Крушевско Езеро веќе е најпопуларното место во градот
Деновиве Крушево е прекрасно за прошетка, а месеците од мај до септември уште еднаш покажуваат дека се едни од најубавите месеци во Крушево. Особено попладневните часови се прекрасни за прошетка околу езерото, или пак трчање по пешачките патеки во раните утрински часови.

До ова место води нов асфалтен пат по кој ќе сретнете многу крушевчани и туристи кои го користат времето максимално. Ќе поминете покрај двојното тениско игралиште исполнето со млади луѓе и звукот на тениското топче. Потоа, тука е и едно повеќенаменско игралиште каде што ќе видите млади и деца како играат фудбал, кошарка и ќе ве израдува детскиот џагор.
На само 50-тина метри подолу ќе ги забележите пешачката и велосипедската патеки. По нив ќе сретнете луѓе кои пешачат, трчаат, возат велосипед, потоа седат на клупите или на тревата и уживаат во погледот кон Крушевско Езеро.
Ви предлагаме да „завртите“ еден круг околу езерото, на неколку места да застанете да ги наполните градите со чист воздух и на неколку секунди да уживате во глетката што мир значи. Напијте се од природната вода од чешмата до која самата патека ќе ве одведе и продолжете да пешачите по браната.

Ќе забележите и многу риболовци. Крушево има многу љубители на овој спорт, а на Крушевско езеро се одржуваат и риболовни натпревари. Кога ќе здогледате некој кој ја зафрлил јадицата во прекрасното сино Езеро застанете и почувствувајте ја тишината, одново.
На езерото се одржа и маратон во пливање, настан кој е новост за Крушево. Учествуваа над 40 учесници, а натпреварото го следеа над 500 луѓе.
Ви предлагаме ваков тип на прошетка затоа што месноста „Гумење“ и околината околу Крушевското Езеро полека го враќаат својот сјај од минатото. Во оваа околина ќе ги најдете музеите „Илинден“, спомен куќата Тодор Проески и Музејот на НОБ. Ќе ја забележите фонтаната во форма на црешово топче од која течи чиста изворска вода.
Крушевското езеро е убаво и во доцното лето. Еве сме на прагот на есента, а ова место како да се разубавува. Навистина, ова е едно од најпопуларните места овие пролет, лето и есен.