За Крушево
На изгрејсонце Крушево здогледано од подножјето на Баба Планина, блескоти како бисерче тукушто извадено од вода. Од најстарите времиња Прилеп му бил единствената врска со светот. А од подножјето има уште пет до шест километри. Со секој од нив надморската височина се зголемува за стотина метри, за да стигне до 1250. Град меѓу повисоките во светот, највисок на Балканот.

Сегашниот асфалтиран и широк пат е покус за километар-два од дамнешниот турски, најпрвин макадам, а потоа во коцки, но тесен за да не можат да се разминат две возила, ако оној што доаѓал одозгора не подзастанел на некоја ширинка.
Овде онде и денес се гледаат трагите од кривулестите серпентини. За нив пак останала легендата дека настанале за тоа што градителот бил пазарен за секој километар да добие товар злато. Алчен по златото тој го направил ем тесен ем кривулест.
Градот е поставен во пазувите на Баба Планина, токму како некакво бабино милениче, затскриено од ветриштата, од лошите погледи и натрапници. Под градот- полегнати облаци ,,Пелагониско море” .
