Како јас пречекувам гостин
Крушево е град со долга и позната традиција и култура, каде што живеат фини и скромни луѓе, познати надалеку по своето гостопримство. Секој кој го посетил Крушево барем еднаш, се враќа во своето место на живеење со позитивни искуства и пофални зборови за односот на моите крушевчани. Градот пак, самиот по себе поседува нешто кое можеби не можи точно да се објасни со зборови, нешто што едноставно ни’ дава чувство на сигурност и смиреност, едноставно уживање на некоја крушевска тераса со кафе и поглед кон градот кој личи на свиено гнездо во планината, поглед кон околната природа и планини кои го одземаат здивот.
Крушево е и широко посетен град, особено во летниот и зимскиот период, а е убав град во секој период од годината. Ми се најавува гостин? Тоа секогаш е убаво доживување. Се симнувам на влезот од градот или на крушевската автобуска станица, го пречекувам со сите почести, затоа што е гостин, не е мала работа 🙂 И тогаш, нормално, започнува прошетката низ градот. Го пиеме првото кафе во некој од крушевските кафулиња и потоа продолжуваме понатаму. Се упатуваме кон посета на некој од музеите, кои во Крушево ги има шест. Секогаш е добро да се знае нешто за градот, а кога станува збор за Крушево има многу што треба да се знае од причина што токму тука се одиграле многу значајни настани, многу од нив одиграле и клучна улога во создавањето на македонската држава.

Доаѓа време за ручек. Тогаш, по желба на гостинот, се упатуваме во некој од крушевските ресторани, каде што можат да се пробаат доста наши специјалитети, како на пример: крушевска пита, домашен колбас, чомлек и многу други готвени јадења специфични за нашето поднебје. Друга опција е да се упатиме кон некоја од крушевските пицерии, каде што може да се проба вкусна пица подготвена од вештите раце на мајсторите со долгогодишно искуство во својата работа. Или па, трета опција за гостите кои преферираат алтернативни дружби е да се оди на некое од излетничките места во околината на Крушево, како Мечкин Камен, Крушевското езеро или Кипрово. Таму, покрај тоа што може да се направи скара, нашите гости имаат можност да уживаат во прекрасната природа и чистиот воздух кој ги опкружува овие места.
Се упатуваме кон мојот дом. После одморот, попладнето може да се резервира повторно за некоја прошетка. Тогаш се искачуваме нагоре кон некој од крушевските хотели кои се наоѓаат на врвот од градот и имаат летни тераси со прекрасен поглед на самиот град. Таму исто така може да се помине доста квалитетно време, едноставно уживајќи во свежиот воздух, убавото опкружување и разговорот со гостинот кој се интересира и ми поставува различни прашања за градот, а јас му одговарам надолго и нашироко.

Навечер, ако е викенд, излегуваме да се опуштиме во некоја од крушевските кафеани, каде најчесто има забави со жива музика. Во работни денови, кога е помалку раздвижено, се излегува на кафе-шема во некој од крушевските кафулиња или пак се оди на пријатна вечерна прошетка долж главната улица во Крушево се до месноста „Гумење“ која претставува еден вид на збиралиште за младите луѓе од Крушево каде обично се седи на клупи, се грицка сончоглед и се пие пиво и се водат интересни дискусии.
Гостин во Крушево, едноставно не може да се испрати дома без да му се даде нешто. Најчесто тоа е или некој домашно приготвен специјалитет, или па еден од најголемите специјалитети – крушевскиот локум и целуфките кои се познати надалеку по нивниот специфичен вкус. Само оној кој пробал знае за што Ви зборувам, пријатели! И така, секој гостин од Крушево си заминува среќен и задоволен и секако, сака пак да се врати. Ова е еден пример како со малку може да се направи многу, потребно е само добра волја и желба за промоција на сопствениот град.
Наум Прешоски