Нови „бајкинг“ инвестиции во Крушево
Крушево отпочнува нови проекти за збогатување на туристичката понуда. Овој пат тоа се однесува на оспособување на нови велосипедски патеки во должина од 20 километри.
Заедно со претходно обележаните Крушево ќе има над 60 км велосипедски патеки. Звучи атрактивно за сите точакџии, нели?

На тема развој на вело туризмот во Крушево се разговараше во саботата во хотел Панорама и спа по повод Светскиот ден на туризмот.
Заедно со нашите партнери од Panorama All Seasons Adventure организираме средба со локални чинители од Крушево, како што се сместувачки капацитети, бајкинг заедницата во Македонија, претставници од тур операторите и други локални чинители. Целта е да дискутираме за потенцијалите на Крушево да прерасне и да се промовира во вело туристичка дестинација.
И официјално ја претставивме новата иницијатива која ќе се спроведува во Крушево со швајцарска поддршка – трасирање рути по меѓународни стандарди за планински велосипедизам.“ стои во објавата на Фејсбук на Програмата за пазарна вработливост (ИМЕ)на Амбасадата на швајцарија.
Градоначалникот на општина Крушево Томе Христоски по настанот изрази задоволство што оваа тема се отвори, а велосипедизмот станува се популарен и со тоа се збогатува понудата на Крушево.
Туризмот е една од значајните гранки која ја раздвижува локалната економија во Крушево дури и во едни вакви нови поинакви околности со пандемијата. Оваа година Мегународниот ден на туризмот го означивме работно со дводневна работилница за алтернативните форми на туризмот како што е вело туризмот. На работилницата во х.Панорама дебатиравме, разменивме искуства, мислења и имавме конструктивен дијалог со локалните давачи на услуги и чинителите и неколку десетици здруженија на велосипедисти и поединци од нашата држава, кои го препознаваат Крушево за посакувана дестинација. , изјави градоначалникот на Крушево.

На настанот присуствуваа локални угостители, претставници од бајкинг заедницата во Македонија, директорот на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот Љупчо Јаневски, претставници на Швајцарската амбасада, организаторите на настанот Крушево низ корија и други.