Музеј на Илинденското востание
Крушево е еден од ретките градови со доста богата историја. За тоа сведочат доста градби кои постојат и денес. Има вкупно шест музеи и секој од нив си има своја приказна за одредени ликови и настани кои се случиле во минатото, а се значајни во создавањето на Крушево како град, па дури и на македонската држава.

Оваа куќа-музеј се наоѓа во Мијачкото маало во Крушево, високо издигната стара градба од 19 век која надворешно ги има сите карактеристики како старите крушевски куќи. Оваа куќа е една од најзначајните воопшто, од причина што во оваа куќа, на 2-ри август 1903 година тука е прогласена Крушевската Република – прва на Балканот.
Музејот бил отворен на педесетгодишнината од востанието, на 2 август 1953 година и внатре можат да се погледнат важни артефакти, фотографии и експонати од оружје, како и оригиналниот крушевски манифест.
Посетете го овој музеј, почувствувајте го духот на Илинден и дознајте како се создавала македонската држава!