Хотел ,,Илинден”
Градот Крушево има солидна бројка на угостителски објекти, меѓу кои: три хотели (од кои два моментално се во функција), поголем број на кафани и ресторани, неколку пицерии, кафулиња и еден ноќен клуб. Ноќниот живот претежно во летниот период нуди доста различни видови на забави, главно во кафулињата, но во последните неколку години доста популарни за излегување се и рестораните и пицериите кои исто така нудат своја програма.

Најстариот хотел во Крушево кој се уште постои е хотел “Илинден”, кој започнал со работа во далечната 1947 година. Ова не бил прв хотел во Крушево. Првиот крушевски хотел се викал “Македонија” и се наоѓал точно во централното градско подрачје, меѓутоа тој хотел денес не постои. Хотел Илинден е хотел со долга традиција, особено познат по прекрасната тераса со поглед кон градот каде порано секое лето имало вечерни забави со жива музика и настапувале големи имиња и ѕвезди. Хотелот денес е во фаза на целосно реновирање и се очекува во некое догледно време повторно да започни со работа.