Крушевската архитектура препознатлива на Балканот

Традиционалната крушевска архитектура е позната и прочуена како една од најспецифичните во Македонија, а и на Балканот.

Прво нешто што е специфично и интересно и што се забележува при самиот влез во градот е уникатно поставениот терен и амфитеатралната поставеност на куќите, тесните улички направени од калдрма (коцки) и секако – старите крушевски куќи. Старата крушевска чаршија, се’ уште го зачувала својот традиционален изглед со тесните испреплетени улички, плоштадот, малите дуќанчиња и едно од позначајните архитектонски дела – црквата св. Никола, која се наоѓа во срцето на чаршијата.

Црква Св. Никола

Карактеристични за Крушево се и маалските чешми кои ги имало во секое маало, дел од нив постојат и ден денес.Сепак, она што е најпривлечно и најинтересно за посетителите на Крушево, се старите крушевски куќи изградени со специфичен стил кој претставувал спој на знаењето и културата на Власите и Мијаците.

Самата надворешност на куќите која прва се забележува е карактеристична по белите фасади, покривите од кои најчесто биле од плочи, големиот број на прозорци обоени најчесто со сина боја, поретко со други бои. Куќите се опкружени со двор кој е ограден со камен ѕид (авлија) на кој се наоѓа влезната врата (порта) која е од дрво. Може да биде една голема порта или па комбинација од поголема и помала порта. Други надворешни елементи кои се карактеристични за крушевската куќа се балконите, со огради кои се декоративно изработени од ковано железо и со двокрилна врата со розета и два странични прозорци. Исто така карактеристични се и еркерите кои имаат најмногу естетска функција, исцртани од долната страна со флорални или митолошки елементи, како и тимпаноните (триаголен облик издигнат над терасата) кој исто така е исцртан во внатрешната страна или пак често таму е запишана годината на градење на куќата.

Решетките на прозорците за задолжителен елемент.Крушевските куќи, не се само интересни надворешно, туку и внат решно, а истовремено се мислело да бидат и функционални. Во внатрешноста на куќите преовладуваше дрвени елементи како: мусандри, долапи, миндери, а и самите скали во внатрешноста биле од дрво. Во долните спратови најчесто се наоѓале економските простории каде што се чувале сите потребштини на домаќините. Во горните спратови задолжителен е чардакот каде што често се седело и се пиело кафе, а таму се наоѓале и спалните и гостинските соби.

Сината боја на дрвото исто така е карактеристична и за внатрешниот простор на куќите. Во собите имало ѕидани камини, а за затоплување се користел и мангал (метален сад декоративно изработен во кружна форма). Подовите се прекриени со килими со богата орнаментика, а на прозорците се поставувале рачно извезени завеси. На камините се поставувале, свеќници, ламби и други украсни фигури, а на ѕидовите слики, часовници и огледала со дрвени резбарени рамки. Се седело на миндери кои биле покриени со покривки од волна или јамболии со перници за потпирање. Ѕидовите и таваните често биле насликани со елементи од флора и фауна. Таваните често биле и дрвени со централна розета која била изрезбарена и во вид на сонце. Осветлувањето во собите било со газиени ламби.Во неколку збора, старите крушевски куќи се спој на убавото, практичното и функционалното!

Градоначалникот на Крушево и неколку амбасадори во галеријата Никола Мартиноски

Кога се зборува за крушевската архитектура, не може а да не се спомене споменикот “Македониум” кој спаѓа во едно од најзначајните архитектонски дела во поранешна Југославија, каде што се наоѓа гробот на Никола Карев – претседателот на Крушевската Република, како и биста на нашиот Тоше Проески. Ова ремек дело е изградено во 1974 година од страна на Јордан и Искра Грабуловски и ги претставува вечната борба, непокорот и стремежот за слобода на македонскиот народ. Се протега на голема површина и започнува со раскинати пранги како симбол за ослободувањето на македонскиот народ, продолжува со дел каде што се испишани најголемите борци кои загинале во Илинденското Востание и Народноослободителната борба, потоа следи летна сцена со камени столчиња и колоритно-мозаични елементи од страните и на крај завршува со самата купола, издигната на 1320 метри надморска висина од каде што има и прекрасен поглед на градот. Внатрешноста на куполата импресионира со различните релјефи, мозаици и витражи кои едноставно ви го одземаат здивот! 

Share on:
Krusevo Advisor

Krusevo Advisor

error

Уживате во нашиот сајт? Споделете да дознаат и другите. :)