„Кај клупата“ во Крушево
Седни тука и погледни. Твоите очи ќе се исполнат со Пелагонија. Она што е посебно е дека тука ќе најдеш мир, ќе ги пуштиш мислите да пловат покрај нивите на вредниот работник и ќе одмориш и душа и снага и ќе уживаш.
Кај клупата во Крушево.
На ова место ќе оставиш се позади себе. Анализирајќи го пространиот простор пред очи всушност ќе се анализираш себе си. Овој поглед ќе те однесе на места на кои ретко си бил. Има посебна моќ.
Дојди тука, отседни и уживај. Посвети се на себе. Ќе го видиш пространството во самиот себе со самото тоа што гледаш пространство пред себе.
„кај клупата“ се наоѓаш некаде меѓу 1 250 и 1 350 метри надморска висина. Напред е поглед кој е за околу 600 метри висински подолу.
Додека седиш и се препушташ на моментот. Ќе те милува ветрот, ќе го слушаш звукот на гранките, лисјата, цветовите. Мирисот на природата ќе делува приспивно. Ќе се заборавиш и тука ќе отседнеш и со часови.
Од време на време ќе те врати во реалноста некој автомобил кој поминува на асфалтот. Во летниот период оваа „дистракција“ е поголема затоа што туристите се упатуваат кон параглајдинг центарот на Мечкин Камен.
Без оглед на се’, само дозволи погледот да те однесе некаде каде што ќе уживаш. Некаде можеби далеку, а пак ќе си тука.
Надиши се чист воздух и препушти и се на Пелагонија.
Горе на небото здогледај некое шаренолико летало. Параглајдерите ги има од март до ноември. Уживај во сината боја на небото затоа што од тука си поблиску до него. Лебди на мирот и чувствувај се удобно.
Кога доаѓаш тука земи си и закуска. Уживај во погледот и заслади се со омиленото јадење. Оваа комбинација не само што е проверена, туку и докажана.
Продолжи да се опседнуваш и дојди пак тука. Посети го ова место кое за тебе ќе биде синоним на удобството, мирот и целосно восприемање на природата.
*Ова место крушевчани го викаат „кај клупата“. Порано тука имало само една клупа. Денес има убава мала градба која е погодна и за во лето, кога сонцето е посилно и треба малку сенка за да биде пријатно.
Пишува: Сотир Габелоски