Музиката не’ исполнува, не’ прави среќни и задоволни, велат од ,,Инвиктус” .
Направивме едно интервју и со нашата позната група ,,Инвиктус’, која после кратка пауза повторно се врати на „крушевската сцена“’.
Сите ние ги знаеме како група која прави одлични забави, како во нашиот град, така и пошироко. Па и тие се согласија да одговорат на неколку наши прашања.
Прво, започнавме со прашањето од кога постои групата? –,, Групата Инвиктус постои од 2014 година. ”

Зошто почнавте да се занимавате со тоа? На тоа ни одговорија дека рок ен ролот како музика, култура и начин на живот, е тоа што нас не исполнува, не прави среќни и задоволни, затоа и се занимаваме и се трудиме да свириме рок музика.
Следното прашање, дали и во иднина планирате да се занимавате со музика? Следуваше позитивен одговор, да, се разбира.
Дали познати бендови, странски или наши, ви служат како инспирација? – ,,Не само ние, сите бендови кои започнале да се занимаваат со овој жанр на музика биле силно инспирирани од легендарните светски бендови, а исто така наша инспирација се и неколку рок бендови од бившите ЈУ простори, а тука спаѓаат и македонските, се разбира. “

Групата сподели и една интересна случка поврзана со нивен настап. ,,Период пред Нова година, во Крушево, настапувавме како предгрупа на групата „Фрајле“. Беше навистина една фрка, бидејќи требаше да свириме прво ние, па потоа да настапат „Фрајле“, а после нив, повторно ние до фајронт. На бината не беше баш комотно, а имаше многу инструменти. Дојде време да почнеме со свирење. Како што се подготвив јас за почеток, се завртив кон Благојче (тапани) и Мики (бас гитара) за да започниме, но во моментот кога погледнав накај Мики, забележав дека нешто не е во ред, а тој видно вознемирен пребаруваше околу инструментите. Го прашав, „Мајк, шо бараш“?! А, тој ме погледна и ми одговори, „Ми ја нема гитарата“. Навистина беше малку конфузна и вознемирувачка ситуација, но по неколку минути, успеавме да ја пронајдиме. ”
Во кои градови најчесто сте настапувале? –,,Крушево, Прилеп, Битола, Скопје и Штип. ”

Ни ја раскажаа и нивната приказна за основање на групата и за членовите во групата. ,,Пред да биде формиран бендот Инвиктус, јас заедно со Пеце Христоски (екс Инвиктус), после неколку годишна заедничка соработка, сфативме дека е време да формираме еден вистински сериозен бенд и така се одлучивме да ја започниме приказната. Првиот состав броеше 4 (четворица) членови и тоа: Велко Николоски (вокал, гитара), Пеце Христоски (клавијатури,), Благојче Нанески (тапани) и Коста Стевановски (бас гитара). ”
Кој од настапите ви останал во сеќавање? – ,,Настапот на летниот фестивал „When in Krusevo“ во Крушево, летото 2019 година. Беше одлична атмосфера, свиревме пред публика која ја разбира музиката што ја свириме и имавме прекрасен фидбек од нивна страна.”

Со нас го споделија и начинот на кој го избрале името на групата. ,,Обично многу бендови се именувале спонтано. Искрено околу името ни требаше одреден период да размислиме. Името „Инвиктус“ го предложи екс басистот Коста Стевановски, а не беше потребно многу за да биде прифатено и од нас. ”
Што ќе им порачате на сите оние кои ја слушаат вашата музика? –,,Би им порачал и понатаму да доаѓаат и да ги посетуваат нашите свирки, бидејќи навистина ни значи нивното присуство и поддршка. “

Како последно прашање за ,,Инвиктус” беше: Кој е вашиот предлог за подобрување на културно-забавниот живот во Крушево? – ,,Ние најпрвин би им порачале на граѓаните, особено на младите крушевчани, да слушаат добра, квалитетна музика, бидејќи жалосно е да ги минуваат најубавите години слушајќи лоша музика, а да не дознаат за тоа кои биле Битлси, Хендрикс, Џоплин, Цепелин, Парпл, Снејк…нивната идеологија, борбата против војните во светот преку музика, ширењето мир и љубов. Исто така би предложиле да се организираат што повеќе културни настани со настапи на наши македонски бендови кои се навистина квалитетни и да се одржуваат живи свирки во кафичите без турбо фолк музика. “
За крај, ние му се заблагодаруваме на Велко Николоски, кој одговараше на нашите прашања, а на ,,Инвиктус” му посакуваме уште многу успешни настапи.