Велигден во време на корона – Крушево незапаметено

Секоја година за Велигден Крушево е нешто посебно. Секогаш викендот се продолжува за два дена и токму во тој продолжен викенд сите крушевчани се собираат на едно место – во Крушево.

Тука спаѓаат оние кои постојано се тука, оние кои работат и живеат во соседните градови, во Скопје и оние кои подолго време живеат надвор од Македонија. Сите тие на овој голем празник, во овој продолжен викенд се собираат во Крушево.

Покрај ова, сите ние кои се собираме во Крушево за Велигден оваа година бевме по малку разочарани. Заради коронавирусот сите бевме принудени или да останеме во нашите домови или пак воопшто да не дојдеме во Крушево. Овој викенд, овој Велигден е изгубен, си мислевме.

Но, на крајот Велигден не’ изненади. Сите не изненади. Некако, ние крушевчани сами се изненадивме!

На полноќ, во сабота вечер, кога цело Крушево традиционално е собрано во центарот на градот, пред црквата Св. Никола сите крушевчани, овој пат, излегоа на своите тераси и цело Крушево на полноќ светеше како никогаш досега. Тоа беше една незапамтена глетка, еден пејзаж и домови кои се расветлени и луѓе кои со свеќи се излезени на своите тераси или прозорци ја одбележуваат традицијата.

Погледот беше незаборавен и чувството е незаборавно. Многу поразлично, но со истиот дух крушевчани се собраа на овој ден и со физичка дистанца ја одбележаа традицијата. Крушево уште еднаш покажа дека е прекрасно место и за нас крушевчани и за сите посетители. Крушево покажа дека може да надмине се’ и да понуди топлина, гостопримство и да ја зачува традицијата.

Сите ние посакуваме ваков Велигден да не се повтори, односно никогаш повеќе да нема кризи како оваа кои ќе не’ натераат да останеме дома и да се плашиме за нашето здравје. Иако, Велигден 2020 беше прекрасен, сепак причината за ваквото одбележување на празникот не сакаме никогаш да ни’ се повтори.

Наредниот Велигден и продолжен викенд сите заедно, и крушевчани и сите кои го сакаат Крушево, а се од другите градови, да бидеме во нашиот град, во центарот пред црквата св. Никола.

Share on:
Krusevo Advisor

Krusevo Advisor

error

Уживате во нашиот сајт? Споделете да дознаат и другите. :)