When in Krusevo 2024 ќе биде за најнеприметливите, само тимската работа носи успех

Добредојде за Димитар Ангелкоски – препознатливото име со кое се врзува фестивалот на отворено When in Krusevo. За околу еден месец ќе се дружиме во Крушево на новото издание со ново развиен концепт и компонента која ќе ве привлече да земете учество.

Но, да не зборуваме ние, туку да му дозволиме на Димитар да ни’ каже повеќе за фестивалот.

When in Krusevo 2024

Advisor: Кој е концептот за фестивалот за годинава? Можеме ли да очекуваме нешто ново? Има ли нешто ексклузивно да споделиш со нас?

Димитар: Како што изминуваат годините веќе можете да забележите дека има премногу настани и фестивали низ држвата споредбено со годините кога започнавме со When in Krusevo. Со тоа се зголемува нашиот предизвик да бидеме поиновативни и поразлични од другите. Фестивалот е присутен веќе осма година и секоја година даваме се’ од себе да понудиме нешто ново, се разбира во рамките на нашите можности. Нашата пракса е да ги задржиме омилените активности на учесниците, а воедно да понудиме и нешто ново и различно од останатите. Со оглед на тоа дека досега направивме доста за промоција на нашиот град, оваа година решивме освен тоа да оставиме и нешто видливо за нашите крушевчани. За оние најранливите, најнеприметливите.

When in Krusevo е закажан за 05.07-07.07.2024 година со нови млади сили, но и со хуманитарен карактер и посебен фокус на инклузивност на маргинализираните групи. Тоа што можеме да ви го споделиме најексклузивно е соработка со нови поддржувачи и спонозри на фестивалот, оние со големо срце и душа кои несебично застанаа позади нашата идеја. Во соработка со Донирај компјутер планираме да донираме околу 20 компјутери на семејствата од Крушево кои имаат згрижено деца со посебни потреби, исто така ќе донираме и пакети со храна, а предвидено е од секоја продадена онлајн карта да одвоиме 100 денари за најмалку едно социјално ранливо семејство од нашиот град. Имаме уште идеи кои се надеваме во наредниот период дека ќе ги реализираме. Затоа и би сакале да апелираме до сите оние ентузијасти и вљубеници на Крушево кои сакаат да помогнат или да се вклучат на било кој начин, слободно нека не’ исконтактираат.

Програма за When in Krusevo 2024

Advisor: Како се роди идејата за When in Krusevo и што е тоа што овој фестивал го прави толку посебен?

Димитар: Идејата за фестивалот се роди од нашиот главен иноватор Антонио, а ние останатите како тим веднаш ја прифативме и мислам дека до ден денес одлично ја одржуваме и спроведуваме. Посебноста на When in Krusevo е тоа што самиот фестивал  е направен со многу љубов, ентузијазам и енергија. И мислам дека е еден од ретките фестивали во Македонија кој вклучува толку многу активности, забава, дружење, а воедно и огромен придонес за нашиот град. Она што малкумина го знаат е дека без разлика што фестивалот трае само три дена, истиот Крушево го става на мапата на најатрактивна туристичка локација во државата. Она што е особено значително за истиот е тоа што дополнително придонесува на приватното сместување, угостителските објекти, малите локални продавници како и огромна промоција на културните знаменитости на нашиот град. По наша иницијатива крушевското езеро ја доби денешната атрактивност и убавина, за која придонесовме со реконструкција на двата моста, поставување на корпи за отпадоци, како и иницијатива за инфраструктурно подобрување на самата локација.

Advisor: Што научивте како тим изминатите неколку изданија?

Димитар: Според мене тимското работење е клучно за опстанок на овој фестивал. Без разлика кој колку придонесува за него. Мислам дека треба да ја задржиме само позитивната мисла и енергија, а најважно е секогаш да бидеме подготвени за нови идеи и критики, без кои не можеме да бидеме подобри.

Тимот кој го организира When in Krusevo

Advisor: Твојата омилена активност/содржина/детаљ од фестивалот? Сигурно имаш и ти како организатор? 😁

Димитар: Јас како љубител на планините и велосипедот, најмногу се радувам на планинарските и велосипедските тури. Но, искрено целиот концепт на фестивалот го сакам премногу затоа што секоја ситница е приказна за себе. Одите на Крушевското Езеро, гледате кампери кои уживаат во мирот, на Мечкин Камен „врие“ адреналин со најдобрите наши параглајдеристи, вечерните журки ги собираат на едно место младите и старите, а детските игри се посебно катче за најмладите.

Advisor: Имаме еден предизвик за тебе. Дали ветуваш дека твојот син ќе го наследи фестивалот и по некои 15,20 години ќе ја преземе организацијата 😜? Ова прашање го поставувам затоа што сакам да ти честитам за Јан и да посакам вашето синче да биде здраво и живо, но и да ги запознаеме читателите дали и каде долгорочно го гледате When in Krusevo?

