ви зборувам, пријатели! И така, секој гостин од Крушево си заминува среќен и задоволен и секако, сака пак да се врати. Ова е еден пример како со малку може да се направи многу, потребно е само добра волја и желба за промоција на сопствениот град.

Наум Прешоски

Krusevo Advisor

Krusevo Advisor

error

Уживате во нашиот сајт? Споделете да дознаат и другите. :)