Светскиот шампион во планински велосипедизам во Крушево
Светскиот првак во планински велосипедизам Ралф Неф е фасциниран од природните услови и можностите што Крушево ги нуди за велосипедизам. Неговите планови за Крушево се големи и тој нашиот град го гледа како иден светски центар за планински велосипедизам.
На иницијатива на хотел Панорама Швајцарецот е во неколкудневна посета на Крушево и истражување на потенцијалите за планински велосипедизам. Од неговите изјави за медиумите се гледа дека е воодушевен од она што го гледа.

Овде гледам голем потенцијал за развој на планински велосипедизам. Имате многу убава природа, нашиот тим имаше непроспиени ноќи заради неограничните можности кои што ги увиде деновиве во Крушево. Многу е добро да се види и големиот ентузијиазам што го има локалната велосипедска заедница и мислам дека овој проект ќе креира работни места, ќе придонесе за туристичките потенцијали и едвај чекам да видиме што ќе направиме за неколку години тука. Првично може да се започне со проектирање на почетнички патеки на планината, а потоа може да се изградат и поекстремни. – изјави Неф.

Хотел Панорама веќе неколку години инвестира во авантуристичкиот туризам. Покрај целосната реконструкција на хотелот, се работи на авантуристички парк, обележување велосипедски патеки и друго. Оваа нивна иницијатива, која беше малку одложена заради пандемијата, ќе резултира со големи придобивки за градот, а Крушево ќе прераснува во вело дестинација од светски рамки.
Тимот на Викенд во Крушево се радува на посетата на Неф на Крушево и изразува поддршка за проектите кои ги спроведува хотел Панорама & Спа.