Димитар: Ти благодарам но за тоа ќе мора да го прашаш Јан за 15, 20 години 😊 Мојата цел како родител е да му ги пренесам високите вредности, љубовта кон мојот роден град Крушево и нормално секогаш да биде човек кој ќе ги почитува и ќе им помага на другите. Од него самиот зависи во која насока ќе одлучи да му се движи животот. А се додека ја имаме поддршката и помошта за When in Krusevo толку долгорочно и ќе трае истиот, без разлика дали сум јас или некој друг.

Колку убав разговор, за еден настан кој ни’ влезе во крвта и прераснува во традиција.

Картите се пуштени во продажба. Купете си на следниот линк.

Со секој билет добивате и уникатно дизајнирана маичка од Зоран Кардула.

Се гледаме во Крушево !

Share on:

Вело дестинација Крушево

Градот добива нови велосипедски патеки, а тоа значи ново доживување на крушевската природа.

Хотелот Панорама & спа постојано вложува во подготовка на велосипедски патеки. Ако пред неколку години се’ започна со првата крос кантри вело трка, денес комплексот на хотели и ски центарот го комплетираат процесот со вкупно 7 патеки.

Дополнително на тоа, и општината оспособи уште една патека која спаѓа во рангот на т.н. спуст патеки. Се на се’ Крушево полека се издигнува на мапата на вело дестинации заедно со првичните 42 км патеки кои локалната самоуправа ги подготви уште пред неколку години.

Во 2022 година се одржа првата крос кантри трка, а минатата година во рамки на When in Krusevo се организираа и неколку трки во планински велосипедизам. Што покажува тоа? Дека крушевчани очекуваат повеќе луѓе да го посетат Крушево понесувајќи го велосипедот со себе или, пак, тука да изнајмат еден и да уживаат.

По повод Светскиот ден на велосипедот – 3 јуни хотел Панорама & Спа нуди бесплатно изнајмување на велосипедите. Ова важи секој викенд во текот на месец јуни.

Покрај Панорама велосипеди издаваат Casa Mular Krusevo, Хели ХЦ параглајдинг клубот, а за многу брзо очекуваме нов проект од Св. Никола бутик хотел.

Крушево е растечка вело дестинација, а самите инвестиции и конкретниот пристап оставаат впечаток дека на долг рок градот може да стане многу атрактивно место за практикување на спортот, на аматерско и професионално ниво. Во меѓувреме, ние крушевчани секако дека ќе уживаме во возењето велосипед :P.

Share on:

Со овој настан започнува сезоната 2024

Секоја година одбираме еден настан со кој го означуваме почетокот на туристичката сезона. Годинава тоа е Macedonian 4X4 Trophy – натпревар со теренски возила во крушевската горија.

Високо адреналинскиот натпревар со џипови се организира во Крушево по втор пат, а годинешното е 5-то издание. Тоа е меѓународен настан со учесници од Македонија, Бугарија, Грција, Србија и други држави, а како организатор се јавува Авто Контрол центарот од Прилеп се поддршка на повеќе спонзори.

„Се создава одреден адреналин во нас кога го гледаме натпреварот од блиску. Преку видео не делува толку возбудливо, колку што е кога сте внатре во шумата и ги слушате мото звуците и гледате како џиповите се искачуваат по предели кои беа тешки и за нас да пристапиме. Многу возбуда почувствував. Неверојатно“, ни’ кажа еден од присутните гледачи.

Настанот траеше три дена и опфати ноќни и дневни трки во две категории: Challenge и Adventure и UTV класата.

Macedonian 4X4 Trophy е настанот со кој се одбележа почетокот на уште една одлична туристичка сезона во Крушево.

Share on:

Месец на ремек дело

Во најкраткиот месец од годината имавме еден несекојдневен настан кој се протегаше сите 28 дена.

Во месец февруари се прикажаа најдобрите три филмови од Берлинскиот филмски фестивал за човекови права. Се емитуваа филмовите „Aya“, „A House Made of Splinters“ и „Backlash: Misogyny in тhe Digital Era“.

Филмовите зборуваа за човековите права, нивното нарушување и избликот на поединци кои ги победиле сите притисоци од општеството. Филмовите беа едно ремек-дело за нас.

Крушевчани проследија приказни од ширум Светот и ја гледаа борбата на главните актери од најмала до најголема возраст.

За нас најинтересна беше последната проекција во која видовме закани, насилство и дискриминација на жени во образованието, политиката и други области преку социјалните мрежи. Backlash: Misogyny in the Digital Era е филм кој претставува еден современ проблем, кој, истовремено, е многу актуелен. Многу луѓе, не само жени, се соочуваат со насилство преку социјалните мрежи.

Настанот го организираа Амбасадата на Германија и Младински Сојуз – Крушево, а филмовите се прикажуваа во 6 градови во Македонија.

Проекциите се одржаа во една од најубавите згради во Крушево. Фотографија подолу

Share on:
Krusevo Advisor

Krusevo Advisor

error

Уживате во нашиот сајт? Споделете да дознаат и другите. :)