Време е за одмор, време е за Крушево
Крушево е преубаво на фотографија, но во живо, кога ќе стапнете на крушевското тло градот ќе го доживеете вистински.
Сезоната се отвора, а се зголемува бројот на настани кои се организираат. Времето конечно се разубави и во Крушево се забележуваат високи температури, но постојаното ветре го прави престојот не само поднослив, туку и вреден за уживање.
Вечерните часови се прекрасни, особено на Крушевско Езеро. Прошетките под отворено небо се пријатни како што ретко кога биле. Вечерите и ноќите во минатото биле реалтивно свежи и ретко кога е пријатно да излезете по кратки ракави. Но, ова лето е поразлично и ноќта е топла и пријатна и удобна за прошетка и дружба.

Самата квечерина, непосредно пред зајдисонцето крушевското небо е живо во бои. Тоа е едно прекрасно чувство. Едно чувство на слобода, на неверување, на длабоко вдишување. Во ова време можете и да испиете и кафе под отворено небо во некој од крушевските локали или пак на тераса. Овој дел од денот, кој не трае долго е можеби најубавиот. Зграпчете го!

Време е за одмор, време е за Крушево!