Сонце, чист воздух и природа – Крушево прекрасно наредните денови

Ако Крушево во јануари и февруари не секогаш има снег не значи дека не е убаво. Овие пролетни температурни прилики се подеднакво привлечна причина за да го посетите нашиот град.

Сончевите денови кои ни’ претстојат се одлични за прошетка во природа и на чист воздух. Пределите кон Мечкин Камен, скијачките терени, кон споменикот Слива и манастирот Св. Преображение и самиот град ќе ви понудат физички умор, но, од другата страна, духовно прочистување и релаксација.

Несекојдневно повисоките температури ги прават деновите во Крушево неодоливи и за кафе на отворено. Испиеното кафе под крушевското сонце е нова можност за релаксација, муабет и витамин Д.

Така што пред нас е викенд, но и потоа цела недела која може да ни го разубави нашето слободно време и да ни го исполни одморот со вистинска релаксација. Не заборавајте дека чистиот воздух, убавото време и природата се нешто што може да се доживее во Крушево во секој дел од годината и при различни временски прилики.

Овие фотографии ќе ве убедат да дојдете во Крушево

Во Крушево има толку снег колку да ве привлече да дојдете и да уживате во белите пејзажи и да се надишете свеж воздух. Има доволно снег за прошетка, уживање, одмор и малку скијање на ски терените Станич.

Возењето со жичарницата ќе овозможи поинаква перспектива на Крушево. Ќе здогледате обелени покриви, а белата покривка ќе ги даде на увид сите подалечни ридови, висорамнини, планински врвови. Поставеноста на градот ќе ве остави без здив уште еднаш.

Пред нас е уште еден викенд во кој не’ очекува сонце и убаво време за уживање во Крушево. Веруваме дека фотографиите ќе ве убедат да не’ посетите.

Ново место за нови спомени – Св. Никола Boutique Hotel {by skar}

Пицерија Скар, еден од најпрепознатливите брендови на Крушево, го подготвува својот нов проект кој ќе го носи името Св. Никола Boutique Hotel {by skar}.

Се работи за нов сместувачки капацитет кој треба да биде отворен до крајот на годината, а ќе содржи осум апартмани секој од нив со посебно име и приказна позади себе.

Апартманите ќе бидат дел од една уникатна зграда која е една од ретките со зачувана фасада симбол на уникатната крушевска архитектура.

Исто така, од самите апартмани има поглед кон неколку делови на градот.

Она што можеби е најинтересно, авторот на овој проект сака да создаде место, како што тие го нарекуваат, за создавање на нови спомени. Така што, бидете трпеливи Скар ви подготвува ново катче за вашите нови спомени од Крушево.

Очекувајте за многу скоро да ви ги презентираме прекрасните пејзажи кои ќе може да ги зграпчите од новите апартмани, како и самите апартмани подготвени само за вас. Наскоро…

Во недела концерт на Билјана Јосифов во спомен на Христо Мулар

Во недела крушевчанката Билјана Јосифов ќе одржи концерт во спомен на гитаристот и музичар од Крушево Христо Христоски Мулар. Коцнертот е закажан за 18 часот во храмот Св. Никола, а присуството е ограничено.

Програмата ќе содржи атрактивни арии, песни и трио од духовен и сериозен карактер.
Уметнички соработник е Андреј Наунов а гостин ќе биде виолончелистот Кирил Јосифов
.

Поради Ваша безбедност, капацитетот на седишта ќе биде ограничен, со што замолуваме да ги почитувате мерките за заштита, односно, да носите заштитна опрема – маска, држење на растојание, дезинфицирање пред влезот на Храмот Свети Никола, мерење на температура, како и, почитување на протоколот за влез на концертот кој ќе го контролира задолжено лице., велат од организацијата.

Повеќе детали за настанот на следниот линк.

Христу Мулар ( 1955, Крушево – 2017, Скопје) беше музичар со долгогодишно искуство како гитарист, автор, педагог, организатор, уредник и издавач на повеќе носачи на звук и книги со музички материјали. Во изминатите три децении успешно се занимаваше со повеќе музички жанрови- од изворната македонска и влашка музика, популарната па се до класичната музика. Тоа се гледа и од неговите музички изданија- неколку касети и компакт дискови со македонски и влашки народни песни од Крушево и крушевско, детски песни, а подоцна и два компакт диска со обработки на македонски забавни композиции за гитара и оркестар, избор од скопските фестивали, “ Макфест”.

Со свои композиции успешно учествувал на повеќе фестивали, а забележливи се и неговите концерти за класична гитара, во дуо гитари, со виолина, флејта, камерен оркестар.

Од 2002 година како уметнички директор успешно ја организираше ревијата за детски песни со влашки и македонски текстови “Primuveara” (“Детска пролет”), а од 2010 година беше уметнички директор на интернационалниот фестивал “П.С. Гитар-фест”. Во Крушево организираше летни и зимски семинари за гитара а на повеќе меѓународни гитарски фестивали беше член на жирија и држеше мастер часови.
Исто така, подолго време се занимаваше со етномузиколошка дејност. Собрал и евидентирал повеќе од 700 македонски народни песни а дел од нив се објавени во збирката “110 македонски фолклорни бисери”. Голем дел од неговите активности беа насочени кон проучување, собирање и презентирање на влашките народни песни. Во неговата архива евидентирал повеќе од 500 изворни влашки песни, а резултат на тие негови заложби се и петте збирки од едицијата “Антологија на влашки песни”.

Krusevo Advisor

Krusevo Advisor

error

Уживате во нашиот сајт? Споделете да дознаат и другите. :)