Параглајдингот назад во Крушево, Украинци и Руси најприсутни

Поголеми групи на параглајдеристи веќе доаѓаат во Крушево, а ова лето се очекува најприсутни да бидат авантуристите од Украина и Русија.

Полетиштето за параглајдинг во Крушево после долго време е исполнето со параглајдеристи. Небото над Крушево после долга пауза е повторно обоено со боите на овие летала, а градот е раздвижен од странски посетители.

Во овој момент нема официјални натпревари, односно првиот натпревар кој до сега е закажан е некаде на средината на август.

На 8-ми август започнува PrePWC Nearbirds Cup and Ukrainian Open првенство кое ќе трае до 14-ти август, а до почетокот на септември не’ очекуваат уште два меѓународни натпревари. Ова потврдува дека стотици натпреварувачи ова лето ќе престојуваат во Крушево после една година пауза.

Според претставниците од македонските параглајдинг клубови оваа година се очекуваат најмногу параглајдеристи од Украина и Русија и овие земји се очекува да доминираат во Крушево ова лето.

Добро е што авантурата се враќа во Крушево, а ние како љубители на овие убавини се радуваме што имаме што да видиме ова лето.

When in Krusevo назад во Крушево

На 6-ти август When in Krusevo се враќа во нашиот град. Еден од најпопуларните настани оваа 2021-ва повторно ќе ни овозможи авантура, спорт, рекреација, чист воздух и природа.

Програмата е во изработка и, како што известуваат организаторите, за многу скоро ќе биде објавена, а засега достапен е линк за пријавување.

Изминатите години имавме навистина еден несекојдневен настан во Крушево кој донесе многу луѓе, а и крушевчани навистина се радуваа на овој настан.

Сме учествувале во планинарските тури, планинскиот велосипедизам , пробавме тандем параглајдинг и кајак авантури, а во вечерните часови уживавме на забавите под отворено небо.

И оваа година очекуваме нова возбуда. Пријавете се на следниот линк, верувајте нема да зажалите. Клик ТУКА.

Крушево – домот на параглајдингот

Туристичката кампања за откривање на убавините на нашата земја ги дава посакуваните ефекти. Секое интересно место кое има што да понуди веќе е на мапата и на домашните, а многу повеќе на странските посетители . Така е и во Крушево, кое со многубројните содржини, а секако и со природата, ги одушевува туристите.

Крушево веќе пулсира 12 месеци во текот на годината како вистински туристички центар. Градот е преполн со гости. Прекрасната природа, параглајдингот, музеите, историјата се адутите на Крушево.

Мечкин Камен, Крушево. На 1420 метри надморска височина. Поглед на пелагониската рамнина што восхитува. Чуството е возвишено, се чини го имате просторот на дланка. Тоа е излетиштето на летачите, на „зависниците“ од адреналинот. На луѓето кои посакале и храбро го приграбуваат чувството да се биде човек-птица. Тоа се параглајдеристите. Македонските, европските, светските. Го пронајдоа своето идеално место за да се вивнат во височините, да остават сè приземно, да се доближат до небесните височини.

Пределите се фантастични за прецизното слетување и за долгите прелети во кои со часови трае уживањето. Небото над Крушево е полно со воздушни струења. Широките долини нудат повеќе места за сигурни и безбедни слетувања. Опкружено од сртови и ридови, Крушево нуди одлична инфраструктура за пристап до стартните места за полетувања, како и локации каде пилотите лесно можат да бидат соберени после подолги крос-кантри летови.

Во Крушево сезонски работат неколку параглајдинг клубови и нудат тандем параглајдинг летови по пристапни цени.

Автор: Стефо Јанкулоски

Krusevo Advisor

Krusevo Advisor

error

Уживате во нашиот сајт? Споделете да дознаат и другите. :)